Скриената камера на Димковска

/, Литература, Блесок бр. 60/Скриената камера на Димковска

Скриената камера на Димковска

Ова дело ја следи животната врвица на Лила, која го проживеала и е фасцинирана од своето дома, но уште повеќе од своето странство, но воопшто не е растргната како во голем дел од македонските дела каде дистинкцијата тука : таму е најчесто гибелна за ликовите. Воопшто не стравува од губењето на своето Јас и своето Дома низ европските метрополи, туку напротив, отсутноста од Дома и помага да ја пронајде истата во: дискусиите за романската литература на паузите меѓу предавањата во Букурешт, во порцијата ориз во Тајпеј, во мирисот на омекнувачот „Ленор“ во Виена, во хотелската соба во Стокхолм, во телото на нејзиниот љубен сопруг А. од Љубљана. Но, сепак постои една иронична опозиција меѓу Западот и „земјата“ на Лила. Во првиот дел на романот, скриената камера на Лила ја раскажува првата средба со Виена, каде децата од Балканот, Лила и нејзината другарка Весна ја шетаат Виена заедно со брачната двојка Вера и Исмет кои се ситни шверцери на кафе за Југославија. Дадена е опозицијата меѓу нивната облека изработена од „Црвена ѕвезда“ и „Чик“ (официјалниот trademark во тоа време) и облеката која што доаѓа од тогашниот Запад, Словенија, како „Словенија шпорт“ и „Монтка 501“. Ваквата опозиција на таму и тука е придружена и со коментарите на постарите лица, кои во романот ја кажуваат фразата „гнилото капиталистичко општество“ за западноевропските земји..
Засилена иронија постои и во Хамлетовската дилема на Лила во првото будење во Виена, но не како мало дете, туку по вторпат, како професионален писател, кој добил престој во Виена од некоја фондација за да го напише романот на „своето странство“. Нејзината дилема е „Добро утро, Виена! Ајвар или џем, – прашање е сега?“. Оваа дилема на изборот помеѓу балканскиот ајвар или џемот, како „синегдоха“ на културниот западноевропски оброк, ја става Лила пред чин на избор, дали да се остане своја или да се навлече кожата на странец. Од нејзините претходни искуства знаеме дека можеш да го почувствуваш новиот дом како дом само доколку се претопиш во него и во толпата. Затоа и одбира џем. Оваа нејзина дилема се чини позајмена од словенечкиот филм „Кајмак и мармелад“ (Kajmak in marmelada) од 2003 година, во режија на познатиот („Топ листа надреалиста“) „дисидент“ Бранко Ѓуриќ – Ѓуро. И таму на комичен начин е прикажан „балканскиот менталитет“ во словенечкиот „европоцентричен“ кодекс.
Освен Лила, во овој стан во Виена се наоѓаат уште двајца стипендисти на фондацијата, пакистанскиот етно-музичар Џозеф и албанската фотографка Едлира. Главниот „линк“ со виенската фондација, Австриецот Клаус, кој се грижи за своите стипендисти, уште на почетокот се распрашува за нивните семејни истории на дисидентство и причините за доаѓањето во една западноевропска држава. Деперсонализацијата на уметниците е очигледна кај Клаус, затоа што тој повеќе се интересира за потеклото и политичката припадност на дедовците на стипендистите отколку за самите нив. Лила не останува некритична во однос на ова. Единствено Џозеф има некој во своето семејство кој од политички причини е пребегнат во Франција, додека пак Едлира е внука на близок соработник на Енвер Хоџа, големиот албански комунистички диктатор, кој ја држеше својата земја во тешка изолација сè до 80 години на 20 век, кога по неговата смрт, Албанија се отвори за светот. Но, само навидум оваа девојка се чини дека ги уживала привилегиите на комунистичкиот живот меѓу елитата. Кај Лила приказната е дотолку пофрустрирачка, што таа не може да одбере страна, дали било поубаво во Југославија или во Македонија по осамостојувањето. На подлабоко ниво се гледа дека сепак и таа не е индиферентна во врска со тоа. Имено, нејзините учителки и воспитувачки во неколку наврати ја тераат да напише песна за оздравување на другарот Тито, а по детската зачуденост зошто да не пишува за своите баба и дедо, кои исто така се болни, добива „заслужена“ казна и навреда. Во една друга пригода, пак, ја тераат да ја чита поемата „Јама“ од Иван Горан Ковачиќ, но не облечена по своја желба во долго очекуваните розови алишта, туку по желба на учителката во црн фустан и бела кошула, при што манифестацијата е прекината. Скриената камера дури дава и епизоди на детството во градинка, во периодот кога автомобилите возеле во парни и непарни денови8F, а и децата оделе во градинка во парни и непарни денови. Се чини дека „бинарниот систем на Лајбниц“ бил застапен дури и во детските градинки. На денот на жалост заради смртта на другарот Тито, 4 мај 1980 год. дежурната заболекарка одбива да ѝ го извади болниот заб на малечката Лила со образложение дека не требало денес да ја заболи забот, затоа што сите се во жалост, и дека забот и треба да боли, кога веќе сите се во болка и тага заради смртта на претседателот. Вакви ситни епизоди ја тераат Лила да биде во голема мерка критична кон поранешниот систем, но тоа не го прави со бирање на некоја „квазинационалистичка“ страна (и денес карактеристична за голем дел од довчерашните „врли“ комунисти кои преминаа во националисти и капиталисти преку една неверојатно „експедитивна мимикрија“ – таков е случајот и со чичкото на Лила, кој од заколнат комунист, по осамостојувањето во 1991, станува нивни заколнат противник), туку, напротив, го прави со космополитски патриотизам, доволно сигурна за тоа што е и која е. Единствено таков човек практично е способен за културна размена и соработка, за средба со култури и цивилизации. Лила го чувствува својот дом секаде каде што е литературата и нејзиниот А. Домот на поетот е онаму каде што се и неговите стихови. Затоа поетите го живеат егзилот како креација. Оттаму и фасцинацијата од делата на Цветаева, Бродски, Набоков и редица други поети кои во егзилот го осознале своето литературно „светилиште“. Во една пригода Лила вели: „Ако мене некој ме праша за дефиницијата на поезијата, еве што ќе му речам: Поезијата, брате мили, е воспаление на помнењето, и ништо повеќе или помалку“.9F Номадската природа, проживеаните средби и запознаените луѓе се оние кои го креираат арсеналот за нашето пишување. Речиси сите ликови со кои се сретнува Лила при нејзините патувања се отворени луѓе, кои на драга волја ја осознаваат Лила и македонската култура. Но, во романот има и примери за ксенофобија од страна на некои ликови.
Платената уметност на Албанката Едлира во Виена е да ги фотографира талозите од кафе по испиените чаши. Овој модерен тип на уметност кај неа влече корени од нејзиното детство. Ако се повикаме на „абјектната уметност“ (со која подетално се запознав во делото Санитарна енигма10F, кое ми помогна да направам извесни „нови читања“ на романот), во остатокот да се најде уметничкото, ќе се сложиме дека талогот на кафе кај Едлира е поврзан со епизодите од нејзиното рано детство, кога била принудена со своите сестри да одат во друга соба и да молчат, додека дедото комунист (соработник на Хоџа) седи со своите соработници кроејќи политика. По заминувањето на овие сомнителни гости, на масата во гостинската соба останувале единствено шолјите со талози од кафе. Длабоко во нејзината психа, талогот се поврзал со „нечистотијата“ на делата на овие луѓе, па на тој начин нејзиното ослободување од комунистичкиот режим резултирал и со фасцинацијата од валканите шолји со кафе. Забраната во детството да се чепка по талозите од кафе, сега е заменето со слобода на нивно фотографирање. По падот на комунизмот, талогот е веќе демократски абјект кој може да се разгледува, па дури и да се третира како уметност. Јасна е паралелата:
– талог по испиеното кафе со
– гневот што останувал по заминувањето на „важните“ гости со
– дамки по „гозбата“ на луѓето кои никој не ги видел, туку само бил предупреден за нивното присуство.11F

