„ На умниот ѕидар да му се урива вечниот труд –
Тоа е омега на сè, на сè е крај.“
Лаза Костиќ, Сеќавање на Руварц
… и така, што е особено важно, е отстранет секој
континуум којшто би постоел со некој друг.
Кога тој ќе се отстрани, се губат и многу други сериозни потешкотии,
та не постои никаква неизмерност којашто навистина би постоела,
туку само помеѓу можните нешта останува низа на одредености,
продолжена до неизмерност.
Руѓер Јосип Бошковиќ, Theoria Philosophiae Naturalis
Се сеќавам дека најпрво ги виѓавав во сништата и дека отпрвин не ми го нарушуваа сонот. Напротив, им се радував. Иако во таа радост можеше да се насети никулецот на идната болка. Ме врзуваа со невидливи нишки за претходното, за она што еднаш беше бил мојот живот којшто толку безгрижно го делев со оние коишто веќе ги нема, и не насетувајќи дека во некое време коешто топрва треба да се случи сето тоа ќе биде магма од сеќавања, лажовна и тешка.
Наутро ќе помислев дека тоа е само сон, прелага, магла, пајажина, ништо, и невознемирена ќе го продолжев денот, чијашто монотона, предвидлива празнотија беше сепак полесно да се поднесе. Ги развивав сништата во текот на денот, полека. Ќе седев на паузата за ручек на некоја клупа во паркот, со поглед на каналот и јатата птици на коишто им фрлав паричиња стар леб што секогаш го носев во мојата црна торба, и бев мирна, исполнета со таа сновиденска полнотија во којашто сè настануваше и во којашто јас, сонувачката којашто не ја гледам но ја чувствувам, за чудо, секогаш беше не само помлада, секогаш на некаков почеток, туку и цела, заокружена, исполнета со живот. Можев да се насмевнам над некој детаљ од сонот. Или да втонам во мисли од коишто ќе ме сепнеше сирената на бродот во минување, или пак ѕвоното од блиската црква коешто ќе избиеше два пати, знак дека е време да се вратам.
Веќе не се сеќавам кога од сништата се преселија во мојкот живот, во мојот буден живот. Најпрвин го населија просторот на работ на погледот, просторот во моментот на измолкнување, а јас не забележав. Тоа не се случи одеднаш, туку постепено, во бавното поместување на свеста, во бавното прифаќање дека тоа што моите очи го гледаат навистина постои. Зашто, штом ќе ги здогледав – исчезнуваа: бледи лица во трамвај со којшто се разминувам; човек крај пругата, неподвижен во просторот крај којшто со возот минувам; жена којашто сум ја знаела скршнува зад уличниот агол пред да успеам да ја стигнам. Така тоа траеше и траеше, сè додека не станав потполно свесна дека се крај мене, дека ме набљудуваат во секој миг, можеби и кога спијам, дека не можам да им пријдам и дека не можам да им избегам.
За нив со никого не зборувам. Што, воопшто, би можела за нив да кажам? Дека редовно ги гледам оние коишто не постојат, коишто веќе со години се мртви, или пак оние за коишто знам дека некогаш живееле на илјадници километри одовде? Наместо тоа, молчам и ги поднесувам и се обидувам да ги разберам законите според коишто се јавуваат, да ги предвидам, логиката да им ја разберам. Нешто и научив. На пример, тие се потполно неми, не само што не зборуваат туку и на просторот околу себе му го одземаат секој звук. Во мигот кога ќе ги здогледам, сè тоне во тишина, станува побавно, налик на некој нем, подзабавен филм. И со боите нешто се случува, како да се подложни на влијанието на личноста којашто ги предизвикува; понекогаш стануваат побледи, избелени, понекогаш, пак, посилни, поинтензивни, посјајни. Никогаш не се појвуваат кога ги очекувам, кога мислам на нив, туку секогаш одненадеж, при одморање, кога на ништо не мислам.
