Туристички водич

/, Литература, Блесок бр. 12/Туристички водич

Туристички водич

Никогаш повеќе, па јас сум новинар да му се сневиди, не некаква дадилка. Сепак се обидувам да бидам добар човек и не можам да кажам не. А кога за првпат ги сретнав Лејверовите, ми се допаднаа, потоа, кога ми се јавија им реков дека ќе им средам за кола и ќе им покажам малку наоколу. Во оваа земја сум веќе две години и известувам за актуелните настани. Испраќам стории достатно често, им го доставувам тоа што го бараат, иако, да бидам искрен ништо посебно не се случува.
Главно успеав да ги обиколам местата надвор од градот, сметајќи дека си ја вршам работата. Бегав што подалеку од туристичките места, подалеку од странските и дипломатските толпи, странските воени претставници и бизнисмени, подалеку од малкуте туристи што ги има тука. Ако ова си го велам себеси, тоа значи дека го сакам чесното искуство. Обично продушкувам низ биртиите надвор од главните патишта.
Отпрвин мислев дека се работи за покана а не барање.
– Би сакале да ги видиме старите цркви за кои ни кажуваше и за езерото на запад. Навистина би сакале да ни се придружиш.
Така барем таа ми објасни. Но тие не знаеле како овде да изнајмат кола. Навистина тие немаа поим за ништо. Па добро, се прифатив за некаков туристички водич. Тоа би можел некако и да го изведам.
– А каква кола сакате да ви набавам? Знаеш како е, помала кола, поевтина.
– Поевтина е подобро, рече таа.
Звучи надежно, си помислив, со оглед на тоа што ми беше познато дека Лејверови имаат четири члена. Ден беше дојден тука со некоја стипендија за професори, а со Мери имаат две деца генијалци. Едното има седум години а другото две. Е, па добро. Помала кола значи дека таа нашла бејбиситерка.
Но, таква среќа не ме огреа. Ене ги, сите четворица ме чекаат пред нивната зграда, натоврени со ранци, со торби за пазар, полни кутии сокови, леб, слатки, бебешки шишенца, играчки, пелени за една употреба. Сите можни глупости. Од едната торба капеше некаква течност уште пред да тргнеме. Добро. Требаше да знам. Опушти се, нека оди како што тргнало. Тоа значи дека нема да ја искачуваме планината Гали и дека нема да минеме часови во муабет со вино. Добро. Нека оди по ѓаволите.
Така се напикавме во колата, се стиснавме еден до друг и тргнавме надвор од градот. Јас возев. Ден на местото до возачот. Мама и генијалците на задното седиште.
– Што е поголемо километар или милја? прашува Мет. Тој е едно од оние деца кое зборува несоодветно за својата возраст. Цело време зборува за тоа како се градат куќите, за руската вселенска станица, за тоа кои китови се најголемите. А има едно пискаво гласче, небаре се обидува да зборува додека некој му ги штипка двата образа. Погодувам дека прашањето ми беше мене наменето. Устата му е речиси на моето уво, жими бога.
– Милјата е поголема, велам.
– За колку поголема?
Зошто не си седи таму на задното седиште и да си чита за „Рибарот и рипката“, или нешто друго, што и да е.
– Двапати поголема, а?
– Не, не е за толку поголема. За околу една половина.
– Како го мислиш тоа?
– Тоа е како да имаш еден километар, потоа земаш половина од другиот и му ја додаваш на првиот. Ете тоа е милјата.
– О, значи така.
За миг тој е мирен. Јас пак одново му се обраќам на Ден за да му ги опишам местата што ќе ги видиме. Но никако не успевам да го довршам тоа што го кажувам.
– Дали е точно?
– Што дали е точно?
– Дали милјата изнесува еден плус и една половина од километар? Или има уште некои децимали? Да има и некои децимали не се сеќавам точно, му велам, би можел некогаш да провериш.
Во меѓувреме мама се обидува да го намести помалото синче да спие во нејзиниот скут. Иако без многу успех, бидејќи генијалното дете продолжува да рипа, наведнувајќи се накај мене за да ми викне на уво, а потоа отскокнувајќи се враќа назад на седиштето. Братчето, пак, почнува да плаче, се слуша некаков звук како кога се кине пластична кеса, и неподнослива смрдеа ја исполнува колата.
