Кружно патување: од литературата до анимираниот филм и назад

/, Литература, Блесок бр. 90/Кружно патување: од литературата до анимираниот филм и назад

Кружно патување: од литературата до анимираниот филм и назад

Од каде да тргне човек кога треба да анализира 3 генијални дела, 3 извонредни производи на современата култура, сите подеднакво комплексни, секое во својот домен, а од друга страна, секое од нив со свои специфики, поединости и атрибути што не се својствени за другото. Дали промислувањето треба да го следи аналитичкиот или синтетичкиот принцип, промислувајќи ги поединечните симболи на секое од делата, или пак спротивно од тоа, разгледувајќи ја нивната целовитост како придобвика од комплетното уметничко-спознајно искуство? Бидејќи овде не се работи за филозофски категории, туку за стриктно уметнички, сепак, треба да се спроведе компаративниот метод како единствено оправдан кога станува збор за дела кои истовремено се толку истородни, блиски во својата уметничка и едукативна фукнција, но едновремено и толку различни, заради природата на просторот во кој го наоѓаат својот израз.
Станува збор за велемајсторски напишаниот расказ на Димитар Солев, Кружното патување на сенката, истиот преобликуван во уметничка бајка „извадена од левиот џеб“ на авторот Александар Прокопиев, и двете пресоздадени и преобликувани во еден генијален филмски производ, дело на режисерот Жарко Иванов и ликовниот творец Александар Зафировски, односно ФлипБук (FlipBook) Продукција.
Овде набројав три авторски искуства пренесени преку различни медиуми и техники на изразот. Секое од нив, несомнено, достојно за темелна анализа само по себе, но и во неизбежна интерферентна врска едно со друго ја обземаат истражувачката љубопитност на секој што ќе си ја земе задачата да толкува. Стравувањето што при тоа се јавува е дали интерпретаторската анализа на оној што си ја зел таа задача ќе биде достојна за делата? Дали нема да изостави нешто од нивната сеопфатност поточно дали и самата компаративна студија ќе биде сеопфатна како што се и делата сами по себе? Има само еден начин да се дознае, а тоа е да се проба! При тоа не мислев на проба како вежба, туку на нешто што треба да се стори со голема храброст. Па да тргнеме во потрагата, и тоа од делото од кое и започна целото кружно патување – расказот на Димитар Солев.
За наша голема среќа, јасниот и прецизен раскажувачки израз на Солев ни помага спретно да го следиме низ текстот и во ниеден момент да не застраниме од текот на значењето. Главна архетипска слика во расказот Кружно патување на сенката е јукста-позицијата на градот и гробишата. При тоа, овде мислам на контрастот што се создава при вообличувањето на сликата на градот како дом на живите и од друга страна, сликата на гробиштата како дом на мртвите. Не случајно Солев ги поставил толку спротивставено, зашто како што и самиот вели: „Колку што градот се ширеше, така гробиштата беа сè подалеку – живите не сакаа да се мешаат со мртвите“….Или „Градот се ширеше како капка мастило на попивателна хартија и гробиштата беа сè подалеку и подалеку“.1F
Главното дејствие што ги поврзува градот и гробиштата е снажната желба на протагонистот Круме секогаш одново да засадува млада фиданка крај гробот на неговиот син, првенец, Митруша, кој загинал за време на војната. Целиот расказ го лизга своето значење по патеката од градот кон гробиштата, каде и да се преместени истите, бидејќи Солев вака вели: „откако заврши војната гробиштата ги пренесоа на источниот крај од градот, во Усје…најпосле гробиштата ги префрлија во северниот крај на градот, во Бутел.“2F Оската на дејствието во расказот е преместувањето на коските на Митруша од еден гроб во друг, од еден вечен дом, во друг. Но пејсажниот елемент во оваа толку морбидна слика е што стариот железничар Круме се одново и одново, на секој нов гроб на неговиот Митруша сади млада фиданка, за да му држи сенка над глава. Овој мотив, на репетитивност што го карактеризира животот на Круме, кој токму во овој потфат, комуникацијата со мртвиот син Митруше, ја наоѓа смислата на своето постоење, е исто така и лајтмотивот во егзистенцијалната бајка на Прокопиев од неговиот Човечулец. Железничарот Круме е олицетворение на еден таков „човечулец“ – маргиналец, поразен во битката со животот, кому единствено оправдување за сопственото постоење му претставува комуникацијата со мртвиот син, бидејќи и останатите тројца живи, одамна си заминале по светот и го напуштиле: „Беше ли кај Митруша, прашуваше старата кога ќе се вратеше железничарот од град. Бев, одговараше Круме како да бил кај некој со кого штотуку двајцата се разделиле. Како е, потпрашуваше старата, а во гласот и потреперуваше надевањето дека не е полошо од вчера. Добро, одвраќаше стариот, белки во новите гробишта ќе му биде подобро…Свикнати цел живот да работат за други, ним им се чинеше дека нема што да работат за себе.“3F Солев ја зацементирал судбината на Круме, а неговата сопатничка толку ја обезличил што не ѝ дал ни лично име, туку секаде во расказот ја нарекува старата. Во мислите им ги всадил само идеите за умирачка, бидејќи животот не им оставил многу нешта за радување. „Порано, барем работата ја одржуваше присутна за овој – грижата за живите деца не ѝ оставаше време за мисла по умрениот.
Но, како што децата – едно по едно, како загуба по загуба – ја празнеа куќата, така и старата остануваше сѐ повеќе со празни раце, без грижа и без работа. Барем едно, си викаше не знаејќи што да прави со рацете, барем едно да ми останеше, барем едно внуче да ми останеше.“4F Димитар Солев, овде, не претендира неговиот раскажувачки запис да биде преточен во визуелно остварување, но самиот по себе е толку јасен и питорескен, небаре дејството се случува пред очи на читателот.
