Да се живее, значи да се танцува танго

/, Литература, Блесок бр. 70/Да се живее, значи да се танцува танго

Да се живее, значи да се танцува танго

Тангото е старо колку и човекот: се родило со првата душевна болка.
Тангото е љубовна приказна што трае три минути, двосмислен разговор без зборови, вертикален израз на хоризонтален копнеж.
Тангото правеше што сака со нас и нè водеше и нè губеше и ни наредуваше и повторно се враќаше да нè најде

Хорхе Луис Борхес

#1 Танцот е внатрешна и надворешна уметничка форма, психолошко и физичко движење чијшто израз пренесува, поместува и праќа пораки на многу силен начин. Филозофски закон на движењето, танцот е исто така и естетска метафора на обзнанување на животот и спознавање на светот. Но и многу повеќе од тоа: танцот ткае цели историски епохи и раѓа автентични култури. Токму таков танц е аргентинското танго.
Приказната за тангото започнува во втората половина на деветнаесеттиот век. Неговото потекло разгорува контрадикторни дискусии. Зборот танго во кралската енциклопедија на Шпанија во 1803 се дефинира како „Забава и танц на црнците од Африка и на народот од Јужна Америка“. Според некои историчари, зборот има африканско потекло и етимолошки доаѓа од зборовите „там-там“ и „кандомбе“, користени во некои африкански танци. Во дијалектот боза „тока танго“ го означувал почетокот на танцот. Освен тоа, многу африкански робови „танго“ го нарекувале просторот каде што тајно се собирале. Други теории, пак, велат дека овој танц се здобива со автентична форма во периодот на европските имиграции во Аргентина, околу 1800 год., кога со пристигнувањето на претежно машка популација се засилува присуството на борделите. Крај Рио де ла Плата бродови со италијанска, германска, руска, англиска, полска, еврејска и шпанска култура се судираат со веќе постоечките танци и движења на заседнатите аргентински каубојци, т.н. gauchos, со африканското кандомбе и кубанската хабанера. Тој фантастичен сублимат на танцови екпресии ќе доведе до појавата на нова форма: милонга – спој на поезија, имигрантска тага, полска мазурка, валс и кубанска хабанера. Милонгата ќе стане танц на сиромашните.
Тангото настанува на улица, во темни и несигурни квартови, во озлогласени барови како утеха на имигрантите, коишто сонувајќи богатство се соочувале со улично разбојништво, криминал, кланици. Затоа првото танго го заигруваат т.н. compadritos, маалските мангупи коишто танцувале по калдрмите со улични свирачи, во темни градски квартови наречени arrabal, каде што одекнуваат бандонеон и виолина. Играат мажи со мажи, зашто на жените не им било дозволено на јавни места да танцуваат, односно воопшто не смееле да танцуваат доколку припаѓале на класа повисока од ниско-средната. Дури подоцна тангото се преселува во борделите каде што за првпат жените почнале да го танцуваат. Затоа духот на овој танц е чисто еротски. Затоа низ него провејуваат нескротливи чувства како еротски копнеж, љубомора, страст, бес, изневера, борба за моќ. Од апсолутно машки код, тангото се претвора во женска магија на заведување: мажот ја води жената, а таа го заведува.
#3 Низ бес на староседелците и тага на имигрантите се одвива таа егзистенцијална историја, тој натпревар меѓу мажи што освојуваат жени но и статус во маалото, во предградијата на Буенос Аирес. Темен мачизам и машки етос се испреплетуваат низ провокативниот ритам на оваа музика. Затоа, меѓу првите претстави за овој танц многу често фигура-симбол е аргентинскиот гаучо, којшто држи нож во раце и со заврзани очи танцува со друг гаучо. Борхес во неговиот расказ „Натрапник“ зборува токму за овој брутален мачизам којшто доминира во руралните делови на Аргентина. Тангото се поврзува со исконски чувства на преживување, на сирова егзистенција, на потреба да се биде, да се означи сопствената трага за да не се исчезне. Денес таа култура повеќе не постои: полека си заминува со смртта на првите танго мајстори. Но споменот и сведоштвото остануваат и се паметат.
Живееме во рафиниран или цивилизиран, односно нео-трибалистичен и нео-капиталистички свет (и тангото денес го „консумираат“ елити). Но тој свет, што му дава зародиш на тангото, бил сиров, див, тежок и сиромашен. Во тој свет се раѓаат тајните гласови на судбината на овој танц: иако неговото дувло бил борделот, сепак благодарение на неговите буеносаирски татковци, коишто имале храброст да создадат автентични творби на бидување и да му пркосат на времето, тангото денес го освојува светот.
