Туристички водич

/, Литература, Блесок бр. 12/Туристички водич

Туристички водич

– Како се вика планината?
Леле, пак ли е време за нов квиз, се одвлечкав некако до балконот носејќи го со себе шишенцето со шампон кое се преправав дека го студирам и читам последните неколку минути.
– Уф? Реков.
– Како се вика планината?
– Не знам.
– Дали го знаеш името на некоја од тие планини?
– Не, ја знам само планината Гали, но таа не е од оваа страна.
– Какви птици се оние?
– Кои птици?
– Оние таму, тој мислеше на малите црни корморани што пловеа заедно по површината, исчезнувајќи еден по друг под водата.
– А оние таму, тоа се корморани.
– Можат ли да летаат?
– Секако дека можат да летаат.
– Зошто тогаш не летаат?
– Не знам. Можеби не им се лета.
– Јас можам да летам! Извика тој и се врати во собата со раширени раце продолжувајќи да скока врз креветот небаре тренираше за олимпијада.
– Можам да летам!
– Еј, Мет, ми го валкаш креветот!
– Не го валкам.
– Како не, си трчал насекаде со тие чевли.
– Добро, рече и рипна од креветот. Тогаш си помислив, замисли тој ме послуша. Но тој пак скокна назад без чевли, рипаше сè повисоко и повисоко врз креветот врескаше и мавташе со рацете.
– Морам да одам во бања, му реков.
Зад себе ја заклучив вратата и ја пуштив водата да истекува во умивалникот и така се џарев во огледалото. Конечно мадраците се смирија и му го слушнав гласот.
– Си одам во мојата соба.
Конечно, си помислив.
– Добро ќе се видиме подоцна.
Излегов од бањата ја заклучив вратата и се фрлив врз креветот воздивнувајќи со олеснување.
По половина час заѕвони телефонот. Ден ме прашува што мислам за ручек. Децата треба побргу да јадат, рече. Сметаше дека би можеле да јадеме нешто што има во хотелот, а утре да одиме во рибарското село што му го предложив.
Хотелскиот ресторан беше доволно голем да ги собере сите свадбени гости и други слични, но во тоа доцно попладне, само неколку недели по туристичката сезона, салата ни припаѓаше само на нас и на едно друго семејство. Веројатно излегле за викендот од градот и тукушто го завршуваа доцниот ручек. Всушност, тоа беа две брачни двојки со девојче на иста возраст како Зак. Девојчето се врткаше срамежливо околу столот на мајка си, се насмевнуваше, а потоа се нурнуваше под масата. Додека го чекавме јадењето Мет ја започна следната серија на распрашување; колку хотели има на езерото, дали се наоѓаме во најголемиот, како тоа да не сме во најголемиот. Колку стимулативен разговор, си помислив. Во меѓувреме, Ден и Мери се обидуваа да го оженат помалиот син.
– Ајде, Заки, можеш да си играш со неа. Но тој повеќе сака да ги отвора кесичките со шеќер и да прави лепливи купчуња врз чиниите, односно повеќе врз чиниите отколку околу. Затоа, пак, Мет не е исплашен ниту од едно од овие локални девојчиња, тој трча кругови околу масата на другото семејство. Но тие не се вознемирени и полека го пијат своето кафе по јадењето. Набргу потоа Зак се затрча по Мет а девојчето се ослободи и влезе во акција. Тоа беше како да сум заробеник во некоја детска градинка, со три деца што пиштеа и трчаа околу, се криеја зад завесите и се пикаа под масите.
