Скриената камера на Димковска

/, Литература, Блесок бр. 60/Скриената камера на Димковска

Скриената камера на Димковска

Уште еден осврт кон абјектноста имаме и во епизодата со грицкањето семки. Грицкањето семки (во романот) се доживува како одраз на општествата во транзиција. Ова нехигиенско задоволство претставува еден ритуал на очистување, преку грицкање и плукање на семките, преку зборување и озборување. Како и гледањето на кафе, така и грицкањето на семки е интересен ритуал. Ова е најприсутно во епизодите на студискиот престој во Романија, на кого отпаѓаат поголемиот дел од дневничките записи на Димковска.
Во неколку наврати во романот Лила се осврнува на прашоците за перење и белилото. Нејзе ѝ се допаѓа мирисот кој ја потсетува на уредноста на нејзиниот дом и успева да ја врати во детството12F. Една епизода е поврзана и со чистењето на скалите на една зграда при првиот престој на Лила во Виена, заедно со другарка ѝ Весна. Тие морале да го исчистат влезот на зградата за да добијат награда од тетка Вера, која сепак ќе ги прелаже. Во една западноевропска средина, чистењето и останатите други санитарни работи се резервирани за сите оние кои доаѓаат од незападноевропски земји. Интересно е како ултрадесничарскиот национализам (и денес присутен во некои земји) се стремел да ја „исчисти“ својата земја од оние кои се занимаваат и кои егзистираат од чистење на тоалетите и влезовите на нивните згради.
Аспектот на чистото е присутен и во сцената со Лила, каде како мало дете, „изјавува камерата“, кога била кај баба ѝ во Шлегово („Еденското“ место и доба на Лила), била повиена и оставена да лежи на кревет. Од вкусот на млекото биле привлечени голем број на мравки кои го опколиле нејзиното тело, но ниедна не влегла во нејзините повивки. Мравката, ако пристапиме кон толкување според Речникот на симболи13F, покажува: работливост, стрпливост, скромност, далекувидост14F. Мравките го симболизираат редот и неуморното според кинеските толкувања, а добродетелството според библиското толкување. Дедото на Лила е оној кој со каснатиот (од змија) прст, бае врз Лила укажувајќи на нејзината посебност, заштитеност и идна прославеност.
Приказната на пакистанскиот музичар Џозеф, исто така, е интересна. Кај него доаѓа до израз инфантилноста и непознавањето на грубата и практична страна на светот. Тој е израз на крајната искреност и наивност, вистински пакистански Мишкин, кој во Виена ја запознава љубовта во еротска смисла на зборот. Во кратката љубовна врска со Едлира (која подоцна е принудена да се врати дома и да се лекува во соседна Грција, заради оштетувањето на црниот дроб, настанат како последица од хепатит Ц), Џозеф ја открива љубовта, но константно носи една католичка грижа на совеста, дека го изневерил Бога и дека нема да оди во Рајот. Кај Лила исто така е присутно верувањето на Бога, но до израз доаѓа поинаква претстава за Бога. Според православниот кодекс, Бог не е одмаздољубив туку, напротив, тој простува и е милостив. Еден сон на Лила дури е прикажан во таков силен наплив на слики кои се изразито хаотични, но длабоко поврзани, што овој сон потсетува на еден од почетните соништа во романот „Белиот хотел“ од британскиот писател Доналд Мајкл Томас. Во нејзиниот сон, православната црква во Љубљана се претворила во јавен тоалет, во кој на ред чекале сите нејзини пријатели со своите семејства, и во мигот кога успеала конечно да влезе и да се „олесни“, видела дека на местото на школката имало свеќници, кои морала да ги изгасне со сопствената урина!!! По еден ваков отсонуван сон останува прашањето, каква е поврзаноста меѓу црквата и тоалетот. Дали на едно подлабоко ниво, и двете помагаат човекот да се „олесни“ од своето бреме, се разбира, во тоалетот физиолошки, додека пак во црквата духовно да се исповеда. Или, пак, црквата и тоалетот се местата каде најчесто можеме да бидеме единствено сами со себе. Популарниот бугарски поет и раскажувач Георги Господинов, кој во своите дела честопати ги зема темата на тоалетот и мувите како лајтмотив, вели дека единствено место каде сме тотално сами и тотално ослободени од туѓото набљудувачко око е тоалетот. Така и она чувство на посветеност кон Бога е најсилно кога ќе се отиде сам во црква (од овде ги исклучуваме сите оние масовни собири по повод христијанските празници, кои повеќе наликуваат на карневали, отколку на прослави на Бога). Иако ова не е наша тема на истражување, туку на психоанализата, сепак чувствуваме за нужно да ја спомнеме накратко и епизодата со Мелиса Фондаковски, поетеса со која Лила се запознала на една поетска манифестација. Оваа поетеса во поемата која ѝ ја посветила на својата девојка, шуплината на забот ја изедначува со копнеж по соединување. Знаејќи дека вадењето на заб има еротска конотација (наведеново е земено од легендарната книга на Сигмунд Фројд „Увод во психоанализа“15F), тука шуплината на забот има значење на непотполност. Мелиса Фондаковски го чувствува недостатокот и непотполноста првенствено заради неможноста целосно да стане маж во биолошка смисла на зборот, иако нејзините апетити се насочени кон девојките, а од друга страна пак, неможноста да оствари вистински телесен однос со својата девојка (од биолошки причини), го потенцира недостатокот од фалус. Понатаму ја развива андрогиноста како можност за спојување на двојството во единство, губење на родовите и половите разлики (тенденција која научните кругови ја констатираат како можна во текот на идните векови).
Во овој оглед, успеавме да проанализираме само дел од епизодите на романот и неговата проблематика од аспект на темите наведени во поднасловот на истиот. Се разбира дека ни оддалеку не е опфатено сè. Еден ваков сложен, ерудициски роман со напишан во постмодернистички манир со изразита симболика и на места силна метафоричност и интересна испреплетеност на неколку приказни, отвора широк спектар на нови читања и толкувања.


