Роберт Крили, 1926–2005

/, Литература, Блесок бр. 42/Роберт Крили, 1926–2005

Роберт Крили, 1926–2005

Првата личност кој го исковала терминот постмодерна, Олсон, во тоа време ја оформувал својата позната теорија за проективистички стих. Нејзините начела се проширила низ светот и во 1960-тите пристигнале во Австралија. Многумина од поетите од Сиднејската Генерација 68-ма, вклучувајќи ме и мене, беа под влијание на есеите на Олсон и Крили посветени на поетиката.
Од оваа перспектива, теоријата на проективниот стих на места е нејасна. Главната водилка беше отпорот кон англо-американската традиција на поетската форма. За Крили, најважно беше да се создаде нова естетика каде поезијата може да делува на отворен простор; „формата никогаш не е нешто повеќе одошто изразување на содржината, а содржината никогаш не е повеќе одошто изразување на формата“, рече.
Кога Крили говореше на Синдејскиот Универзитет во 1976, ја намали улогата на проективниот стих во неговите дела. Зборуваше за важноста на џезот и сликарството како инспиративни полиња.
Крили поминал неколку години во Блек Маунтин, заедно со уметници како што се Франц Клајн и Роберт Рошенберг, кореографот Мерс Канингам, и поетот Данкан. Таму научил како да подучува, а поетската вештина ја клесал додека не станала остра, сложена и предизвикувачка. Исклучително е неговото дотерување на секоја фраза, на секој стих.
Кон 1953 експерименталниот колеџ почнал да се распаѓа, средствата му биле намалени а Олсон се борел да опстане. Колеџот е затворен во 1956, а последното издание на списанието е објавено во 1957.
Крили неколку пати патувал во Њу Јорк, каде често одел во барот Кедар, славно сврталиште на апстрактните експресионистички сликари. Често разговарал со Вилјам де Кунинг, кој можел да ја разбие сета мистичност на Блек Маунтин со една обична забелешка: „Единствената белја со Блек Маунтин е што ако отидеш таму, веднаш сакаат да ти го дадат“.
Крили заминал на Западниот брег, каде што поетската ренесанса во Сан Франциско била во полн замав. Се сретнал со Гинзберг и со Џек Керуак, чии први книги тукушто биле објавени. Крили сè уште го чекал одговорот за својата, од издавачот New Directions. Керуак запишал дека сите имале најдлабока почит за „каро Роберто, тајниот волшебник“. Сепак, Крили немал повеќе магии; во тоа време му се распаѓа и првиот брак. Се сели во Таос (Ново Мексико, з.п.), каде што ја запознава својата втора сопруга, Боби Луиз Хокинс. Си обезбедува место на Универзитетот на Ново Мексико и пишува роман.
Среќата повторно му се менува во 1958, кога Скрибнер му ги објавува кусите раскази Копачи на злато и други раскази, како и романот Островот (The Gold Diggers and Other Stories, The Island). По успехот на овие две книги, Скрибнер му ги објавува собраните песни, За љубов: Песни 1950-1960 (For Love: Poems 1950-1960). Книгите беа објавени и во Лондон.
Многу подоцна, Крили запишал: „Д.Х. Лоренс во тие години беше херој, Харт Крејн – тоа беа луѓето кои постојано повторуваа дека нешто е возможно … Пишувањето е како музиката. Зависи од тоа како фразираш, како ја задржуваш нотата, како ја виткаш, обликуваш, и како потоа ја испушташ. А она што не го свириш е важно како и она што го кажуваш“.
Во последнава реченица, Крили се навраќа кон големиот француски симболист Маларме. Го проучував Маларме цела една деценија и тукушто ја бев објавил мојата книга Мочуришни загатки (Swamp Riddles), напишана под негово влијание.