Иако Прокопиев во својата бајка напишана според мотивот од Кружно патување на сенката, доследно ги движи сцените од расказот на Солев, тој во својата верзија прави едно концизно сценарио за анимиран филм. На самиот почеток, уште пред насловот посочува: „Оваа бајка се кажува на љубител на анимиран филм“5F, како однапред да знаел дека неговиот потфат ќе биде комплетен, односно ќе резултира со создавање анимиран филм. Анимираниот филм, пак, како еден визуелен медиум уште повешто ги исцртува сите контури од раскажувањето на Солев и приказот на Прокопиев. Вештиот ликовен уметник Александар Зафировски фантастично го портретирал испостениот, истрошен и подгрбавен Митруш, облечен во старо, изветвено палто, како шета по опустените прашни улици на градот. Од почетокот до крајот, на 7,32 минутниот анимиран филм, покрај стариот Круме трчка сенка на мало дете, олицетворение на покојниот Митруш чија смрт Прокопиев ја сместил кога тој имал само 9 години, како што вели во неговата прераскажана бајка: „На надгробниот крст се гледаат буквите – Митруш, и годините 1951-1960.“6F Во овој приказ сликата на Прокопиев се разликува од сликата на Солев за ликот на Митруш, кој го има сместено во поодмината возраст, бидејќи во една реченица вели вака: „Никогаш дотогаш железничарот Круме не се чувствувал виновен пред својот прв син – дури ни тогаш кога го испраќаше стрижен во туѓа војска, за да си го намали товарот во куќата за една уста.“7F Се разбира, читателската слобода е неприкосновена, исто впрочем, како и авторската, па секој читател може да си го замисли Митруш на која возраст смета дека треба да биде. Во приказот на Прокопиев, како и во анимираниот филм, кој многу доследно го исцртува текстот на авторот, Митруш, прикажан како сенка на младо момченце, постојано трчка околу таткото Круме и го следи во неговата секојдневна одисеја до гробиштата, кои секогаш се наоѓаат далеку од градот. Моќта на трансформацијата на градот, неговото растење и модернизирање, патеката по која се движи Круме, која исто така прикажува промена на времињата, но и телесна трансформација на Круме, (кој во секоја сцена е постар, позбрчкан и поизнемоштен) се вешто прикажани преку графиката на Алек Зафировски. Дејствието во филмот го следи суптилна тажачка музика, многу соодветна на амбиентот, чиј композитор и изведувач е извонредниот контрабасист Оливер Јосифовски. Музичката подлога му вдахнува душа на цртежот, го оживува во сета негова веродостојност. Режисерот Жарко Иванов прецизно го следел плетивото на Прокопиев и го отплеткувал котелец по котелец. Во првата сцена, како што е забележано и кај авторот, филмот ни го прикажува Круме, старо, поднаведнато човече, во палто на ислужен железничар8F, кој во ракaта носи млада фиданка, на која виреат неколку ливчиња и со тежок и бавен ôд чекори по прашливата патека, додека околу него трча сенката на малиот Митруш. Круме стасува до гробиштата и ја засадува младата фиданка покрај гробот на Митруша. Покрај него постојано е присутна сенката на малото дете, кое му помага околу садењето и наводнувањето на дрвцето, иако Круме не е свесен за нејзиното постоење. Во меѓувреме, на еден од соседните гробови се слуша јачење на старица завиена во црнина, во извонредна гласовна интерпретација на Верче Милошевска. Во втората сцена веќе се менува сликата на Круме и сликата на градот. Колку што градот станува понов и помлад во своите градби, толку Круме станува постар, поизнемоштен, побавен и тром, позгрбавен. Овој контрапункт, од една страна подмладувањето на сѐ што го опкружува Круме, а од друга, неговото лично пропаѓање, го истакнува присуството на времето и временските разлики, ја потенцира хронологијата во оваа куса приказна. За овие временски скокови кои е многу тешко да се доловат во седум и пол минутен филм, особено сведочи третата сцена, во која градот е пораснат, видоизменет, а исто и гробиштата – за разлика од прашливата патека која водеше до нив, сега до нив води нова, асфалтирана. Трагиката во приказната се создава од, во недоглед, репетитивните постапки на Круме кој се менува само телесно – поизбразден во лицето, подгрбавен, со бавен и тром чекор, чие тело почнува да се претвора во крошна од дрво и да пушта корени. Секое негово движење станува потешко од претходното, затоа што неговото истрошено тело полека се трансформира во дрвото кое опсесивно го сади одново и одново. На крајот, во последната сцена од филмот, Круме е сиот претворен во дрво над гробот на неговиот син со што засекогаш останува покрај него.
Овој фантастичен израз на метаморфоза на човекот чија единствена смисла на постоењето е садењето фиданка над гробот на неговиот син, при што и самиот на крајот станува дрво што засекогаш останува да држи сенка над главата на покојникот, е многу вешт визуелен приказ на последните реченици од Солевиот расказ „…Сместувајќи ги коските на Митруша во новиот гроб, стариот железничар се зарече дека никогаш повеќе нема да ги спретува – ни да го сели, ни да го пусти, ни да го штури. Па макар градот се урнал од ширење.“9F
Последната сцена од филмот многу интелигентно кореспондира со првиот приказ во обата текста, и оној на Солев и оној на Прокопиев – младата фиданка, носена во вреќиче на грбот и сраснато со него – небаре самар по мера10F. Ефектот на сраснувањето на дрвото со телото на Круме и пуштањето корени крај гробот на синот е метафора за циклусот на животот и вечното враќање.