Користена литература:

Вулф, Вирџинија: Сопствена соба, Сигмапрес, Скопје, 1998;
Димковска, Лидија: Изгрицкани нокти, Култура, Скопје, 1998;
Димковска, Лидија: Нобел против Нобел, Блесок, Скопје, 2001;
Димковска, Лидија: Скриена камера, Магор, Скопје, 2004;
Котеска, Јасна: Македонско женско писмо,– Теорија, историја и опис–, Македонска книга, Скопје, 2002;
Котеска, Јасна: Санитарна енигма, Темплум, Скопје, 2006;
Котеска, Јасна: Постмодернистички литературни студии, Македонска книга, Скопје, 2002;
Сјоран, Емил: Оглед за распаѓањето, Култура, Скопје, 1996;
Шевалие, Жан; Гербран, Ален: Речник на симболите, Табернакул, Скопје, 2005;
Freud, Sigmund: Uvod u psihoanalizu, Matica Srpska, Novi Sad, 1979.

#b
12. Но дека белилото не секогаш успева да донесе Чистост, укажува еден расказ од бугарската писателка Елена Алексиева, наречен „Синот“, каде една група научници сака да го клонира Исус Христос, за да го спаси светот. Користејќи го како генетски материјал велот со кој Исус се избришал пред Св. Вероника, и со тоа го направил својот лик на истиот, оваа група научници се стреми кон репродукција на еден нов Исус. Но, куќната помошничка на главниот научник, не знаејќи за вредноста на велот, го става за перење и потоа со белилото ја уништува и последната трага од Божјиот Син.
13. Шевалие, Жан; Гербран, Ален: Речник на симболите, Табернакул, Скопје, 2005
14. Ова е интересно во една симболичка смисла, заради фактот што Лила низ целиот роман укажува на својата кратковидост и диоптрија од околу – 13/- 14. Далекувидоста би ја поврзале со профетската улога на уметникот, во нашиов случај тоа е поетеста Лила.
15. Freud, Sigmund: Uvod u psihoanalizu, Matica Srpska, Novi Sad, 1979.

АвторДушко Крстевски
2018-08-21T17:21:11+00:00 јули 3rd, 2008|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 60|