Азган ангел

Азган ангел

Делото

#7 Како и божествениот Микеланџело, како и виртуозниот Џанлоренцо Бернини, и Томе Серафимовски е уметнички настан од прв ред за сопствената социјална средина. Архивите и библиотеките веќе содржат богати и многубројни реагирања и рецепции на неговиот опус. Без сомневање, бројот на досега објавените и необјавените записи и видувања е толкав што може да биде интересен потфат собирањето на comentari inediti и нивното подготвување за печат.
Томе Серафимовски создава во Македонија. Во современите околности на сеопшта маѓепсаност од моќ и големина, димензиите и силата на современа Македонија не ѝ се нејзини упадливи препораки. Токму затоа, Македонија често се опишува како еден вид егзотична резидуа, како реликт на одамна напуштени видови животна практика, или, во најдобар случај, како еден вид музеј на некогашната слава. Во однос на уметноста, за многумина во светот, на Македонија ѝ е оставена само улогата на провинција која инфериорно ги имитира модерните движења, или на синдроматично летаргична оспеднатост од минатите времиња, невознемирувана од размисли за сегашноста и за иднината. Но ако чувството за тоа дека културните центри, како и центрите на политичката моќ, на академската концентрација и економското богатство, одамна се поместени од Македонија и од подрачјето на Балканот, а тоа не е без основа, сепак, во него не е сета вистина. Ни во најтешките мигови, Македонија не ја загуби својата изворна уметничка ингениозност за да се спушти до нивото на сервилна имитација.
#8 Во неколкуте изминати децении, напротив, таа недвосмислено ја демонстрираше силата на инвенцијата која ги надминува пропорциите на нејзината големина и социјално-политичкото ниво на организација и сила. Во која и да е, па и во најстрогата конотација на зборот, уметничката автентичност не може да биде спорна ниту за македонската музика, ниту за нејзината литература, односно, за нејзината ликовна уметност. Во овој поглед, македонската скулптура предводи, а во плејадата угледни мајстори, еден од нејзините најистакнати протагонисти е Томе Серафимовски. Валоризацијата на уметничкиот опус на скулптурите на Серафимовски добива еден од клучните аргументи против „нужно епигонскиот“ карактер на уметноста на малите народи, особено доколку епигонството се дефинира согласно со класичната определба во уметноста, како „помалку успешни следбеници на една успешна генерација“. Во низа свои остварувања, македонската уметност е изразито автентична, а во опусот на Томе Серафимовски таа се открива како непогрешливо geniuina во сите клучни естетски сегменти – од инспирацијата, до финалната реализација.

#1 Дури и таму каде што мотивите се толку универзални што одвај дозволуваат индивидуална интерпретација, а особено препознатливост на поднебјето или на уметничката традиција (Девојка со цвет, По бањање, Еротика I, Еротика II… ), скулптурите на Томе Серафимовски се недвосмислено негови и, несомнено – македонски, а, сепак, нагласено оригинални, како реализација на сопствената causa finalis. Со грациозност која одвај уште дозволува разликување меѓу сонот и стварноста, овие восхитувачки женски ликови и фигури изнурнуваат од мермерот и од бронзата, со александринска софистицираност, во комбинација со аретиновска провокативност. Мермерот е измазнет дотаму што прилега на грутка масло која, пред наши очи, почнува да се растопува во тава. Мошне свесно одбраната концепција, никаде и со ништо, па така ни со цветот ни со сапунот, не ја напушта воздржаноста и скромноста. Па, сепак, усните на секоја од овие скулптури не го бакнуваат, туку, едноставно, го проголтуваат мигот во кој се затечени и кој толку драматично го споделуваат со гледачот. Не допирајќи нè, тие скулптури внесуваат една максимално интензивна, древна еротска ситуација реализирајќи ја низ најнежни и најмалку еротски поентирани протагонистки што можат воопшто да се замислат.
Томе Серафимовски ги има сите нишани на голема и магнетна уметничка личност – Persona Gratissima. Недвосмислено оригинален, тој е дел од своето време, од поднебјето, од културната традиција, од митолошките синори. Наедно, суверено ги пробива рамките на традицијата и менталитетот во кои е неговиот идентитет, уривајќи ги пристапите кои од уметноста бараат да биде идеолошки инструмент или дидактичко орудие. Таму пак, каде што им се посветува на клучните институции и ликови низ кои се легитимира и се обликува идентитетот на историјата на Македонија (серијата во која се презентирани од Итар Пејо, до Мајка Тереза, преку Теофилакт Охридски, Браќата Миладиновци, Отец Теодосиј Синаитски, Кирил Пејчиновиќ, преку Св. Климент Охридски, Св. Кирил и Св. Методиј), Томе Серафимовски создава радикално оргинално. Овие монументални репери на македонската историска свест, тој ги сугерира без идеализација, со видлива интенција да ги констатира амбивалентностите и јазлите што, низ столетија акумулирани, денес би можеле да ги блокираат инстинктивните реакции и да ги затвораат традиционалните социјални и психолошки патишта за нивна креативна рецепција и за ефикасно социјално дејствување.