Иако во нашиов текст правиме една компарација помеѓу писател припадник на модерната, и писател припадник на постмодерната (но ова секогаш го кажувам со резерва, сметајќи дека овие ригидни граници секогаш треба да се преиспитуваат, земајќи во обѕир дека истите во некое друго време, ќе бидат превреднувани поинаку, презапишани и поместени) ние всушност обајцата ги соочуваме рамо до рамо поради блискоста во тематиката – и двајцата се писатели на урбаната средина, се разбира, секој во своето време. И Димитар Солев и Александар Прокопиев во овие два раскази, секој со своите авторски и стилски особености, се записничари на духот на градот и животот во него. Во нив провејува уште еден мотив кој е својствен за обајцата, носталгијата по детството и минатото. Кај Прокопиев е толку воочлива потребата oд навраќањето во детството и потрагата по бајковидниот свет со сите негови волшепства, невидливи веќе за возрасниот човек. Овој ескапизам кон теми од детството кај Прокопиев се чини влева една своевидна лиричност и меланхоличност во раскажувањето. Тоа е уште подрастично кај Солев, кој, пак, од друга страна, на младоста секогаш и ја сопоставува староста, на раѓањето, секогаш му ја сопоставува умирачката. Иако Прокопиев своите творечки имагинации остварени во интелигентно сроченото четиво Човечулец ги впишува во форма на бајки, сепак, неговите ликови не се имагинарни, ниту чудовиштни, туку напротив, се толку реални егземплари од секојдневниот живот, обременети со егзистенцијални проблеми, кои се разбира, не се истакнати како примарен дискурс во текстот. Токму тоа го прави Прокопиев вешт опишувач и загатнувач на секојдневните трикови кои човекот што не е писател или уметник ретко ги забележува, а уште поретко е фасциниран од нив. За разлика од Солев, кој е многу реалистичен, или подобро речено натуралистичен, Прокопиев, описот на секојдневието и сè што произлегува од него го поставува во еден метадискурс кој на прво читање и не е така лесно одгатлив. Уште во самиот наслов Човечулец, кај читателот се јавуваат безброј недоумици за неговите потенцијални значења. Можеби и мене сè уште не ќе ми беше јасно за што станува збор, ако Прокопиев лично во едно од неговите интервјуа не објавеше: „…тоа „Ц“ на човечулето кое инаку е мал човек, му дава инает, доследност и индивидуалност. Тој човечулец се бори, а не нагрбува и трпи. Понекогаш е лош и непримерен, но секогаш е доследен на себе!“11F

