Медеја и нејзините воени справи

/, Блесок бр. 28/Медеја и нејзините воени справи

Медеја и нејзините воени справи

Медеја и нејзините воени справи
Кобилата Дунавија На Ѓелу Наум

Грчеви, тресења, осамување среде бел ден,
слободно паѓање како начин да се преживее,
портрети од александриско време.
Тешко мене! Копнеев по дожд, по надоаѓање на водите,
по парање на облаците врз картата на романската поезија,
со реки излезени од коритата,
со мостови од лед струполени во посеви со ’рж.

Епименид, еве ме, дојдов! рече Ѓелу Наум
(во меѓувреме Виктор Браунер исчезна од ѕидовите,
се чинеше дека на сила стапуваат надреалистите);
талкав низ идните Сибири, и во Буг веќе бев,
но по некаква случајност сум тргнал по патот за назад кон Земјата,
јавајќи кобила болна од шап и прекршена на две,
бенкичава кобила по име Дунавија.

И помина миг, и помина век, а Медеја
ми порача (знаејќи дека е болешлива) да ја заколам, да ја прострелам.
Цревата како да ми се испреплетоа,
јазикот в мисла ми се врза,
кривев со раката со која пишувам,
поминок ни со мене ни со други немав,
небесниот котел се слизна и падна
и се заби до половина во нивната тробојна и занемена татковина.
И се најдоа тогаш некои вредни момци од Валчеа, од Телеорман
и дури око да ти трепне ја издивнаа и ја одраа бенкичавата;
кожата и ја префрлија врз гривата на еден бел коњ со кренати копита,
а мојот поход кон скутот на татковината
присилен стана, а пред се славен.
Отсега натаму Буг беше далеку, а не пак Куриле
или пак Владивосток.

Епименид, еве ме, дојдов! рече Ѓелу Наум
(Криќанецот Епименид за време на бура
заспива во шуплина на горун
и преспива половина век),
а мојата кобила Дунавија
сега е ракавица или обувка,
војната пак – волчја шума.

Епименид! Епименид!
(Тука ќе се вмеша приказната,
кажувањето на отец Клеопа од пред некоја есен
за клучарот Харалампие како на колена
и стапка по стапка го следел орелот што излетал од амвонот
а потем од дворот на црквата
а потем и од самиот мнастир
и слетал на еден брест и запеал,
Боже, како само запеал!
Отец Клеопа беше уверен дека овој клучар Харалампие
го беше видел рајот дури го слушал орелот,
а орелот пеел ли пеел и по час и половина во амвонот си се вратил,
што за наши услови значи речиси век и половина).

Епименид, Епименид!
Епименид, еве ме, стигнав! рече Ѓелу Наум.
Кожата ти е попрскана со букви.
Мојата кобила Дунавија
ја снема во кожата што сега и талка
среде степи и железнички станици,
а креатурата, призрачката, госпоѓа Медеја
на сите четири страни разгласила
дека човекот е едноставна каша од тревки.

Епименид, стигнав!
Еве ги морфолошките членчиња на мојата кобила по име Дунавија,
еве ја мојата заедница, еве ја Комана
кајшто научив да ловам платика, мрена, зборови, глаголи, зборови,
еве ја кожата штавена со песок и со сол
на кобилата по име Дунавија,
што виси врз гривата на белиот коњ со кренати копита.
Епименид, можно е да заминам,
шуплината во горунот не е повеќе дупка
за престој на сонот на спиењето
по толку поминати децении.
(Цели три години не изустив збор, шлапкав во вирот,
ловев риби и молчев.
Како и рибите, би рекол ти, ама не е така.
Кога дишев, зборував без да изустам збор).

Сум се склопчил во фотелјата.
Самрак, надвор громови татнат.
Нигредо и К.Г.Јунг, катренот од прастари знаци,
гама, јинг и јанг,
автоматскиот диктат божем патријархиски стап,
часовник зафрлен низ куќи.

(Ја пишувам оваа поема врз маргините на еден каталог
на сликарот Максим Д. со наслов Гардероба, живеалиште-кукавица,
си ја облекувам поемата во прачки, во глина, во плевел,
поемата е кукавица;
Гардероба, 190х60х80 см;
техника: прачки, глина, плевел, златна хартија;
материја – плетени прачки, глина, лепешки, синтетичка смола, боја;
во живеалиштето можат да се сместат и кукавицата и поемата;
кукавицата која по дефиниција го негира просторот,
кукавица од пердуви и лет,
кукавица од глина, од глеѓ;
Гардероба, живеалиште-кукавица,
Поема од плетени прачки, од глина од лепешки
и синтетичка смола, поема што треснала во кукавицата,
во глината, во глеѓта).

Епименид, еве ме, стигнав!
Кожата на кобилата Дунавија виси врз ноќната масичка,
поетот упорно ја одбива буквата;
Медеја и нејзината каша од тревки, Медеја и нејзините воени справи,
патријархот надреалист во глеѓта, во глината.
гестикулирајќи си го испишува
катренот од прастари знаци.

(октомври 1994 – март 1999)

АвторЈоан Флора
2018-08-21T17:21:46+00:00 октомври 1st, 2002|Categories: Поезија, Блесок бр. 28|