Првото танго го компонираат мајстори-лаици, коишто немаат речиси никакво познавање за музичка теорија или партитура: Ангел Вилолдо и Едуардо Аролас во двочетвртински такт компонираат весел и лудичен ритам, и стиховите се пишуваат во лунфардо, сленг на работничката класа. Подоцна големите мајстори на танго музиката компонираат сложени композиции за танц. Не повеќе темните квартови, туку живописните населби Бока и Сан Телмо во Буенос Аирес стануваат заштитен знак на тангото. За првпат, храбри и достоинствени женски гласови го запејуваат, меѓу кои Нели Омар и Сузана Риналди. Златната епоха на тангото заживува со виолинистот Хуан Д’Ариенцо, бандонеонистот Анибал Троило, пијанистите Карлос ди Сарли и Освалдо Пуљезе.
Тангото пошироко ќе се прослави со познатата песна „Yira yira“ којашто пее за уличните, номадски талкања без насока и правец, без цел и смисла. Ја пее и култниот пејач на танго песни Карлос Гардел. Со него, всушност, ќе се прослави танго музиката: во Париз, каде што за првпат во Европа се танцува танго, тој пее со Џозефина Бејкер. Во 1904 г., за прв пат се танцува танго на сцената во Операта на Буенос Аирес. Тангото дури и ќе се холивудизира со познатиот, но не толку веродостоен, танго-танц на Рудолф Валентино во „Четворицата јавачи на апокалипсата“ во 1913 г. Во Аргентина тангото веќе блеснува во кабарињата и во театрите и се негуваат квалитетни оркестри, пејачи и танчари.
#8 Но, и покрај тоа што полека ќе почне да го привлекува вниманието на високите класи на Буенос Аирес, овој своевиден јужноамерикански џез ќе биде забранет од страна на многу државни и религизони институции и ќе биде прогласен за нехристијански, срамен, непристоен и неморален. Екстремни левичарски и десничарски движења во Аргентина одбиваат да му доверат на тангото улога на синоним на аргентинската култура бидејќи бил смеша од кубанската хабанера и новата милонга, бидејќи ја довел жената во улога на работничка во бордел наместо во фабрика, го забрануваат неговиот јазик „лунфардо“ и го прогласуваат за нечист. Дури ќе посакаат строго да ја контролираат неговата содржина и форма. Оваа сериозна закана за идентитетот на овој танц ќе предизвика опасност од обезличување на изворноста и ќе го смени текот на неговата историја. Единствено во периодот на Евита и Хуан Перон, тангото станува национална гордост. И иако се менува со политичките услови, сепак тангото ќе преживее како своевиден симбол на отпор, бунт и револуција. Затоа што токму за време на големата економска депресија и во тие услови на репресија и контрола, силни движења на авангарда и отпор, во периодот после Перон, се здружуваат во подземјата и танцуваат танго во мали простории, како во бегство од пост-перонското националистичко движење.
#5 И покрај долгогодишните обиди да се уништи оваа форма на изразување, особено во времето на диктатурата, тангото пак извира и никне од 1960 година. Тогаш се појавуваат најзвучните имиња на овој необичен танц: Глорија и Едуардо, Вирулацо и Елвира, Хуан Карлос Копес и Марија Ниевес, Антонио Тодаро… Тие ја истакнуваат и закотвуваат вистинската вредност на тангото, којашто го следи од самото негово создавање. За нив тангото не е егзотика или хоби, за нив тангото е самиот живот, сплет на секојдневна страст, навика, игра, семејство, улица, дружење. Тангото за нив е среќа дури и кога се нема среќа, богатство дури и кога се нема скршен денар во џеб. За Елвира и Вирулацо, тангото е „чувство и татковина“. За сите нив тангото е можност да се ужива во кусите мигови на среќа зашто да се живее е и да се страда секој ден; тангото е да се живее животот тотално и во целост, да се препуштиш на мигот и покрај неговата минливост, да се доживува не само доброто туку и тажното, да се сака и да се страда, да се биде среќен и да се плаче, да се љуби правдата, чесноста, убавината, едноставноста, да се биде фер. Конечно, да се живее – значи да се танцува танго. Со тој витален ентузијазам и љубов кон овој виртуозен танц и благодарение на вербата и храброста на овие мајстори тангото преживува засекогаш.
Културолошката размена со Европа ќе вреже забранети копнежи, неразбудени страсти и осознавање на идентитети како и нови врски меѓу стариот и новиот континент. Тангото настанува како културолошка фузија на – ако може така да се каже – различни крвни потекла. Тангото е забранувано и оспорувано, но и покрај тоа витално се распространува низ светот: ако европските имиграции во Aргентина го засведочуваат почетокот на тангото, така подоцна аргентински емиграции во Европа го „извезуваат“ тангото. Која е таа внатрешна сила, таа неприкосновена моќ на преживување и постојано само-дефинирање?
