Создавање „живототворност“ со техничка перфекција

/, Галерија, Блесок бр. 60/Создавање „живототворност“ со техничка перфекција

Создавање „живототворност“ со техничка перфекција

#1 Во овој денешен изолиран свет каде стерилноста на современата дигитализирана комуникација доведува до отуѓености, само метафизиката и уметниковата креативност создаваат субсветови (по моделот на нашиот свет) на „комуникација“ и „вкрстувања“ на различни нивоа. Во него егзистираат некои нови хумановидно-антропоморфни форми и облици кои сами по себе се состојат од еден стерилен реди-мејд од овој свет – криволинејката, чија подзаборавена функционалност добива нова улога: на творец на „нов живот“.
#2 Токму таков е најновиот микросвет, најновите дела на авторот Антони Мазневски. Тие всушност претставуваат продолжување на веќе прикажаниот циклус цртежи (во „Мала галерија”, Скопје) на истата идеја и концепт, но во последните дела Тони не ја користи само линијата, туку и конкретната форма на таа пластична матрица – криволинејка (линијар порано користен за техничко цртање) чиишто преплетување, вкрстување, мултиплицирање, модификација, импостација, супституција креираат интересни аморфни асоцијации кои потсетуваат на хуманооблици кои најчесто се двополни, т.е. во себе го конституираат и машкиот и женскиот принцип, за да можат и сами по себе од различни аспекти да одговорат на концептот „Вкрстување“.
#3 Овие групни или самостојни просторни единки, заради нивната циклична репетитивност оставаат впечаток на ритмизирани просторни арабески и декоративно-геометриско стилизирање, но нарацијата која тие ја носат со себе, филозофијата и начинот на обработката креираат една космогонија која сама по себе во биолошкиот речник би се состоела од многубројни биогени, најситни белковински живототворни честички, кои ги содржи секој жив организам.
Еросот е исто така важен аспект во поезијата на овие дела на Мазневски, а покрај веќе споменатиот факт на поврзување на машкиот и женскиот елемент, ерективноста или фалусната форма доминираат дури и во самата „моќност“ на делата.
#4 Линијата, покрај обликот, формата и бојата, е водечката структурна ликовна водилка, таа креира, таа го соопштува движењето, таа дури и дава асоцијации за идни можни нови варијации на веќе зададената тема. Просторот сам по себе е анимиран, т.е. во него се инсталирани одредени објекти – слободни скулптури, но амбиенталноста или камерната поставеност нудат една студиска естетска езотерија.
#5 Последен аспект на кој треба да се обрне внимание е употребата на материјали и перфекцијата со која Мазневски диригира при создавањето на своите дела. Материјалноста на делата претставени на оваа изложба е доминантно пластична, синтетска, вештачка – алудирајќи на модерните технологии и изуми и негативните појави од употребата на истите (иако во светски рамки тренд е користење на природни и лесно рециклирачки материјали). Сепак, материјалот го владее перфектно и виртуозно го третира, додека не создаде „пластично совршенство“. Оттука спојот на идејата и владеењето на материјалот, т.е. изведбата на „финалниот производ“ се клучните фази и процеси неопходни во делото на Мазневски. „Вкрстување“, како тема која нуди многу разновидни можности и истражувања, а сепак подразбира процес кој трае (по нејзините принципи е создадено делото „Ассе Еѕѕо“ – познатиот фолксваген буба, па дури и Бродот на Моцарт) ќе биде секако и понатаму предизвик за Мазневски. А какви ќе бидат наредните решенија, ќе дознаеме низ одредена временска дистанца.

АвторАна Франговска
2018-08-21T17:21:11+00:00 јули 3rd, 2008|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 60|