Кога се сретнав со Крили во 1976, моето прво прашање беше „Што мислиш за Маларме?“. Тој цитираше еден стих: „Дали бездната е бела од лизгавата страна“. Во следниот миг се прегрнавме и почнавме да зборуваме истовремено, а продолживме без прекин сè додека не замина. Тој зборуваше како молња. Зборовите му блескаа и ја погодуваа целта, а потоа ни одѕвонуваа во главите со денови.
Крили беше дојден во Сиднеј од Нов Зелан, за да одржи едно предавање и да ја чита својата поезија во Сејмор центарот при катедрата за англиски на Сиднејскиот универзитет. Мајкл Вилдинг успеа да му ја обезбеди авионската карта преку Литературниот одбор, бидејќи таму имаше конференција, Американскиот биенален семинар. Патот беше договорен во последен момент и, со оглед на публицитетот, еден мал оглас во весник, мислевме дека ќе биде чудо што некој воопшто и дојде. Но, неговите читање и предавање беа преполни публика.
Престојуваше во Хилтон и таму го однесовме после читањето. Со мојот Мустанг се одвезов назад кон Лејн Коув и додека влегував низ вратата, заѕвони телефонот: „Дојди и земи ме. Овде во Хилтон е заникаде“. Во 3 утрото сè уште пеевме и пиевме Џим Бим, кога отидовме да посетиме еден мој пријател, Гејл Остин, кој водеше ноќна програма на радиото ABC.
Крили читаше песни и зборуваше за музиката. Се јавуваа луѓе од цел Сиднеј, слушателите го сакаа, неговите песни ги потресуваа преку радио брановите. Се обидовме да го снимиме ова читање, но немавме тонец и не успеавме. Кога се раздени, го однесов на риболов. Се обидовме под мостот Харбор. „Боб, она е нашата Оперска куќа“, му реков, а тој одговори: „Не поминав половина свет за да одам наоколу гледајќи во знаменитости“.
Тоа можеби беа најубавите мигови во мојот живот. Додека ручавме, му реков на Крили дека не ја разбирам џевата која некои австралиски поети ја имаа кренато околу еден поет од Њу Јорк, Тед Бериган. Ме седна и ми ја прочита долгата песна од Бериган, Трубадурски живот (Tambourine Life). Ме преплави со прекрасен бран музика и чудни слики кои го откриваа остриот сатиричен камшик. Сфатив дека изговорениот американски збор е сосема поинаков од начинот на кој зборуваме во Австралија. Во миговите додека Крили ми читаше научив повеќе за американската поезија отколку од сите прочитани книги во претходните 15 години. Потоа, Крили жестоко флертуваше со мојата сопруга, Шерил, а додека дојде време да се качи на авион – заминувајќи кон Нов Зеланд и неговата идна сопруга Пенелопа – обајцата бевме вљубени во него. Во Мустангот, со ветрот во косите, ги пуштавме до даска Џими Буфе и Боб Дилан. Пивнувајќи виски, со солзи кои ни се сливаа низ образите, не знаевме дали плачеме од смеа или од тагата поради разделбата.
Во 1988 Крили го примија во Американската академија и Институтот за уметности и книжевност, а потоа го доби и орденот Роберт Фрост. Во 1989-90 беше поет лауреат на државата Њу Јорк, а во 1999 ја доби престижната награда за американска поезија Болинген, како и наградата Ланан за животно дело, стипендијата од Гугнехајм, и две Фулбрајтови стипендии.
„Читајќи ги неговите песни, го искусуваме ’ржењето на пристигнувањето низ чувствување на мислата и зборот“, запиша поетот и преведувач Форест Гандер во освртот за Живот и смрт.
Дента кога Крили умре, Пенелопа и две од нивните осум деца беа крај него.

Песната на Роберт Адамсон, „Писмо до Роберт Крили“ можете да ја прочитате овде.

Превод од англиски: Игор Исаковски

АвторРоберт Адамсон
2018-08-21T17:21:33+00:00 мај 1st, 2005|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 42|