Кога велам тие, тешко ми е да објаснам за кого зборувам. Тие можат да бидат кој било, секое лице коешто некогаш сум го познавала или видела. И оние на коишто се сеќавам, и оние коишто, бев мислела, засекогаш почиваат во заборавот. Некогаш личат на себе, некогаш се помлади, од времето кога не сум ги знаела зашто мене ме немало. Или пак, се постари, уморни и кревки. Кое било лице, кој било простор во којшто кога и да сум престојувала, пред да дојдам да живеам овде. Ни јас не ја разбирам смислата, што впрочем сакаат од мене, зошто упорно се враќаат ако исчезнуваат во истиот момент кога за нив ќе станам свесна? И не знам што би требало да сторам, со каков оган околу себе круг да направам, па да ме остават на мира, да продолжат да престојуваат таму кај што им е местото – од онаа страна на бесконечната големина на Просторот.
Можеби затоа останав да живеам овде. Ни самата не знам што е тоа што ме врзува со овој свет, зошто не би можела да продолжам понатаму. Се сеќавам, во првите месеци на мојот престој, патував некаде. Жолтиот воз со рамномерна брзина минуваше крај едноличните предели, зелени ливади и стада црно-бели крави без рогови. Потоа се појавија некои ветерници какви што никогаш порано не бев видела. Цела шума високи, бели, столбови со трокраки крила на врвот, коишто се вртеа и се вртеа. Возот тивко минуваше крај нив. Сè беше фатено во неискажлива тишина којашто е присутна во големите рамници. Ненајавено, слично на големата струја во близина на островот Моско, којашто ја нарекуваат и малстремски вир, почувствував како возот и патниците и јас и полињата и споменатите крави и шумата од живи ветерници и синилото над нас почнуваме да се вртиме и да пропаѓаме. И да ја немаше светлината којашто благородно тонеше со нас, не знам како ќе се снајдев во таа новооткриена бездна. Како од стравот ќе излезев. Кога се сепнав од тоа бавно, неумитно пропаѓање коешто зад себе ништо не остави, ме пречека неонската светлина во купето, лицата, студени, далечни, задлабочени во весниците и во сендвичите од ’ржан леб, ме пречека парче од мочурливата рамница коешто изминуваше толку брзо за што било да открие, и тишина.
Можеби, потоа, сè започна. Можеби тогаш првпат сум ги видела, од возот, во здрачот: некој стоеше крај пругата и, и покрај брзината со којашто се разминавме, разменивме погледи. А јас потоа со часови се прашував, од каде го познавам тој човек. Ми се откри насоне, беше тоа одамна заборавениот зол сосед, кај кого што завршуваа сите мои топки во раното детство.
Стојам на Мунт и размислувам на која страна да тргнам, кон Централната станица каде што би требало да купам нова неделна трамвајска карта, или на спротивната страна, по улицата Фејзел, до училиштето за странски јазици, каде што веќе со месеци го одлагам уписот на курсот за холандски јазик. Пеат ѕвоната од околните кули и цркви. Се решавам да појдам по улицата Фејзел, се наведнувам за да го заклучам велосипедот. Имам проблем со гломазната, црна, извиткана брава. Се мачам, главата речиси ми го допира асфалтот. И тогаш ги здогледав. То ест, тогаш се здогледав. На другата страна на улицата: мама и јас живо дискутираме околу нешто и одминуваме кон плоштадот Рембрант. Мама е во својот капут од кафен твид во старовремска кројка. Јас, во бордо јакна со две лица, која што пред многу години ја имав купено од мојот прв хонорар за објавено интервју во Студент. Истрижена сум кратко. Мама како и секогаш – во ореолот на својата црвена коса, мафта со рацете и се смее гласно.
Во тој миг сè застана. Пешаците, трамваите, автомобилите и велосипедите. Ми се чини дека и гулабите под кулата замрзнаа. Никакво ветерче. Никаков звук. Како во стаклена топка во којашто нечујно минуваат капки дожд.
