ИСКУСТВОТО НА ПЕЈЗАЖОТ – БАНАЛНОСТА НА ЗЛОТО: МОНИКА МОТЕСКА & РОБЕРТ ЈАНКУЛОСКИ

/, Галерија, Блесок бр. 150/ИСКУСТВОТО НА ПЕЈЗАЖОТ – БАНАЛНОСТА НА ЗЛОТО: МОНИКА МОТЕСКА & РОБЕРТ ЈАНКУЛОСКИ

ИСКУСТВОТО НА ПЕЈЗАЖОТ – БАНАЛНОСТА НА ЗЛОТО: МОНИКА МОТЕСКА & РОБЕРТ ЈАНКУЛОСКИ

Самиот Балкан низ својата историја бил поприште на борби заради заземање територии, убивања, разбојништва и силувања. Поради својот историски диверзитет и заедништво на христијанската, муслиманската и еврејската култура, како и специфичното вкрстување на истокот и западот, северот и југот, тој се перципира во меѓународната политика како периферија на Европа и место за потенцијални конфликти. Неодамнешните војни од 90-тите години на 20 век кои го следеа суровиот распад на Југославија (СФРЈ) оставија траги во милитаризацијата на државите и општествата, во национализмот, геноцидот, миграциите на населението, меѓународни санкции, хиперинфлација, економска немаштија на населението, бомбардирање, предолга транзиција… Колку искуството на војната останува присутно во меморијата на земјата и нејзините жители, колку пејзажот памети, колку насилство и зло се пренесуваат генетски, мемориски на сите нас, колку нè следат со културните кодови, архетипи и стереотипи, потоа дали војната останува присутна постојано во воздухот на земјата во која се погребани нашите предци и пријатели, поставуваат прашање уметниците Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски со својот концепт.

Моника Мотеска во својата претходна практика се занимавала со истражувања на основните животни односи, како што се прашањето за животот и смртта, човекот и природата, времето и просторот, во различни визуелни медиуми. Со своите претходни инсталации, како што се Дишење под (2018), претставена премиерно во Музејот на современа уметност во Нови Сад или Таксидермија на инсектите (2018), таа ги истражува процесот на архивирање и односот спрема меморијата низ онтолошката потреба на луѓето за работа и чување (со препарирање) на своите резултати за вечноста.

Хорот на шлемовите, мултимедиска инсталација образувана преку собирање на историските артефакти, воените шлемови од Првата и Втората светска војна, потоа југословенските војни на 90-тите години на 20 век, исто така, укажува на интенцијата на авторите да ги разбудат сеќавањата, да укажат на испреплетеност на европската историја, но и да го потцртаат прашањето за апсурдноста на војната. Сегментот на историјата во овој случај е воената опрема од различни извори (германска, италијанска, француска, српска, бугарска, ЈНА…), пронајдена во антикварниците и на отпадите во Северна Македонија и нејзината околина. ’Рѓосани, напукнати, продупчени шлемови тие ги преслекуваат со човечки влакна (на своевиден начин ги препарираат), за да ги направат похумани, потактилни, посуптилни и поблиски до оние што ги носеле, до луѓето што се изгубени.

Инсталацијата ја дополнува монументална видеопроекција на пеливани (персиски: јунаци) кои играат симболичен танц – перде, своевидна кореографија со која се загреваат за борба. Во прашање се борачи кои во 15 век со турските освојувачи дошле на територијата на денешна Северна Македонија, Косово и јужна Србија, па влегле во народната традиција како симболи на силата, јунаштвото и машкоста. Со сјајни тела, голи до појас, интензивно намачкани со масло за да лизгаат под соперничките раце, во кожени панталони, претставуваат контраст на „мртвата природа“ составена од шлемови и симболизираат живот, радост и возбуда. Инсталацијата од шлемови, т.н. пејзаж на смртта, кој го исполнува подот на изложбениот простор на палатата во Венеција, со играта на пеливаните на видеопроекцијата, претставува продолжение на потребата на авторите за анализирање на прашањето за бесмртноста и бесконечноста, со алузии на познати историски теми, како што се мементо мори и Danse Macabre, за сеприсутноста на смртта, минливоста на кревкиот живот и залудноста на славата, моќта и успехот. Од друга страна, ја нагласува патријархалноста на културата која низ историјата ги воздигнува симболите на војната и насилството како врвни вредности на општеството. Со потсетување на неодамнешните трауми и страдања во регионот, кои ги следат процесите на засилена ретрадиционализација, репатријархализација и клерикализација на општеството.

Искуството на пејзажот, исто така, се надоврзува на мапирање на одделни историски локации, природни предели нарушени со воени лузни, објекти во вид на спомен-обележја или бункери што сведочат за времето на војната или многу посуптилни влезови и процепи, кои укажуваат на некогашните подземни ровови, скривалишта, потоа гробови на војници… и тишината, земјата како нем сведок на човечките страдања. Но, покрај тоа, ја откриваат и човековата потреба да владее над природата и природните ресурси, безмилосно да ги користи заради натрупување на сопствен капитал. Имено, новиот концепт за изложбата на Биеналето во Венеција се надоврзува и на делата Нови пејзажи – Архиви на реалноста (2021) на Роберт Јанкулоски и Везење во Камен, Распетие (2020) на Моника Мотеска, настанати во текот на престојот во Чачак, Србија и истражувањата на напуштените фабрики, згради што по предолгата општествена транзиција ја изгубиле функцијата и кои како остаток од човечката интервенција, се препуштени на понатамошните природни процеси.

Овој пат ги интересираат старите рудници во Северна Македонија кои со децении интензивно го нарушуваа природниот предел, оставајќи го целосно загаден и токсичен за идните генерации. На тој начин, во рамките на концептот на изложбата, но и со самата поставка, тие формирале своевиден контраст. Наспроти војната која агресивно и бучно доведува до масовни убиства на луѓе во „еден миг“, токсичните загадувања на земјиштето убиваат тивко, речиси невидливо  и бавно.

2023-06-08T11:48:33+00:00 јуни 6th, 2023|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 150|