ИСКУСТВОТО НА ПЕЈЗАЖОТ – БАНАЛНОСТА НА ЗЛОТО: МОНИКА МОТЕСКА & РОБЕРТ ЈАНКУЛОСКИ

/, Галерија, Блесок бр. 150/ИСКУСТВОТО НА ПЕЈЗАЖОТ – БАНАЛНОСТА НА ЗЛОТО: МОНИКА МОТЕСКА & РОБЕРТ ЈАНКУЛОСКИ

ИСКУСТВОТО НА ПЕЈЗАЖОТ – БАНАЛНОСТА НА ЗЛОТО: МОНИКА МОТЕСКА & РОБЕРТ ЈАНКУЛОСКИ

Монументалните фотографии на отровниот пејзаж, иако имаат улога на документ, припаѓаат на концептуализираниот фотографски израз на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, кои на современите општествени теми им пристапуваат преку ангажиран уметнички јазик. Локалитетите чијашто важност авторите ја нагласуваат се: напуштениот рудник на арсен, антимон и хром Лојане кај Куманово, потоа пејзажот во околината на Табановце каде што со вагони се транспортирала извадената руда, рудникот Алшар и рудникот на мермер во околината на Прилеп во која со детонации секојдневно се одделуваат блокови од камењата. Рудникот Лојане бил активен во периодот од 1923 до 1979 година, прво под контрола на италијанска компанија, потоа на окупациска, а по Втората светска војна, на југословенска (со седиште во денешна Србија), сè до неговото затворање поради веројатно економски причини (неможноста за извоз на рудата поради превисоката концентрација на арсен, што било во спротивност со еколошките закони). Честите промени на сопствениците повторно ги нагласуваат колонијалните практики, како и во случајот со воените конфликти. По прекинот со работа, природниот предел останал напуштен и девастиран, како мртво место (за што зборуваат и научните истражувања[1]). Токсичната земја, со интензивна портокалово-црвена боја полека загадува сè околу себе. Растенијата се сушат и престануваат да се развиваат, додека отровот се шири во природната средина. Истовремено, во непосредна близина, на 100 м се наоѓа училиште во чиј двор денес си играат деца, додека „никој ништо не презема“, нагласуваат авторите.

Големите фотографии на пејзажот од напуштените рудници и видеоинсталацијата со шлемовите и играта на пеливаните ги потполнува видеопроекцијата која меѓусебно го вкрстува целиот концепт на изложбата Искуство на пејзажот. Го поврзува претходното уметничко искуство на обајцата автори, кадрите од сите локации, темата на воените и токсичните страдања, прашањето за животната средина и човекот, насилството и мирот. Во тематскиот дијалог на видеосеквенцата, со перформативно појавување и на самите автори, учествува и звук низ наизменичното појавување на ударите на металните шлемови еден во друг и смеата на децата кои се слушаат во далечината, идните генерации на кои им ги оставаме сопствените (не)дела. Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски со видеоделото креираат одредена временско-просторна и меѓугенерациска линија со која укажуваат на ширината на критичкиот уметнички концепт и размислувања за можните алтернативи што ни претстојат.

Наспроти тегобната тематика, стремежот на авторите е сè да прикажат разубавено и на граница на кичот. Убавината на пејзажот е пренагласена и без познавање на општествено-историскиот контекст, на набљудувачот сцените му изгледаат идеализирано и пожелно на прв поглед, како високо уметнички естетизирани објекти. Или како сликите во мас-медиумите, на социјалните мрежи кои нудат невистинита слика на секојдневјето и среќниот живот. Прашањето за дехуманизацијата на современиот субјект лежи во непрепознавањето на разликите помеѓу фактите и фикцијата (укинување на стварноста на искуството) и разликите меѓу точното и лажното (укинување на нормите на мислење), со што се станува подложен на деструктивните манипулации и пасивизација на критичкото мислење. Авторите проблематизацијата на убавината во уметноста ја доведуваат во врска со дихотомијата на доброто и злото, вистинитото и лажното, веродостојното и искривеното во уметноста и општествената стварност.

Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски се обраќаат на современото општество и го поставуваат прашањето на колективниот однос не само спрема историското паметење, онака како што тоа се претставува во современите медиуми и наративи, туку и спрема општествените односи на моќта кои доведуваат до трауми и затруеност, како на природната средина така и на човекот. Во прашање е критичка употреба на пејзажот во современата уметничка практика, со која авторите ги прават видливи местата на девастација на природата од страна на човекот, било да се во прашање воени дејствија или ископувања на рудни богатства, така што ја доведуваат во прашање колективната слика на минатото, сегашноста и иднината. Критички ја набљудуваат историјата низ човековата потреба да се покори и припитоми природата, што е поврзано со тезата за баналноста на злото на Хана Арент (од 1963 во делото Ајхман во Ерусалим), за тоа дека најголемото зло не го направиле оние што се зли по природа, социопатите, фанатиците, туку оние на кои само длабоко им недостасуваат самосвесно мислење и расудување, послушници кои беспоговорно се покоруваат на хиерархиските устројства, закони и институции на државите на тоталитарните системи, кои соучесништвото, без лична одговорност, го пренесуваат на цело општество.


[1] Feasibility study for Lojane Mine, Macedonia, University “Ss. Cyril and Methodius”- Skopje, DEKONTA, a.s., Prag, 2007.

 

 

 

2023-06-08T11:48:33+00:00 јуни 6th, 2023|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 150|