#6 Мислејќи на тоа време, како да мислиме на митови, легенди и на далечни но драгоцени димензии и вредности на постоење. Најпрепознатливите нешта за тангото дошле спонтано, настанале од природниот тек на нештата, од егзистенцијалната потреба за миг да се побегне од реалноста и да се создаде филтер за енергетски промени, нови расположенија и силни чувства. Не само тангото како сложен кодифициран танц, туку и самите живописи на маестрата, танго-поезијата, музиката – се вредности кои се врежани во иднината на нашето културно создавање и благо допираат до нашите животи.
Една од најпознатите – ако не и најпозната песна – е песната „Ла кумпарсита“. Маестро Франциско Канаро во книгата „Моите златни свадби со тангото“ ќе истакне: „Ла кумпариста содржи таква особена доблест што структурата на нејзината музика може фантастично да биде збогатена со високи оркестрации, и сè може добро да оди со ‘Ла кумпарсита’: хармонии за виолини, варијации за бандонеон и други важни инструменти покрај привлечните музички ефекти, што музичарите и диригентите за оркестар ги користат за да му влеат блесок на тој спој. Секој диригент на типичен оркестар си има свој принцип, своја лична верзија на познатото танго. И гордо е убеден дека неговата полномошна интерпретација на ‘Ла кумпарсита’ е најдобрата што постои“.
#7 После четириесеттите години на минатиот век, кога се раѓа најплодната музичка ера на тангото, особено со оркестрите на Хуан Д’Ариенцо и Франциско Канаро, во 1955 настанува пресврт во музичката историја на тангото. Дури некој ќе каже и дека тангото се раѓа со африканските црнци а умира со северноамериканските!
Имено, со појавата на Астор Пјацола (инаку роден во Њујорк) се создава нова интерпретација на танго музиката. Нов прекршен и нерегуларен ритам води кон една контемплативна лирична танго мелодија повеќе намената за слушање, а помалку за танцување. Еден вид камерно танго. Со него започнува и т.н. движење „неотанго“: танго музика со призвуци на џез, без фиксен ритам и такт. Иронијата е дотолку поголема што хармонијата меѓу музиката, танцот и поезијата се растура и тангото станува салонска, речиси елитистичка музика. Со неговиот октет „Буенос Аирес“, во Париз Пјацола настапува со новото танго исполнето со варијации на ритам, политонски варијации за бандонеон и долги тишини без ритам.
Иако добро ги познава правилата на Троило, Пјацола расчистува со традицијата; сепак, не му дозволува на тангото да се развива како ритам за танц, барем не за традиционалното танго. Некои уште велат дека токму поради тоа со тој пресврт започнува да се дели времето на тангото на „пред“ и „после Пјацола“.
Имено, првиот танц танго надвор од Европа се игра во Париз во 1913 г.: тоа е танцот на Аргентинците Каизмиро Аин и Марта Аин во кабарето Ел Гарон, каде што се собира јадрото на аргентинската имиграција во Париз. Но во Париз, со постанувањето на новиот ритам може да се каже и дека настанува и првото хибридно танго: „танго нуево“, или уште „нео-танго“.
Всушност на Пјацоловата „Либертанго“ се танцува првото „танго нуево“.
#9 Но, можеби пак токму поради таа нова форма тангото навистина станува популарно и заживува низ светот. Нови групи со музиката танго нуево, како Готан проект, Бахофондо, Тангето, Наркотанго, Отрос аирес, стануваат сериозен бренд на оваа аргентинска уметност. Сепак, мора да се каже дека Готан проект се музичари од Париз. Некои од нив потекнуваат од „јужноамериканскиот Париз“, од Буенос Аирес, но живеат и создаваат во типично париска култура. И зборот „готан“ доаѓа од парискиот верлен, сленг, и значи „танго“ читано од обратно. Тие се татковци на новото танго: музика чијашто основа и содржина е традиционалното танго, согласно Анибал Троило, но којашто се формира како чисто електронска музичка форма. Првата нивна композиција се вика „Враќање кон југ / Чуден капитализам“, првиот албум „Големото враќање на тангото“ е објавен во 2001.
Оттука почнува да се развиваат нови техники на танц преку танго импровизација со елементи на современ танц, екстремни верзии на основните фигури и контракции. Но, буеносаирските маестра не сакаат да се вели дека тангото заживува поинаку во Париз и не го признаваат новото танго како автентична форма. За нив вистинското срце на тангото е Буенос Аирес, а вистинската суштина на овој танц е традицијата, движењето, чекорењето, а не сценските акробациски вештини, кои ги внесува новото танго.
