За „Шепотот на Данте“ од Силвија Митевска (Или-или, 2018)

/, Литература, Блесок бр. 122/За „Шепотот на Данте“ од Силвија Митевска (Или-или, 2018)

За „Шепотот на Данте“ од Силвија Митевска (Или-или, 2018)

Втората книга на Силвија Митевска, Шепотот на Данте (Или-или, 2018) содржи девет раскази кои сосема се разликуваат еден од друг. Тие се разликуваат од наративен аспект, па во некои позицијата на субјектот на нарацијата е поинтимна, во прво лице, а во некои приказната ја раскажува сезнаечкото, а недефинирано трето лице. Некои од овие раскази се речиси чист реализам, прецртана скица на нашето секојдневие, како Душојадци, во кој прераната и неочекувана смрт на еден човек ги покажува вистинските лица на сите оние кои гравитирале околу него додека бил жив. Некои од расказите, пак, се богато гротескни, како Задоволство, во кој главниот женски лик е непоправливо опседнат со чистотијата на домот. Некои од расказите, како Божествен танц,во кој гласовите на многуте љубовници на сопругот почнуваат да се огласуваат од неговите алишта чекорат и по тенката линија меѓу постмодернизмот и фантастиката. Оваа втората [фантастиката], пак, слободно избива на површина и сосема го презема расказот Преминот, една наежувачка приказна за паралелното постоење на два света — нашиот и другиот, раскажана не од аспект на нашиот, туку токму од аспект на другиот свет.

Кога вака ќе се погледне оваа шареноликост, се поставува прашањето што е тоа што расказиве ги обединува во оваа, една единствена збирка? Што е лепилото под површината, кои се темелите врз кои е поставена основата на оваа мозаична проза? Кога разговаравме со Силвија за моите впечатоци од книгава и за тоа што би можела да кажам вечерва, некако неизбежно се спомена и женското писмо. Го споменав јас, можеби поради тоа што (или можеби и пред сѐ) веќе извесно време, женското писмо е една постојана фуснота на моите читателски и критички искуства. Морам да кажам и дека го споменав речиси колебливо, од две причини: Прво, затоа што од една страна терминот женско писмо кај пошироката публика веднаш асоцира на едно симплифицирано и ограничено значење: книга напишана од жена. Второ, токму затоа што женско писмо веднаш асоцира на уште една книга напишана од жена, која треба да се смести во друштвото на сите други книги напишани од жени, таму некаде, на периферијата на големото книжевно писмо, во некоја посебна, можеби подолна или пониска категорија. Малку подоцна, когаразмислив уште еднаш, двапати и трипати, сфатив дека простор за колебливост нема и не треба да има. Затоа, еве сега ќе кажам јасно и гласно: овие раскази бездруго се женско писмо. Тие се женско писмо затоа што во сите (освен во еден) главните ликови (без оглед дали зборуваат сами за себе, во прво лице, или пак се прецизно опсервирани од окото на сезнаечкиот раскажувач) се силни и впечатливи жени, жени кои решиле да воспостават контрола над своите животи. Без оглед дали се работи за математичарката од провинциското гратче која речиси аутистично го восприема светот околу себе во расказот Бесмислица, за грижливата и упорна сестра на анорексичната пациентка во расказот Нашата среќа, или пак за сексуалната предаторка и егзибиционистка во расказот Вештица, женските ликови на Силвија ги градат нејзините приказни и тие приказни се за нив и од нив.

АвторЕлизабета Баковска
2018-11-29T08:59:28+00:00 ноември 29th, 2018|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 122|Tags: |