Да, Човечулецот е мало, но ремек-дело на македонската современа книжевност, не затоа што ја доби најпрестижната награда од балканските простори – Балканика, ниту затоа што влезе во конкуренција за најпрестижната европска награда Ангелус во конкуренција со четириесет и еден европски писател, туку затоа што е новина во раскажувачката постапка, пресен здив во изборот на тематиката, а најмногу заради иновативното претставување на вечните теми на оваа наша мала литературна почва. Овој роман, дотолку ќе остане запаметен и заради ингениозното филмско остварување на режисерот Жарко Иванов и аниматорот Александар Зафировски кои го овековечија расказот-бајка Кружно патување на сенката и си заработија значајно место во македонската филмска индустрија.

РЕФЕРЕНЦИИ:

1. Солев, Димитар, Кружно патување на сенката, Наша Книга, Скопје, 1988
2. Прокопиев, Александар, Човечулец, Магор, 2011
3. http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=28121019241&id=26&prilog=1&setIzdanie=22500
4. http://www.dw.de/прокопиев-човечулец-e-книга-за-малиот-човек-и-големите-вредности/a-15789703
5. http://www.utrinski.com.mk/default.asp?ItemID=36BE758A2F933A41B09C981C7768786D
6. http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=AB654AFCFB409E4184886CA4804C00BB
7. http://www.mkd.mk/17693/kultura/prokopievbajkite-i-denes-se-mozni

#b
1. Солев, Димитар, Кружно патување на сенката, Наша Книга, Скопје, 1988, стр. 297 и 305
2. Солев, Димитар, Кружно патување на сенката, Наша Книга, Скопје, 1988, стр. 298 и 299
3. Солев, Димитар, Кружно патување на сенката, Наша Книга, Скопје, 1988, стр. 304 и 305
4. Солев, Димитар, Кружно патување на сенката, Наша Книга, Скопје, 1988, стр. 305
5. Прокопиев, Александар, Човечулец, Магор, 2011, стр. 44
6. Прокопиев, Александар, Човечулец, Магор, 2011, стр. 46
7. Солев, Димитар, Кружно патување на сенката, Наша Книга, Скопје, 1988, стр. 306
8. Прокопиев, Александар, Човечулец, Магор, 2011, стр. 44
9. Солев, Димитар, Кружно патување на сенката, Наша Книга, Скопје, 1988, стр. 306
10. Солев, Димитар, Кружно патување на сенката, наша Книга, Скопје, 1988, стр. 297
11. Интервју за Дојче Веле: „Прокопиев: „Човечулец“ е книга за малиот човек и големите вредности“

АвторМарта Маркоска
2018-08-21T17:20:49+00:00 јуни 30th, 2013|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 90|