ОК. Ќе бројам до 30. Ако се завртам и видам дека ме гледа, значи дека го имам, а се прави дека го немам.
Не гледа.
Срање.
ОК.
Ќе бројам до 60. Ако тогаш НЕ ме гледа…
Он: Наеднаш како струја да ѝ помина низ телото. И ‘рбетот како да ѝ живна, стана мек, змиулест и топол. Некогаш ми се чини дека целата се претвора во змија.
Она: Да го ебам, гледа. Сега требаше – да не гледа.
Он: Да го ебам, ме виде. Што мислиш, може ли да ми чита мисли? Може ли тоа некако да се чита од очи?
Она: Добро. Тогаш вака ќе направам. Ќе мерам пет минути. Ако во рок од пет минути ме викне, значи луд е по мене.
Он: Ниеднаш не се заврти. Ми е гајле. Мора да работам, имам работа. Немам време да зјапам во тој нејзин змиулест ‘рбет. Па што, има големи уши. А не е ни толку згодна.
Она: Не ме покани. Идиот. Одам да работам, немам време да бројам минути. А не е ни толку згоден.
Он: Па ни уста нема многу убава, а и носот ѝ е бабурест. Да ја ебам, зошто мораше сега нозете да ги крене на бирото?
Она: Кој го ебе. Не ме интересира. Е па, да броиш до 30?! Му доликува ли на некој од 40?
Он: За мене ли таа ги крева нозете? И од каде ѝ е тоа право да доаѓа на работа во толку куси шорцеви? Многу невкусно.
Баш ме интересира – каков вкус ѝ се колената?
Она: Неверојатна е поврзаноста меѓу здодевните документи и либидото. Можеби моиве документи би можела да ги патентирам како афродизијак?
Он: Пак се пипка. Па добро, нормална ли е?
Она: Пак не ме гледа. Ми е гајле, одам на кафе.
Он: Кај ќе оди сега?
Она: Да го викнам? Нема. Ама, зошто па да не, френдови сме, стопати сме биле на кафе.
Таа: Одам на кафе. Сакаш?
Тој: Може, донеси ми едно, со млеко.
Она: Кој кретен.
Таа: Нема да дојдеш со мене долу?
Тој: Имам состанок, сега.
Таа: Аха. Значи со млеко? Со ладно, нели?
Тој: Со ладно. Да.
Она: Кретен.
Таа се враќа. Тој седи крај компјутерот со слушалки на уши. На состанок е. Телефонски.
Таа му го става кафето на биро.
Таа: Повели, колега.
Тој: Фала. (Вели тој наградувајќи ја со најубавата насмевка што можеше да ја извлече.)
Она: Факт е, има убава насмевка. Тоа ми е, можеби, најдраго, таа насмевка. Или погледот. Можеби сè е во погледот? Ебаго, кој кур ми е, па човеков го знам веќе десет години. Што ми стана одеднаш?
Тоа е поради оној разговор од пред некој ден. Кога го слушнав како со Марко разговара за онаа Елена од вториот кат. Опасна женска, сите се палат на неа. А тој рече дека не е ништо посебно, дека има многу поинтересни мачки, на пример – јас. Дека, откако сум се вратила од породилно, многу сум се разубавила.
Вистина – рече и некои други колешки…
Он: Ме интересира, дали таа воопшто насетува дека ме интересира.
Тој: Да, да, извинете, не слушнав што рековте на крај. Да, лоша е врската. Аха, во врска со пресметката. Аха, да…
Она: Постојано е на тие конференции. Никогаш не можам да зборувам со него. Да имам барем огледало, да видам дали ме гледа. Утре ќе донесам огледало. Ама, кој кур ми е мене? Какво огледало?! Па мажена сум, ебаго. И тој е оженет. Какво црно огледало? Само што ми е здодевно. Мора да почнам да ги читам овие документи, зашто инаку ништо нема да стигнам да направам. Ако не ги прочитам за половина час, ќе заглавам.
превод од хрватски: Катица Гароска Ацевска