Барем да имавме караван кола, си помислувам.
– Мамо, сакам нешто газирано.
– Можеш џус да се напиеш, Мети. Имаме само џус.
– Но јас сакам газиран сок.
– Џусот е подобар за тебе, има витамини.
– И газираниот сок има витамини.
– Тоа не е добро за тебе. Освен тоа, ние немаме газиран сок.
– Но јас видов една продавница, веќе ја поминавме. Би можеле таму да купиме.
– Прво напиј се џус. Потоа можеби ќе застанеме за газиран сок.
– Ама јас сакам газиран сок.
– Те молам Мет, седи мирен барем за кратко и напиј се џус.
Ќе ве оставам да погодите кој ќе ја добие оваа битка за моќ. Така ја свртев назад колата и се вративме неколку километри, а можеби беа и неколку милји. Нека оди по ѓаволите, си помислив, оди наполни бензин и пушти вода. По петнаесетина минути, тргнуваме со полна кола пластични шишиња со уште некакви слатки и кикирики. Можеше лесно да се предвиди дека по сето ова на колата ќе ѝ треба добро чистење со шмрк.
Се чини дека газираниот сок содржи кофеин бидејќи отпочна фаза на прашања; од какви карпи биле составени планините, дали тие што ги изминавме се цигани, разликата меѓу мазгата и магарето, колку видови риби има во езерото, која големина, дали знам да ја играм таа и таа компјутерска игра…
Преживеав некако бидејќи знаев дека наскоро ќе застанеме за појадок. Всушност, прво сакав на Ден и Мери да им го покажам манастирот веднаш до ресторанот. Јас веќе ја имав посетено црквата. Изградена е во византиски стил, од цигла и камен, а одвнатре со заплеткани ниши со богата декорација. Штом влеговме двогодишното синче почна да трча по килимот во кругови, додека брат му црташе по фреските со лепливите прсти следејќи ги контурите на светците. Родителите се воодушевуваа на резбата и ме прашуваа колку знам за зографите, и се чинеше како да не ги слушаат викотниците на нивното ѓаволесто синче. Го здогледав свештеникот како доаѓа. Веднаш се упатив кон излезната врата, небаре не бев дел од сета таа бркотница, и само кратко го поздравив. Тој пак МЕНЕ ми се обрати со зборовите дека се ноѓаме во свето место и дека МОИТЕ деца не треба да трчаат низ црквата. Во ред, извинете, реков. Немаше зошто да му објаснувам дека не се мои. И онака требаше да си заминеме.
Чуварот, поставен близу до излезот на манастирот, се сети на мене од претходната посета и беше мошне зачуден зошто еден странец како мене се појавува во оваа улога.
– Можеме ли да се напиеме по едно кафе, ме прашува.
Во други околности таквите покани никогаш не ги одбивам, не сакам да ги навредам луѓето. Освен тоа, на овој начин ги запознав сите овие места, седнувајќи со некого, низ прашања и низ слушање за нивната историја, или барем за една верзија од таа историја.
Тогаш го забележав двогодишниот Зак како се обидува да ја прекачи оградата додека брат му ја бркаше мачката низ дворот, викајќи и мавтајќи со стапот по неа. Нивните родители, пак, ми дофрлија една од оние насмевки во стилот „Зарем не се слатки?“.
– Навистина ми е жал. Ќе го оставиме кафето за другпат, му ветувам на чуварот.
И така светата глутница демони се упати на јадење во ресторанот. Седнавме надвор на масата под дрвото и од таму се пружаше поглед кон реката што се влева во езерото понатаму на југ. Нарачавме телешка чорба со леб. Јас нарачав и чаша вино. Не само заради тоа што возев туку едноставно чувствував дека сум заслужил една чаша вино. Всушност и децата беа мирни за некои две минути. И тогаш некакви мачки се прикрадоа до нашата маса а Мети вресна толку силно што за малку ќе ја турнев чашата.
– Заки, Погледни!
– Ааахх!
