Project Description
Богомил Ѓузел (1939 – 2021) е роден на 9.02.1939 во Чачак, Србија, каде што татко му, Димитар Ѓузелов, служел како гимназиски професор со забрана за враќање во Македонија, откога бил амнестиран од казната 20 години робија во 1931 (на која бил осуден по Скопскиот студентски процес во 1927, како главен организатор на илегалната ММТРО – Македонска младешка тајна револуционерна организација). По враќањето со семејството во Скопје 1941-та, за својата соработка со бугарскиот окупатор Димитар Ѓузелов е осуден на смрт како „народен непријател“ од Воениот суд на Југословенската Армија во 1945.
Богомил Ѓузел израснал и се школувал во Скопје, каде што и дипломирал на катедрата за англиски јазик и литература на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во 1963.
Објавени книги поезија: Медовина („Кочо Рацин“ 1962 и „Македонска книга“, Скопје 1972, избор и на српскохрватски „Нолит“, Београд 1971); Алхемиска ружа („Култура“, Скопје 1963); Мироносници („Култура“ 1965, награда „Браќа Миладинови“); Одисеј во пеколот (избор, „Мисла“, Скопје 1969); Бунар во времето (ЗИД „Нова Македонија“, Скопје 1972, награда „Браќа Миладинови“); Тркало на годината („Култура“, 1977); Стварноста е сè („Мисла“, 1980); Опсада („Македонска книга“, 1981); Празен простор („Стремеж“, Прилеп 1982); Мрак и млеко („Култура“, 1986, и на српскохрватски, УКЦГ Титоград 1987, југословенска награда „Алекса Шантиќ за 1985-88); Рушејќи го ѕидот („Култура“, 1989); Одбрани песни („Култура“, 1991); Гол живот („Култура“, 1994); Хаос („Култура“, 1998); Она (поема, „Зумпрес“, 2000); Опстанок („Три“, 2003). Избор на македонски и српскохрватски Песни|Песме („Народна књига“, Београд 1981); на словенечки Riba smisla (Državna založba Slovenije, Ljubljana 1985); на англиски Тhree (University of Iowa 1973, with an introduction by Vasko Popa); The Wreckage Reconsidered (chapbook, UTC Chattanooga, Tennessee, USA 1995); The Wolf at the Door (Xenos Books 2001, with an introduction by Charles Simic). Електронско издание на други 60 песни во англиски превод и на македонски: Selected Poems|Одбрани песни, 1962-2002 (Културна установа „Блесок“, 2002). Електронско издание на 20 песни во француски превод и на македонски Poèmes choisis|Избрани песни (Културна установа „Блесок“, 2003).
Застапен е со свои песни во сите македонски и југословенски поетски антологии објавени по 1965 на повеќе од дваесеттина странски јазици. Ѓузел е автор на еден избор од современата македонска поезија објавен во Белгија, посебно на фламански и француски: Dix-sept poètes macédoniennes, Choix et preface par Bogomil Gjuzel. L’arbre à paroles 1993.
Проза: Историјата како маштеа (есеи, „Мисла“ 1971); Куќа цел свет, (житија и патешествија во Ирска и Америка, „Мисла“ 1974); Мито-стории (три изведени драми „Адам и Ева“, „Јов“ и „Алексијада“, „Култура“ 1982); Легенди (раскази, „Мисла“ 1984); Црна (трагична фарса, заедно со Љубиша Георгиевски, „Наша книга“, Скопје 1989); Апокалипса (неизведена драма, „Стремеж“ 1990); Бовча (избор на есеи, „Магор“, Скопје 2002). Необјавени драми: Јагне на ражен, единствената наградена драма на ТВ конкурсот 1982 (и оттогаш емитувана неколку пати); и на англиски (заедно со Карма Ибзен, САД) и македонски Moonflower/Месечев цвет, праизведба во Драмски театар, 1998.
Ги превел на македонски, меѓу другите, и Т.С. Елиот, В.Х. Одн, Емили Дикинсон, Чарлс Симик, Самјуел Бекет, Амир Ор, Шејмас Хини, Том Пецинис, Вилијам Шекспир, Луис Керол, Радјард Киплинг, Бернард Шо, Јуџин О’Нил, Сем Шепард, Харолд Пинтер, Кристофер Марлоу…
Богомил Ѓузел бил прв уредник на Блесок Поезија