Осмиот повереник

/, Литература, Блесок бр. 65/Осмиот повереник

Осмиот повереник

(извадок)

Огромната ајкула бесно пливаше во круг, на сите страни блескајќи со ококорените очи. Беше погладен и поопасен од кога било порано. Површината на морето празно се белееше десетина метри над нејзе, а потоа низ неа се проби нешто налик на црно синџирче со приврзок. Ајкулата малку се повлече наназад и во страна, чекајќи необичниот предмет да дотоне до него. Во мигот кога ја препозна бројаницата, муцката од неподвижен гладен грч ѝ се развлече во задоволна насмевка. Најпрвин се развлече, а потоа се расчепати како да ќе голта танкер, а не обичен реденик. Лицето на Спасителот наш на малецкото распетие беше лицето на Синиша, со очи ококорени од непоимлив ужас…
Синиша се сепнува, се открива и се исправа толку нагло што Тонино во миг се здрви од страв.
– Ха! Ха… Аха… – збревташе повереникот. – Човеку, каков сон… Тибам, каков сон, не е нормално…
– Добро е, добро е… Сега е сè в ред. Тукушто навлеговме во Третјанскиот залив.
Синиша мамурно се загледа низ кружното окно заматено со капки. Не успеа да забележи ништо освен дека морето е многу помирно од порано.
– Тука сме? – праша.
– Уште малку, десетина минути.
– Имаш некое огледало? Имаш некое веце?
– Огледалото е во клупата под тебе, а нужник… Како да кажам, јас тоа го правам на крмата.
– Немаш тоалет?
– На Аделина немам. Нема потреба. Тебе, додуша, не би ти препорачал тоа да го правиш баш сега. Подобро би било да се стрпиш уште пола саат.
Синиша немарно ги собра ќебињата и ги стави на масичето, па го крена седиштето од клупата. Огледалото не беше внатре, во клупата, туку на долната, внатрешната страна од капакот. Разочарано го погледна насмевнатиот Тонино, клекна, ги пикна потколениците под зацврстеното масиче и почна колку-толку да си го разубавува одразот во налудничавото огледало. Тонино излезе на крмата и го смали гасот до пријатен мрмор.
Синиша го спушти капакот со огледалото, го заобиколи масичето и од спротивната клупа извади нова лименка „Фостерс“, па и тој излезе на палубата.
– Ја го! Новио третјонски повери! Ма најарен од свите! – подвикна Тонино, па во три скока мина од крмата до клунот.
На неголемиот брег, пред кусата низа трошни камени приземници, стоеја дваесетина луѓе под чадори. Еден се издвои од групата, Тонино му дофрли јаже кое овој вешто го фати и го намота околу трошното камено столпче. Синиша, не знаејќи што друго да прави, малку ја крена лименката, како да наздравува. Во истиот миг одеднаш се кренаа, како пред диригент, сите црни чадори на брегот. Синиша, пријатно изненаден, задоволно уште еднаш ја крена лименката, дури и малку повеќе, но повеќе никој не му возврати.
– Тонино, па зарем сите живеете во овие неколку куќарки? – тивко праша Синиша.
– Ма не, жити бога, ова е пристаништето, а селото е горе, позади.
– Позади?
– Полека, сè ќе видиш. Сега симни се од Аделина, пази да не се лизнеш.
Синиша пријде до врвот од клунот, се одрази со левата нога и вешто доскокна на мокриот брег, веднаш до мажот кој исчекори од групата за да му помогне. Супериорно го потупка типот по рамото и му се насмевна, па потоа со истата таа насмевка нанишани кон останатите:
– Добар ден, добри луѓе!
– Добредое, шјор повери – подготвено му возврати еден од нив, а другите закимаа. – Добредое на Третјон, на ваа камина солѕа, на вој плач од камиња!
Иако не разбра премногу, од тонот сфати дека се работи за куртоазно добредојде.
– Многу фала – рече, па со шеретски поглед помина врз сите собрани. – Ми се чини дека ние одлично ќе се разбираме… Мене, секако, ќе ми треба малку време да го запознам вашето наречје и обичаите, но ветувам дека ќе бидам вреден и брз. Секако, малку што ќе можам без ваша помош, а јас мислам дека и за мене и за вас е најважно што побргу да ја решиме оваа ситуација. Ако немате ништо против, јас би почнал веднаш… На пример, зошто ме викате „повери“? И Тонино на бротчето и сега вие овде. „Повери“ на италијански е, колку што знам, кутар, сирот, така нешто. Зошто мислите дека јас сум баш таков?
Островјаните почнаа сериозно да се загледуваат а Тонино, со оној свој врзоп весници, скокна од бротчето:
– Полека, господине повереник, збор е за очигледно недоразбирање. Повери не кутар и беден, напротив. Ние малку го кратиме она повереник, тоа на сите ни беше нов збор, па испадна „повери“. Повери е повереник, разбирате, по третјански, без никаква зла намера.
Синиша му се загледа длабоко во очите од кои не сјаеше ништо освен невиност и искреност. Сепак, го изненади службеноста на тонот со кој Тонино му се обрати. Очигледно, и тој си ја бара својата трошка авторитет. Па нека му, тој овде очигледно ќе биде и повеќе од обичен преведувач. Тишината потраја долго и Синиша осети дека сите погледи се вперени во него. Треба нешто да се каже, знаеше, баш како што знаеше и дека од она што ќе го каже ќе зависи идното однесување на овие накиснати лицемери.

2023-06-07T21:34:04+00:00 април 29th, 2009|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 65|