За миг мачките застанаа како вкопани во место, потоа свртеа налево круг и јурнаа накај дрвјата, по нив небаре индијанци тие викаа и мавтаа со стаповите. Можев да се заколнам дека помалиот ќе си извадеше очи додека така трчаше.
– Мачките не знаат со кого си имаат работа, рече Ден гледајќи во мене со насмевка.
– Ден, сакам тие да ја дојадат чорбата, вели мама, секогаш загрижена за нивната правилна исхрана.
– Немај гајле, ќе ја изедат ако се гладни.
– Ама страв ми е, Зак е толку близу до водата.
– Ништо не му е.
– Добро, сè додека ти си тој што се грижи.
– Тие се океј.
– Сосема се дисциплинирани, си помислив.
Откако се искачија на дрвото, мачките стоеја на една гранка стуткани и со ококорени очи. Таму беа сигурни сè додека Мет не најде еден подолг стап, но штом почувствуваа дека замавнувањата им се доближуваат, мачките летнаа кон врвот од дрвото. Во меѓувреме, келнерот што нè служеше излезе и се упати кон нас, но не знаејќи што да каже, само го забави чекорот и се врати во кујната.
Надокрај ја плативме сметката и си заминавме, оставајќи ги двете недопрени чинии чорба. Потоа, се разбира, Мет почна со гласното зборување од задното седиште.
– Гладен сум.
– Ха, ха! извика Ден, сметајќи дека сето тоа е смешно – нели ви реков да си ги дојадете чорбите.
– Ама јас бев зафатен.
– Ти само сакаше да ги измачуваш мачките. Касни некое колаче.
Убаво, си помислив, уште само шеќер му треба за да се смири.
Во таквите услови одвај чекав да си резервирам соба во хотелот и да си најдам прибежиште зад заклучената врата. Иако престанав да пушам, си земав за право дека сум заслужил кутија цигари и шише вино. Со нетрпение исчекував да си седнам на балкон и тивко да го набљудувам езерото препуштајќи му се на виното.
Се пријавивме во хотелот каде што и претходно престојував. Ништо посебно. Но собите беа чисти и евтини и го вклучуваа појадокот, макар и да беше леб, џем и кафе. Ако ги добиеме и собите со поглед кон езерото ќе можеме да гледаме кон највисоките планини покриени со снег, а кои ја формираат западната граница на земјата. Освен тоа, начинот на кој светлината си игра на водата, особено при зајдисонце, има едно фино смирувачко влијание.
Добив соба само за мене на третиот кат, Лејверовите добија поголема на вториот кат. Откако ги предадовме пасошите на рецепцијата и ги добивме клучевите, тргнавме со торбите кон лифтот. Ја подадов раката за да го притиснам копчето, но Ден кој го носеше в раце двогодишното, синче се испречи пред мене.
– Заки сака да го притисне копчето. Заки, сакаш ли да го стиснеш копчето?
Ова ни одзеде околу половина час бидејќи копчето имаше тврд федер и Заки никако не можеше да го притисне доволно силно со своите малечки прсти. А откако влеговме во лифтот уште еднаш ја поминавме целата таа процедура, прво со копчето за вториот а потоа и со копчето за третиот кат. Кога конечно детето успеа да нè стави во движење, целото семејство се разџагори, небаре тој го лансирал вселенскиот брод.
Лејверовите се симнаа на вториот кат, сите освен Мет.
– Сакам да ја видам неговата соба! Многу убаво, си помислив.
– Добро, рече Мери, но запамети дека сме во 233.
– 233, повторив. Го запамети ли бројот?
– А…?
– 2-3-3 … 2-3-3.
Добро, си замислив дека ќе го игнорирам малото ѕверче додека да му стане здодевно и додека не им се придружи на родителите. Ја најдовме собата и, се разбира, тој мораше прв да ја отклучи. Потоа истрча пред мене внатре, отиде кон стаклените врати на лизгање, ги тргна завесите и како стрела излезе на балкон. Се обидов да изгледам сериозно зафатен околу распакувањето на торбите, со недеж дека детето ќе ја добие пораката.

АвторРичард Гофрeн
2018-08-21T17:22:06+00:00 јануари 1st, 2000|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 12|