АВАНОС

1.

На враќање од Кападокија[1] автобусот запре во Аванос[2]. Сите туристи слегоа и се разлазија низ градот. Денот беше ведар и топол и имаше многу сонце и пурпурна светлина. Куќите беа наредени на стрмната падина од ридот и прилегаа на голем осветлен излог. Пред куќите и по кривулестите улички беа изложени шарени керамички садови: стомни, чаши, чинии, бокали, филџани, ибрици, вазни и ќупови за масло, за вино, за жито. Имаше и некои други садови на кои не им се знаеше намената. Сите беа убаво испечени и богато нарисани со плетенки од некоја источна орнаментика. Беше очигледно дека сите жители од Аванос се големи грнчари. Речиси целиот град беше зафатен од садови. Над нивните отвори ѕунеа човечките гласови, ечеа, се одѕиваа, како пчели над саќе.

Ѓувезија Дубровска и Сија Хаџибанова беа зашеметени. Гледаа насекаде и не знаеја што да одберат понапред за гледање. Очите само им шетаа по садовите и беа заслепени од сонцето што се одбиваше од препечената глина. Сè им се допаѓаше, а сè не можеа да купат.

Кога запреа пред една грнчарница, грнчарот ги покани да влезат внатре. По тие зборови девојките почнаа да се тресат. Ги зафати некој необјаснив студ што излегуваше низ отворената врата. Всушност, грнчарницата беше една длабока пештера повеќепати проширувана од мајсторите. Студот се извираше од нејзините камени сводови. Но, нивното тресење како да не беше само од студот, туку и од некој неодреден страв. Очекуваа дека нешто ќе им се случи, дека нешто ќе ги затекне неподготвени. Грнчарот се изгуби во грнчарницата, а кога повторно се појави, во рацете држеше послужавник со две земјени чаши полни со ладно вино. Чашите имаа златни венчиња што правеа иста целост со виното.

– Бујрум, рече грнчарот со полна уста благост, но и со задув во дишењето.

Девојките ги собраа веѓите и не знаеја што да направат. Беа нерешителни. Но грнчарот упорно го држеше пред нив подадениот послужавник. Во воздухот се подигна лесен мирис на лозје, на дабово буре, на затемнет вински подрум. Девојките се погледнаа прашувајќи се така, само со очите. И потоа како да се окуражија: во ист миг посегнаа и ги позедоа чашите. Ги допреа усните до златните венчиња и, замижувајќи, отпија од виното. Убаво се виде како подголтнаа и како им се помрднаа јаболкцата под гушата. Првин нагоре, па надолу. Отпивањето го повторија и веднаш осетија дека виното со блажени трпки им се разлева по дамарите. Тоа им ги рашири очите, им ги зголеми зениците. Потоа уште двапати ги кренаа чашите и го допија виното. Грнчарот ги собра чашите и тргна во грнчарската работилница. По него, без двоумење, тргнаа и Ѓувезија Дубровска и Сија Хаџибанова. Окуражени од виното, тие само се насмевнаа и тргнаа. Веќе немаше ништо што можеше да ги расколеба. Лицата им беа вцрвени, небаре коприва да им беше полазила по образите.

Влегоа со истата насмевка од надвор. Но студот што излегуваше од ѕидовите на пештерата набргу им ги затвори устите. Истовремено им ја симна и крвта од образите. Се чувствуваа како во длабока гробница осветлена само од скржавата светлина што допираше однадвор и од една гола светилка внатре. Над нив се надвиснуваа сиви камени сводови за кои помислуваше дека во секој миг можат да попуштат и да се урнат. Во работилницата стоеја купчиња замесена глина и неколку подигнати тркала за обликување на садовите. Но сите тие беа празни, мислиш одамна запрени. Пред ниедно тркало немаше грнчар. Еден Господ знае кај беа отидени грнчарите. Подот беше изметен и чист. По нерамните ѕидови висеа недовршени садови и некои релјефи на зачудени човечки ликови. Грнчарот одеше по строгите патеки што ја поврзуваа работилницата со придодадени ниски ложи и нешто постојано објаснуваше. Зборовите му гргаа, му се превтасуваа како матни надојдени води. Девојките одеа по него и речиси ништо не слушаа. Поправо слушаа некакво зборување што не им кажуваше ништо. Во градите ги топлеше виното, а однадвор им студеше. Небаре ситен дожд да им влегуваше низ облеката и постојано ги студенкаше. А тие беа лесно облечени, само во летни фустани. Нозете им беа обуени во плитки сандали, но без чорапи. Можеби затоа им намовнуваше целото тело. Им се исправаа ситни влакненца, им се подаваа и таму каде што никогаш ги немале. Особено откако ги видоа многубројните перчиња женски коси обесени како ракатки ржени класје. Мислиш дека никнале од ѕидовите, се извлекле од процепите. Девојките стоеја така, подзинати, погледнувајќи де во косите, де во грнчарот. Прилегаа на нејаки птици затворени во кафез; ги поткреваат крилјата, гребат со ноктите, вртат со главите, но не знаат што им се случило. И тогаш грнчарот зеде едни ножици и задишано праша:

– Сакате ли да бидете вечни?

Дури сега му ја осетија сета тежина во дишењето и во слагањето на зборовите. Неговиот задув се слушаше уште од градите. Беше страшно да се слуша тоа крцкање и потсвирнување што му пустошеше во дробовите и низ дишните органи. Но Сија Хаџибанова набргу се прибра, се созеде. Си погледна во нозете, како да сакаше да се увери дали ѝ се тука, и уште побрзо избега. Речиси се провре меѓу грнчарот и Ѓувезија Дубровска. А Ѓувезија Дубровска остана така, замаено загледано во грнчарот. Не можеше ни да сфати колку ненадејно ѝ се најде главата во неговите раце. Само чу дека штракнаа ножиците и едно перче од нејзината бујна коса ѝ се оддели од главата и како летно облаче ѝ помина пред очите. Грнчарот ја подврза косата и горниот крај ѝ го залепи на една грутка влажна глина. Потоа ја праша за името и презимето, за датумот на раѓањето, за родниот крај… Ѓувезија Дубровска одговараше послушно, без ниеден знак на противење. Всушност, ни таа не знаеше што прави.

На излезот од грнчарницата ја удри некој топол воздушен бран што ѝ помина по коските како земјотрес. За малку да ја кутне, да ја онесвести. Кога се созеде, ја виде и Сија Хаџибанова. Вилицата ѝ се тресеше, усните ѝ трепереа и нешто нејасно мемолеа.

– Што ти е, праша Ѓувезија Дубровска.

– Ми е страв, рече Сија Хаџибанова.

 


[1] Пештерски цркви и живеалишта на првите христијани.

[2] Град во Анадолија, средна Турција.

АвторПетре М. Андреевски
2024-05-12T11:55:25+00:00 мај 12th, 2024|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 153|