Во автобусот каде и стјуартот веќе не сакаше да зборува, беше сенишно тивко. Се слушаше само тивкото брчење на моторот и повременото ‘рчење на поднапиениот Панде. Никој не спиеше. Податокот дека за десетина дена двајца од поделата на маркантниот „Хамлет“ веќе ги снема делуваше застрашувачки и Борјан во умот веќе коваше некаков штрајк со кој би ја прекинале оваа турнеја за која пакосно мислеше дека е бескорисна, но со оглед на тоа што таа му нудеше да посети држави кои самиот никогаш не би си ги приуштил не даваше никаков отпор иако, рака на срце никој ни пет пари не даваше за неговото мислење, најмалку Булдогот. „Сега“, си мислеше Борјан Стерлинг кого неговите опоненти во своите потајни озборувања го нарекуваа Стеница, „е вистинскиот момент за преврат. Да се заврши ова бескорисно лудило кое би можело да не чини живот и да се тргне конечно по вистинскиот пат.“ Ги загледуваше наоколу констернираните колеги и ги пребројуваше оние кои би застанале на негова страна преплашено претпоставувајќи кој би можел да биде следниот што ќе го јаде волкот.
Полека се стемнуваше, а Линдита која заспа со неколку таблети за спиење ја разбуди вибрирањето на телефонот. Тоа беше Пампуров. Таа веднаш го вклучи телефонот и го сослуша велејќи само:„Добро. Пријатно“ на што Божо се штрекна, а по него и Вуле. Божо и Линдита се погледнаа молчешкум и таа му даде ишарет дека подоцна ќе зборуваат пропратено со движење од раката кое значеше дека сè ќе се среди на што тој си промрмори под носот: „Абе и досега сè требаше да биде во ред, ама некој ми ги требе луѓето. Којзнае на што ќе излезе ова.“ Вуле подголтна и се подзаврти само да му покаже на Божо дека е тука и дека е на штрек. Стјуартот незаинтересиран за групата чекаше да му помине мандатот со последното патување во Русија после кое тие самите ќе продолжат со авион до Пекинг. Воздивна во насока: „Никогаш повеќе со вас“ и продолжи да си игра игрички на телефонот. Најмалку заинтересиран беше возачот кој си потпевнуваше српски фолк песнички рутински вршејќи си ја својата работа „строго професионално.“
Сенишната атмосфера во автобусот наликуваше на онаа од Семејството Адамс – злокобна, но животна. Влегувајќи на руската територија почнуваа да живнуваат сите ликови од најпознатата Шекспирова трагедија, а заедно со нив и нивните носители: Тоци и Боци само ќе ги подадеа главчињата за да прегледаат што се случува и ќе се вратеа назад во нивниот весел и таинствен свет, Ееееј си играше со прстите од двете раце сомнабулно говорејќи неврзани реченици што индицираше дека сепак таа успеваше некако да прешверцува лесни опијати кои ѝ овозможуваа да замине во димензии кои не им беа познагти на другите, а тоа пак, од друга страна некако конвенираше со постојано ферментираната состојба на Панде кој спиеше како и секогаш со едното око подотворено за постојано да биде во дослух со се што сè случуваше наоколу. Борјан и Бојан веќе ги имаа заменето местата со оглед на тивкиот судир меѓу Ситница и Бојан околу намигнувањата со убавата Седа Ѓунѓор во Истанбул, додека Лавинија однесувајќи се мајчински и покровителски кон младиот и симпатичен Бојан за да ја одбегне напнатата атомосфера во автобусот после исчезнувањето на Димко и Филка, почна да открива некакви негови особини кои разгоруваа нешто за што ни самата не си веруваше и неговото присуство ѝ дојде некако многу пријатно. За почеток го тешеше во врска со изгубеното ноже велејќи му дека ќе се најде некаде и дека кога ќе стигнат „заедно“ ќе го побараат. Се прашуваше дали младиот Бојан Штрковски кого порано и не го забележуваше по театарските кулоари сметајќи го за надежно детиште би можела да ја разбуди онаа еротска Горгона кај неа која пред некои десетина години жареше и палеше низ јавниот простор во Македонија каде аферите со политичарите и бизнисмените ѝ беа додаток на секое утринско кафе по луксизните хотели и по јахтите на Охридското езеро. Зеде длабок здив и се насмевна на тоа нејзино чувство кое мораше да си признае дека одамна го заспала во себе и сега … е време малку да се разбуди. Со таа констатација ја вовлече својата дланка во дланката на Штрковски и силно го стегна на што овој се заврти и по малку се препоти разбудувајќи си ги еротските фантазии кои ги имаше кон неа како студент додека ја гледаше во разголените сцени во некои од театарските претстави. Изгледа дека веќе беа на иста бранова должина. Некако, за цело време ступорно гледаше актерот кој го играше Лаерт. Беше секогаш отсутен и како таков на Панде му западна в око со една лесна помисла дека може тој е „мирната вода која брег рони“. Нели? Тоа ќе го образложи на следната средба со Божо, но насамо кога Вуле нема да биде меѓу нив. На Гундур и Боуви овојпат им досаси играњето карти што значеше дека и нив ги имаше опфатено напнатоста и лежеа на задните седишта покрај масата зазјапани во таванот. „Во прашање се големи пари … сигурно … Токмакот и Анџарот ги оставив да сноваат низ театар, а им дадов и список на луѓе да ги следат. Никаков одговор од нив. Ги наполнал некој и нив што ме заебаваат вака. Колку и каде сè не дадовме за да биде како што треба. И чија гуша не се наполни?“, грчевито мислеше Божо препотувајќи се да ја најде врската на луѓето што му исчезнуваа и подземните струења кои го устоличија на местово кое сигурно дека му беше неколку броеви поголемо, но имаше големо искуство и структурите му прогледуваа низ прсти. „Имаше две аукции каде сè беше во ред, но …“ Скокна како препален и се погледна во Лаерт кој со половина од лицето беше излезен од зад седиштето пред него и веќе со часови се ѕвереше напред пред себе. „Тој беше таму … Никогаш не сум го прашал што бараше таму. Тој немаше пари за такви работи, а се шеткаше низ луѓето. Успеавме да ги откупиме реквизитите од времето на Отоманската империја, но …“ Повторно погледна во него, а актерот се врати назад и се навали на седиштето спуштајќи го до крај и разбудувајќи ги Тоци и Боци кои беа длабоко заспале. „Но, каква врска има со сето ова … “ Божо грувна и се истегна несреќно.