Нема живот на Марс

Нема живот на Марс

ОК. Ќе бројам до 30. Ако се завртам и видам дека ме гледа, значи дека го имам, а се прави дека го немам.

Не гледа.

Срање.

ОК.

Ќе бројам до 60. Ако тогаш НЕ ме гледа…

 

Он:                  Наеднаш како струја да ѝ помина низ телото. И ‘рбетот како да ѝ живна, стана мек, змиулест и топол. Некогаш ми се чини дека целата се претвора во змија.

Она:                Да го ебам, гледа. Сега требаше – да не гледа.

Он:                  Да го ебам, ме виде. Што мислиш, може ли да ми чита мисли? Може ли тоа некако да се чита од очи?

Она:                Добро. Тогаш вака ќе направам. Ќе мерам пет минути. Ако во рок од пет минути ме викне, значи луд е по мене.

Он:                  Ниеднаш не се заврти. Ми е гајле. Мора да работам, имам работа. Немам време да зјапам во тој нејзин змиулест ‘рбет. Па што, има големи уши. А не е ни толку згодна.

Она:                Не ме покани. Идиот. Одам да работам, немам време да бројам минути. А не е ни толку згоден.

Он:                  Па ни уста нема многу убава, а и носот ѝ е бабурест. Да ја ебам, зошто мораше сега нозете да ги крене на бирото?

Она:                Кој го ебе. Не ме интересира. Е па, да броиш до 30?! Му доликува ли на некој од 40?

Он:                  За мене ли таа ги крева нозете? И од каде ѝ е тоа право да доаѓа на работа во толку куси шорцеви? Многу невкусно.

Баш ме интересира – каков вкус ѝ се колената?

Она:                Неверојатна е поврзаноста меѓу здодевните документи и либидото. Можеби моиве документи би можела да ги патентирам како афродизијак?

Он:                  Пак се пипка. Па добро, нормална ли е?

Она:                Пак не ме гледа. Ми е гајле, одам на кафе.

Он:                  Кај ќе оди сега?

Она:                Да го викнам? Нема. Ама, зошто па да не, френдови сме, стопати сме биле на кафе.

 

Таа:                 Одам на кафе. Сакаш?

Тој:                 Може, донеси ми едно, со млеко.

 

Она:                Кој кретен.

 

Таа:                 Нема да дојдеш со мене долу?

Тој:                  Имам состанок, сега.

Таа:                 Аха. Значи со млеко? Со ладно, нели?

Тој:                  Со ладно. Да.

 

 

Она:                Кретен.

 

Таа се враќа. Тој седи крај компјутерот со слушалки на уши. На состанок е. Телефонски.

Таа му го става кафето на биро.

 

Таа:                 Повели, колега.

Тој:                  Фала. (Вели тој наградувајќи ја со најубавата насмевка што можеше да ја извлече.)

 

Она:                Факт е, има убава насмевка. Тоа ми е, можеби, најдраго, таа насмевка. Или погледот. Можеби сè е во погледот? Ебаго, кој кур ми е, па човеков го знам веќе десет години. Што ми стана одеднаш?

Тоа е поради оној разговор од пред некој ден. Кога го слушнав како со Марко разговара за онаа Елена од вториот кат. Опасна женска, сите се палат на неа. А тој рече дека не е ништо посебно, дека има многу поинтересни мачки, на пример – јас. Дека, откако сум се вратила од породилно, многу сум се разубавила.

Вистина – рече и некои други колешки…

Он:                  Ме интересира, дали таа воопшто насетува дека ме интересира.

 

Тој:                  Да, да, извинете, не слушнав што рековте на крај. Да, лоша е врската. Аха, во врска со пресметката. Аха, да…

 

Она:    Постојано е на тие конференции. Никогаш не можам да зборувам со него. Да имам барем огледало, да видам дали ме гледа. Утре ќе донесам огледало. Ама, кој кур ми е мене? Какво огледало?! Па мажена сум, ебаго. И тој е оженет. Какво црно огледало? Само што ми е здодевно. Мора да почнам да ги читам овие документи, зашто инаку ништо нема да стигнам да направам. Ако не ги прочитам за половина час, ќе заглавам.

 

превод од хрватски: Катица Гароска Ацевска

АвторУна Визек
2022-08-31T20:01:14+00:00 август 29th, 2022|Categories: Текст, Театар/Филм, Блесок бр. 145 - 146|