Другите луѓе нè посматраа нас. Можев да им ги читам мислите: ние сме попустливи странци, сè може да помине кај нас, доаѓаме на овие места и мислиме дека ги поседуваме. Не помина долго и тие го собраа девојчето и заминаа, ни кимнаа со главите додека поминуваа. Но насмевките им беа изнасилени, не премногу пријателски. Веројатно си помислуваа „кој може да ги обвинува овие странци“, си мислев. Најлошото во тоа беше што јас изгледав како соучесник.
Откако јадевме, Ден реши да одиме со кола до градот за да ги разгледаме продавниците, и можеби да каснеме нешто за десерт. Им дадов упатства, им го дадов клучот од колата и се извинив дека имам некаква работа да завршам. Си купив шише вино, отидов во собата и се обидов малку да дремнам, пиејќи сам и играјќи се со далечинскиот ТВ управувач.
Следниот ден навистина отидовме во моето омилено место на пастрмка. Ја паркиравме колата на главниот пат и почнавме да си го пробиваме патот низ тесните улички на рибарското село, надолу кон ресторанот покрај езерото. Седнавме на масата надвор и нарачавме јадење што требаше да биде едно од моите најубави јадења во животот.
– Погледни колку пати можам да фрлам каменче и да отскокне над водата. Мет, чудото од дете се наоѓаше до самата вода. Потоа се искачи кај нас и почна да ме влече за јакната.
– Ајде да најдеш рамни каменчиња, ми рече.
– И така, почнав да правам „жапки“ на водата со моите двајца соиграчи.
Наскоро Зак мораше да ги обеси неговите мокри чорапи на работ од масата, потоа се растрча бос и почна хистерично да плаче кога се удри од некое остро каменче на плажата. Набргу потоа се смири кога виде еден куп грозје што на некој му имаше паднато на патеката. Врз грозјето имаше отисок од стапало токму по средината па претпоствувам дека лилјаковиот отисок во вид на сок му го отворил апетитот и тој го лапаше како закуска.
– Ден, погледни го што прави! Лејверовите секогаш се расправаа околу тоа како треба да се контролираат децата. Се разбира, расправиите никогаш не водеа никаде.
– О, па тој си е добар.
– Но погледни го, јаде од земја.
Мери само малку се закикоти кога го посочи ова. Веројатно во целиот свој живот никогаш не рекла не.
– Си нашол грозје, грозјето е добро за него.
– Ама целото лице му е замачкано! Дојди ваму, Зак, мама ќе ти го избрише лицето.
И така токму кога стигна пастрмката на скара и кога се обидував да каснам од салатата што ја бев одложил поради лекцијата по фрлање каменчиња во вода, Мери почна да ја мокри салветата во чашата вода за да му го избрише лицето на синчето. Со тоа одново го расплака.
Салатата, сирењето, супата од риба, пастрмката виното, сето тоа беше некакво сновидение, бидејќи штом ќе ја ставев раката на полпат до устата секогаш некој ќе ме боцнеше и јас морав да одговарам на некое глупаво прашање. Ни самиот себеси не можев да се слушнам бидејќи другиот веќе наоѓаше некоја причина да почне со плачење.