И понатаму со бравата в рака, се оттргнав од таа замрзната слика и потрчав кон нив, не осврнувајќи се на прометната улица на којашто, во мигот кога се помрднав, кога дојдов до здив, повторно се вратија и животот и звукот. И бојата – обична попладневна есенска полутемнина, прошарана со капки дожд. Ѕвонеа трамваите, пееја механичките ѕвона од блиските кули и цркви, некој притискаше на сирената. Лицето на возачот којшто бесно нешто ми довикува низ прозорот. Некој човек гледа по мене. Ги видов кафениот твид и бордо јакната како скршнуваат во улицата Торбекер и знаев, кога ќе дојдам до аголот, веќе ќе ги нема. Ги немаше. Улицата беше празна. Ветрот, по мазната темна калдрма, си поигруваше со некои суви лисја и фрлени хартии. Знаев дека не вреди да се оди понатаму. Сеедно, се спуштив по улицата по каналот, па потоа крај непријатно темно-зелената вода, се вратив на Мунт. Тука сфатив дека и понатаму ја држам бравата од велосипедот, но велосипедот веќе не беше онаму каде што го имав оставено. Се откажав од плановите и скршена, решив да се вратам дома пеш. Безволно одев низ лавиринтот од улички кон југ, ми беше сеедно дали некогаш воопшто ќе стигнам дома. Не ми се влегуваше во самотијата на мојот дом. Ми беше криво, им бев љубоморна на нив двете. Зошто јас одам сама ако таа е со неа? И која е воопшто таа? Дали јас сум таа? На аголот на една уличка, пред една старинарница, некој човек со боја на цимет, иста како и бојата на излогот пред којшто стоеше, проповедаше.
– Од онаа страна ќе останат пците, страшливците, јасновидците, блудниците и џелатите! – викаше тој, не никој не му обрнуваше внимание. Си помислив, зошто песовите, но не се вратив да го прашам. Дождот стануваше сè погуст, бев потполно наводенета и измрзната. Стигнав до улицата кајшто живеам, а којашто е сочинета од бескрајно долга низа на приземни станови за жени самици и пензионерки. Мојот стан се наоѓаше на самиот почеток, улица Руст борј шест. Седнав крај прозорецот и го набљудував познатиот пејзаж, парче четворокатница во далечината, зимска градина, две чапји и крилото на ветерницата коешто бавно се движи. Небото беше ниско и метално и се чинеше дека почнува од самите круни на голите платани. Во станот беше тивко, толку тивко што се слушаше само како некое срце отчукува. Сакав да појдам кај нив, сакав двете да ги прегрнам, и на обете нешто важно да им кажам. Сакав да си одам одовде, сакав да појдам на онаа страна. Легнав на подот, го дувнав малиот пламен во плинската печка, го зајакнав гасот и го прилепив лицето на дрвениот под. Тражев со очите по собата, во аглите, тражев пукнатина, некаков процеп. Срцето биеше, печката тивко шуштеше, како некогаш ветрот во тополите. А очите конечно мирно се лизгаа по темната линија помеѓу спојките на дрвениот под во којшто веќе не гледаа мртви, подредени греди, туку ја гледаа самата неуништива срцевина на големите мирни дрвја. И тогаш ја здогледаа.
Сенките полека исчезнуваа од ѕидовите. Подот се повлекуваше, се поткреваше, сè додека не се зазеленија моќните, зелени круни на дрвјата. Небото од сивило преминуваше во лазурно синило и се креваше сè повеќе, носејќи ме и мене со себе. Лежев на сувиот бел песок, со рацете зафрлени зад главата, со полусклопени капаци, облеана со топла позлата. Им се радував на пердувестите облаци коишто доажаа носени од некој висок топол ветар и бавно одминуваа понатаму. Беше јасно дека сум на Островот, дека околу мене тече Реката, дека на другиот брег е грамадата на сивиот Град и дека од Пристаништето со црвен трамвај по стрмата и засенчена улица во којашто минувачите велат добар ден, за неполн час се стигнува Дома.
Превод од српско-хрватски: Игор Исаковски