#b
8. Тука интересно е даден детскиот аспект на „полигамијата“. Во еден од оние денови (во периодот познат како „стабилизација“) кога Лила не смеела да оди во непарен ден на училиште, затоа што претходниот ден бил „нејзиниот“ ден за на училиште, ја чувале разноразни тетки и комшики, кои според нејзините кажувања, секојдневно ја „ветувале“ за своето комшиче или внук. Интересно е како преку ваквите шеги во младоста полесно се преминува преку „ бенигниот промискуитет“ кој дури и се одобрува, за подоцна моралот и јавното мнение во патријахалните средини ја гушат оваа во младоста антиципирана „слобода“.
9. Димковска, Лидија: Скриена камера, Магор, Скопје, 2004, стр. 206
10. Котеска, Јасна: Санитарна енигма, Темплум, Скопје, 2006
11. Мораме да имаме и предвид дека талогот од кафе и фасцинацијата од него, е присутна и во голем дел од муслиманскиот свет, но и Балканските држави кои долго време биле под турско – ориентално влијание. Гледањето на кафе е важен ритуал и ден денес, како еден вид на домашен секојдневен Тарот, за фрлање поглед во блиската иднина, најчесто кон темите на љубов, пари и здравје.

АвторДушко Крстевски
2018-08-21T17:21:11+00:00 јули 3rd, 2008|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 60|