* * *

Турнејата заврши со застанување на јужниот крај на езерото кај манастирот што лежи на падините на помалиот рид. Имавме намера да ја посетиме цркавата и одевме полека низ зашилените чемпреси, низ градините со рози и помеѓу шарени пауни со бои што се прелеваат. Не можевме веднаш да влеземе во црката, бидејќи имаше венчавка. Седнавме на камениот ѕид што го опкружува манастирот и го гледавме езерото како го впива сонцето. На Ден и Мери им се допадна местото и беа задоволни што ги донесов таму. Тие се во ред, навистина немам ништо против нив.
Мет и Зак, меѓутоа, како родени да бркаат сè што се движи, ги пронајдоа пауните. Јас се вкочанив кога ги видов како трчаат по нив, потоа видов како едната од големите птици ги рашири крилјата, замавна двапати и скокна врз галавата на Зак. Детето испушти еден пискав крик. Мери дотрча и кога му се доближи речиси го завитка со своите раце. Изгледаше исплашено, лицето ѝ беше црвено и дишеше брзо. Дури кога тој престана да вреска таа се осмели да го погледне.
– Дај да те видам, малечко мое.
Можеше да се констатира дека е добар токму поради начинот на кој се присилуваше себеси да продолжи со плачење. Надолу по лицето имаше две црвени гребнатинки од канџите, но не беа некои длабоки посекотини, туку гребнатинки.
– Ох, боже, за малку, тоа беше сè што рече Ден. Тој беше блед. Јас не реков ништо, но знаев дека со тоа сакаше да каже колку близу до очите го поткачила птицата.
– Ако само уште еднаш му се доближи птицата, ќе има работа со разлутената мајка, рече Мери. Секако можев да видам дека многу се грижи за своите деца, претполагам дека е таква мајчинската љубов и сето што оди со неа. Но не можев да се оттргнам од мислата дека едно удирање со стапче одвреме навреме би ги држело децата под контрола и, нам би ни овозможило малку мир и спокојство. Признавам дека сочувствував со птицата.
Свадбената поворка ја напушташе цркавата а Зак се врати во нормала, кога Мери ми дофрли, точно се сеќавам на нејзините зборови:
– Ден и јас би сакале да ја погледнеме црквата внатре, океј? – тоа е сè што ми рече. Верувам дека сакаше да ми каже дали можам да ги надгледувам децата но тоа беше сè што ми рече. ¥ одговорив со едно океј. Точно се сеќавам за тоа бидејќи бев изнервиран од начинот на кој ми се обрати; навистина, тоа беше сè што ми рече.
– Добра идеја, ѝ реков мислејќи дека знам доста за многу векови старите фрески што тие сакаа да ги видат како и за гробот на основачот патронот и светецот на црквата. Со тоа не мислев дека за мене е добра идејата да ги чувам децата додека тие ја разгледуваат црквата и зошто тогаш би се очекувало јас да ја преземам работата. Не е таа повикана да ми предложи такви работи.
Заминаа кон зградата а јас помалку или повеќе се грижев за децата. Не дека требаше да ги чувам, Зак веќе сосема се опорави и се чинеше дека ја научил лекцијата да не се тормозат пауните.
Мет ми ги покажуваше гуштерите кои се печеа на ѕидот меѓу црквата и стрмнината што водеше кон езерото.
– Ако фатиш еден од нив ќе ти дадам долар. Идејата ми беше да го одржувам во акција, се работеше за безопасни влекачи, кои не можат око да му извадат. Освен тоа, многу брзо бегаат. Затоа се помислив дека ниту Мет, а уште помалку Зак би имале шанси да ги фатат.
Со едно око го надгледував Зак поради паунот што беше во близината. Сепак сакав да знам нешто за свадбата за тоа кој се венчава и каква е церемонијата. Со една жена и маж се замуабетив. Се покажа дека биле роднини на младенците, ми раскажуваа за обичаите околу крунисувањето и како на масата се става леб и вино. Разговорот траеше неколку минути и тоа беше сè. Искрено да кажам и така не го владеев доволно јазикот за да можам да навлезам во сите детали кога, наеднаш од работ на ѕидот, избезумен човечки крик. Никогаш нема да го заборавам тој глас.
Првата помисла ми беше дека е Зак, но него сè уште можев да го видам на неколку метра од мене како чепка во ѓубрето.
Додека стигнав до жената којашто покажуваше надолу кон водата, веќе имаше многу луѓе насобрано, Мери долета од којзнае каде, лицето ѝ беше црвено и ме сечеше со погледот додека поминуваше. Помислив дека ќе биде следната што ќе падне врз карпите надвиснати над водата.

* * *

Тоа се нарекува сложена фрактура на подлактица со неколку набиени ребра. На пријавницата ми рекоа дека ќе го отпуштат за ден или два. Бездруго ја загубил рамнотежата одејќи по ѕидот, не знам дали се обидувал да фати гуштер. Можеби се обидел да лета. Родителите на Мет заедно со помалиот брат ги однесоа со комбето што служеше како брза помош.
По неколку часови отидов до клиниката со рентираната кола за да се распрашам. Засега останувам во хотелот, но претпоставувам дека е малку доцна за да им кажувам како се одгледуваат деца. Некои луѓе тоа го научуваат на потешкиот начин.

Превод од англиски: Ленче Милошевска

АвторРичард Гофрeн
2018-08-21T17:22:06+00:00 јануари 1st, 2000|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 12|