Скапоцени чевлиња од зборови

/, Литература, Блесок бр. 140/Скапоцени чевлиња од зборови

Скапоцени чевлиња од зборови

Во однос на изборот на кусата форма од нецела страничка до максимум страничка и некој ред, самата Баковска на прашањето на новинарот Тони Димков „Колку зборови се доволни за да се изрази чувство или емоција?“ во едно интервју вели: „Со самото тоа овде што сум го одбрала краткиот расказ (или кратката лирска проза) како книжевна форма, најверојатно сум мислела дека нема потреба од многу зборови. За некои од расказите овде дури и ми рекоа дека се повеќе поезија од проза. Меѓутоа, кај мене, во овој момент на мојот творечки живот, изборот на начинот на кој ќе ги кажам нештата што ми лежат на душата (еве, да употребам и едно такво клише) беше поврзан и со интензитетот на емоцијата што ја чувствував. Колку погуста и поинтензивна емоција (а овој период беше таков – густ, тежок и емотивно интензивен), толку пократок и позбиен текст што ќе ја пренесе, сега и веднаш, во моментот кога се појавила“ (Баковска, во  Димков, 2020: web, без пагинација). Тоа ни зборува дека очигледно за Баковска оваа автобиографска збирка е своевидна арт-терапија, една прекрасна можност преку зборовите да ги сподели своите воздишки за да ги сочува пред заборавот, впрочем тие најпрвин и беа објавувани на нејзиниот фејсбук-профил. Но непретенциозноста на таквиот пристап на одвреме-навреме запишани слободни асоцијации не е спротивна на стремежот на Баковска секој текст да се доведе до совршенство. Тоа резултира во прочистени реченици во кои сѐ тече спокојно и лесно, па дури и пресвртот нè изненадува нежно, можеби затоа што, како што ќе каже и самата, „во душата сум лиричар и покрај тоа што пишувам проза“ (Баковска во Јолевски, 2020: web, без пагинација). Всушност, тој извонредно прецизен лирски израз секогаш го очекуваме како репер за Баковска која исклучително строго се држи до своите високи стандарди и кога преведува, и кога пишува поезија, проза или книжевна теорија и критика. Во тој контекст, ова нејзино последно дело целосно се надоврзува на претходните две збирки раскази кои ги има објавено „Четири годишни времиња: раскази за суштински нешта“ (Блесок, 2004) и „Последните голтки: раскази за суштински нешта, вторпат“ (самостојно издание, 2018), бидејќи како што напиша Оливера Ќорвезироска и тие раскази беа „книга на и за сеќавањето, некаков тефтер од минатото потпикнат под масата на сегашноста, за да ја направи постабилна, за да не се клати“ (Ќорвезироска, цитирано според Окно, 2019).

Не се сомневам дека читателите ќе ја препознаат оваа проза на Баковска во сета нејзина литерарна и естетска, но и емпатична и општочовечка димензија. „На крајот кога деталите ќе се дестилираат кој како доживеал некоја работа, кај сите заедничкото е таа емоција, тоа чувство кое кај нас го предизвикало одредено животно искуство“ (Баковска во Јолевски, 2020: web, без пагинација). Така прочистени и прочувствувани, можеби овие емоции ќе ги извлечат на виделина вашите сеќавања, можеби сеќавањата на авторката ќе стиснат плеј на некои други нумери од вашата музичка тетратка, можеби сите ние сме само лирски рефрен од сите песни и сеќавања на нашите родители, партнери и деца.

 

Користени извори:

Баковска Елизабета, „Во главата слушам песна (лирски рефрени)“, Скопје: Или-или, 2020

Димков Тони, Разговор со писателката Елизабета Баковска: Емоцијата е она што на светот му дава значење и смисла, Културен печат број 42, Слободен печат, 4 август 2020, https://www.slobodenpecat.mk/razgovor-so-pisatelkata-elizabeta-bakovska-emoczijata-e-ona-shto-na-svetot-mu-dava-znachene-i-smisla/ Пристапено на 28.09.2020

Јолевски Љупчо, Баковска: Во душата сум лиричар и покрај тоа што пишувам проза, Радио Слободна Европа, април 23, 2019, https://www.slobodnaevropa.mk/a/29898882.html Пристапено на 28.09.2020

Малеска Калина, Немирни сеќавања со траги од сегашноста, во Баковска Елизабета, „Во главата слушам песна (лирски рефрени)“, Скопје: Или-или, 2020

— Промоција на збирката раскази „Последните голтки“ од Елизабета Баковска, Окно, 25.02.2019, https://okno.mk/node/76918 Пристапено на 28.09.2020

АвторАна Мартиноска
2021-11-15T19:03:41+00:00 ноември 1st, 2021|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 140|