Парадоксалноста на човештвото

/, Галерија, Блесок бр. 150/Парадоксалноста на човештвото

Парадоксалноста на човештвото

Проектот „Landscape Experience“ може да се подели на три концептуални целини. Едната ја сочинуваат фотографии на „токсични пејзажи“, втората е видеоинсталација која се состои од видеодело и подна инсталација од редимејд објекти и третата е независно дело со подвижни слики.

1.

Фотографиите, кои може да се дефинираат како документаристички, третираат еден прекрасен, а напуштен геополитички регион на границата со Р Србија каде што порано се наоѓале рудници за арсен, антимон и хром кои не се во функција веќе подолг временски период. Сега тие области се напуштени и пусти, на одредени места има сè уште насипи со остатоци од арсен сулфит и антимон, кои се разнесувани од природните и климатските услови. Самиот колорит на оваа руда, портокалово-црвена, создава магични и надреални пејзажни креации, кои се допадливи и вонземски, од една страна, но од друга страна, тие се неми сведоци на „приказни што не смеат да се раскажуваат“. Нивната дискурзивност лежи во отровноста и разорната моќ на таа убавина по здравјето на луѓето, животните и живата средина. Во непосредна близина на овие напуштени рудници се наоѓа училиште, каде што настава посетуваат деца и од каде што честопати во далечината се слуша џагор. Според светската листа на опасни супстанции, арсенот е на врвот по токсичност за човекот. Долготрајното изложување значи тешки последици врз здравјето на луѓето, честопати со трагичен епилог. Затоа се вели дека арсенот убива бавно и невидливо. Пред векови бил употребуван и како лек, но и како идеален отров. Водата за пиење во овој регион има 100 пати повеќе арсен во својот состав од дозволеното и тоа е базисот на спротивноста на „млекото од соништата“. Недостатокот на официјални податоци и параметри, како и непреземањето мерки од страна на надлежните инстанци, укажуваат на девастирачкото ниво на свесност и одговорност на општествените механизми и корумпираната важност на хуманистичкиот аспект пред капиталистичкиот. Овие токсични, а „ранети пејзажи“ стануваат урнатини на човековата алчност и предизвикуваат егзистенцијален дебрис. Материјалноста на пејзажот станува материјализирање на смртта, па така формалната естетика – убавина се спротивставува на болната и девијантна концептуална грдост.

2.

Во второто дело, покрај пластичноста на „трансформираните пејзажни паноптикуми“ авторите го воведуваат и телото – човекот (или негова алузија) како симбол на моќ, но и на фрагилна и лесно совладлива сила. Оваа концептуална поврзаност инаугурира уникатна форма на интимност, близина и приврзаност кон нешто историски штетно и материјално токсично.[3] Видеоделото преку телесна игра, ритам, бит, звук, повторливост го обработува преносно дискурсот на пеливанството, боречка вештина карактеристична за балканскиот регион, која е симбол на истрајност, јунаштво, традиција, пренесувана од генерација на генерација, носејќи ја идеологијата да се биде јак и да се победува, но притоа да не се повредува, а заштитува. Разголеното тело на пеливаните станува синоним за убавина, за античко машко тело. Визуелната динамика и звучниот моќен, репетитивен аранжман придонесуваат за стимулирање на медитативност и метафизичност кај реципиентот, а естетски убавиот борбено подготвителен перформанс се претвора во танц полн со живот и енергија. Спротивно на оваа високо вертикална композиција на видеото, која изобилува со егзистенцијална полност, на подот, пред ова видео се издигнува еден имагинарен пејзаж – подна инсталација која се состои од 230 трансформирани војнички шлемови. Станува збор за просторна агломерација од реди-мејд шлемови што своевремено имале своја утилитарност и примена да штитат нечии глави (во војните низ регионот од поблиското и подалечното минато) врз кои е извршена уметничка интервенција. Всушност, авторите на овие шлемови им аплицираат човечка коса, процес преку кој овие реди-мејд објекти добиваат инверзна конотација, па од некогаш функционални, а сега дисфункционални шлемови стануваат сведоштво за нови тела – „нови хуманизирани објекти“, кои за жал, веќе не штитат, туку се алузија за сите загубени животи. Оваа инсталација содржи многу слоевити нивоа на контекстуалност, од општи дискурси за животот и смртта и менувањето на нивните позиции, преку допирање на аспектите за моќта на политиката и власта во човечките судбини и борбата за егзистирање, сè до апсурдноста на војната и на злото.


[3] Polmur, Chariat, “Wounded Landscapes: Debris of War, Residual Vulnerability, and (Toxic) Intimacy in Post-Cold War Southeast Asia”, The Jugaad Project, 3 June, (www.thejugaadproject.pub/home/wounded-landscapes#_ftn16), acc. on 3/17/2022.

АвторАна Франговска
2023-06-08T11:48:49+00:00 јуни 6th, 2023|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 150|