#6 Историчарите на уметноста и естетичарите веќе се, а и допрва ќе бидат, на мака со Томе Серафимовски. Од една страна, неговиот зрел опус не ги дискредитира стилистичките дострели во кои се образува и врз кои се инспирира младиот Томе Серафимовски; од друга страна, одвај е можно, консистентно да се покаже и плаузибилно да се аргументира како тој опус, во сета своја еруптивна оригиналност, можеше да израсне од што и да е друго, освен од самиот себе.
Со не помал проблем скулпторот Томе Серафимовски ги соочува и приврзаниците на традиционалните социолошки и психолошки интерпретации на уметноста. Недвосмислено закотвена во низа елементи од социјалниот контекст, од генетскиот код и од психолошката конституција на сопственото родно подрачје, скулптурата на Томе Серафимовски, уверливо и неразбирливо лесно, ги негира социјалните и психолошките детерминанти, како синори кои на секој уметник му го определуваат крајниот дострел. Дека Македонија не е центар на уметноста на Европа, не е спорно. Но некои нејзини уметници, меѓу нив нагласено видливо Томе Серафимовски, недвосмислено според своите дела, му припаѓаат на центарот на секоја па и на европската уметност. Големиот раскажувач, скулпторот Томе Серафимовски, со своите дела, ги допира нервните завршетоци и синапсите, така што тие создаваат еден врвно суптилен систем за реадикална инервација. А дамарите и жилите на луѓето секаде реагираат на истите вечни дразби. Од друга страна, оправдана е максималната претпазливост и темелните детални анализи на неговата поврзаност со императивите на сопственото време и на сопствената земја, и, уште повеќе, со визиите, соништата и идеалите што, макар и ускратени јавно, не престанаа да дејствуваат во хтонските длабочини од националната душа. Во тој контекст, Томе Серафимовски е класичен и врвен егземплар на уметник интертекстуалист. Тој не позајмува, ниту прави плагијати – тој олицетворува, експлицира, го зацврстува она кое само нему му се открило, а кое било, како што ќе се покаже низ неговата презентација, вистината на епохата. Неговите дела се исто толку семиотички, раскажувачки прилози наменети за сите, колку што се и една автотелеолошка исповед.
#10 Умна и страсна, заводлива и медоносна, наклонета кон aletheia, како и кон sophrosine, скулптурата на Томе Серафимовски ги обмислува средината и крајот од ова столетие во Македонија, уметнички асимилирајќи ги прашањата што светот ѝ ги упати во овој период и враќајќи му го на светот, уметнички сублимиран, одговорот на Македонија. Интегрален дел од уметничката нерватура и од менталниот склоп на Македонија, многу повеќе отколку нејзин застапник или интерпретатор, кажувајќи ја својата заводлива и маѓосна приказна, Томе Серафимовски повеќе од сè ја кажа и нејзината порака.
#5 Во монографската студија, посветена на скулптурата на Филипо дела Вале, Вернон Хајд Мајнор заклучува дека секој голем уметник мора да има некаков битен квалитет со кој се дефинира неговиот креативен идентитет. За овој пост-ренесансен скулптор, Мајнор заклучува дека тоа е квалитетот на пасивната смиреност (Vernon Hyde Minor: PASSIVE TRANQUILITY: The Csculpture of Filippo Della Valle, American Philosophical Society, 1997). Клучниот квалитет на уметноста на Томе Серафимовски не е ни во пасивноста, ни во смиреноста. Навистина, тој има во себе нешто ангелско (серафимите се ангели, а серафимовски е ангелски) но ангелот на Томе Серафимовски, скулпторот, е жестоко активен и контемплативно вознемирен.
Неговиот ангел-чувар мора да биде таков зашто ја има тешката задача, својот штитеник, скулпторот, да го води низ подрачјата на најмоќните страсти што е кадарна да ги почувствува човечката душа. Ако Херакле еднаш во животот застанал на крстопатот на кој морал да одбере меѓу светлината и темнината, секоја од скулптурите на Томе Серафимовски е настаната како уметнички транспонирана консеквенција на драматични лични одлуки меѓу небесното и земското (дури и подземното!) царство! Благодарение на силата на својот ангел, тој успева, без видлив напор и секогаш, да ја реши оваа радикална дилема во прилог на посветлите регии. Силата на овој ангел-чувар е толкава што дури покажувајќи дека, многу почесто да отколку не, nomen est omen, самиот скулптор го претвора во еден вид ангел, и тоа – АЗГАН АНГЕЛ! Серафимовски е навистина ангелски силен и магнетен во следењето на креативните повисоки животни и уметнички импулси. Ако противречната, а сепак хармонична, човечка природа, во своите највисоки дострели може адекватно да се определи, веројатно е дека дефиницијата би се движела околу моделот во кој се обединети токму азганскиот и ангелскиот принцип.
Неговиот циклус со АЗГАНИТЕ, затоа, без двоумење, е лична уметничка исповед, персонална легитимација и креативен манифест, но и химна на националното и човечкото настојување да се воздигне и да остане воздигнат, химна испеана и епитомизирана скулптурално. Според својата драматична експресивна густина, според возбудливата енергетска радијација и, особено, според сувереноста на суптилно презентираниот идентитет, овој циклус е кулминација на опусот што веќе сега означува епоха во долгата историја на скулптурата.

   Скопје, 18 јуни, 1998 година.

2018-08-21T17:22:05+00:00 март 1st, 2000|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 13|