#10 Меѓу најпознатите филмови кои го овековечуваат тангото се бездруго култниот „Танго“ мјузикл на Карлос Саура. Но бездруго и „Час по танго“ на англиската режисерка Сали Потер со единствениот танго маестро Пабло Верон. Речиси автобиографска приказна за англиска писателка, којашто сака да ги разбуди своите креативни страсти за првпат гледајќи го Пабло Верон и Каролина Јоти како танцуваат на сцена во Париз. Патувајќи во Буенос Аирес и земајќи приватни часови кај маестро Верон, таа ја открива вистинската личност, жена и писател во себе. Таа пишува сценарио за филм, но нешто ѝ недостасува: Како да се избориш само со себе а притоа да не мислиш дека се бориш со Другиот? Како да го следиш у чувствуваш Другиот без притоа да му влеваш страв и притисок? Како да бидеш жена покрај маж? И како да се овековечи смртта, а не само животот? И, конечно, како да играш танго?!
Потоа, „Танго Убиство“ на Роберт Дувал, интересен крими трилер со танго позадина. Во тангото Дувал препознава амалгам на контрадикции, коишто го чинат овој танц толку фатално привлечен. И тие контрадикции провејуваат низ неколку ликови од филмот. Но, тој исто така ќе признае дека тангото е благост и дека иако некој го нарекува сексуален танц, сепак и мајка и син можат да го заиграат токму поради интимниот вид на верба и доверба помеѓу две личности. И тука танцува Пабло Верон, како и една од најпознатите светски танго танчерки, Џералдина Рохас.
#11 Понатаму, „Голо танго“, на Леонард Шрадер со Матилда Меј и Винсент Де Онофрио. Голото танго е симбол; трепетната приказна за имиграциите во триесеттите години на минатиот век во Буенос Аирес и раѓањето на суровиот свет во борделите, на улиците, во арабал, каде што се танцувало танго. Моќниот уличен херој Чоло ја заведува Алма, учејќи ја да танцува танго гола и со превез на очите – во бордел, на улица, во кланица. Овој филм говори за тоа колку опасен танц може да биде тангото и колку силна, вистинска, примордијална и исконска љубов од него може да се роди.
И „Мирисот на жената“ на Мартин Брест, со Ал Пачино (Оскар за најдобар актер во овој филм), според приказна на Џовани Арпино. Во овој филм ја слушаме и песната „Por una cabeza“, чиешто значење е „по глава“ (се мисли на облог за глава на коњ) на Карлос Гардел со текст на Алфредо Ле Пера од 1935 г., којашто станува вечен мит на сета таа танго епопеја. Ова е преубаво танго коешто бескрупулозно и со гордост ни зборува за животот на еден самотник. Човекот е помеѓу два огна: неговата страст за расни коњи и претераната привлеченост од моќна и убава жена, којашто го лаже и одбива. Станува збор за метафора којашто алудира на повеќе емоции: надежи, облози, ветувања, ризици, порази, незгоди, копнежи, страсти, како во трките така и во љубовта. Интересно е да се спомене и дека ова танго се појавува не само во „Мирисот на жената“ туку и во „Шиндлеровата листа“, „Деликатесен“, „Вистински лаги“ и „Фрида“.
Тангото, покрај сè, е начин на живот. Неприкосновен култоролошки идентитет на Аргентина, предизвик и автентичен уметнички израз, тоа ја искажува човечката состојба, духот на „porteños“ – жителите на Рио Де ла Плата, Буенос Аирес. Танго е и нивниот стил на зборување, облекување, комуницирање, живеење. Освен валсот, милонгата исто така е поджанр на тангото: како комплексна уметничка форма, таа во себе ги обединува танцот, музиката и поезијата. Но не само тоа: милонгата станува поим за традиоционална аргентинска вечерна игранка (која често трае до раните утрински часови) каде што се канат разни партнери и партнерки и се почитуваат одредени кодови на однесување. Едно испиено мате (типичен аргентински чај) или вино, скриен поглед, тајна покана и тангото веќе се разлева освојувајќи го освојува салонот за танцување. Се вели дека онаа жена што ви се допаѓа ја каните да танцува на последната танго песна, кога завршува игранката….!
#2 Традиционалното танго воскреснува токму поради тоа што, меѓу другото, ја содржи онаа социјална димензија на градот, неговата виталност и нерастргливата човечка состојба и сила на милонгеросите и тангеросите. Аргентинските танго мајстори велат: „за нас страста е секојдневие и затоа играме танго, а Европејците играат танго за да ја најдат страста во себе и во секојдневието“.
Тоа е култура, код, знак, битисување, нешто што се пренесува низ генерации.
Денес танго танчарите танцуваат во театарот Колон во Буенос Аирес но и во Карнеги Хол во Њујорк, на високи академии за танц во Јапонија, насекаде низ Европа. Во 2009 година, УНЕСКО го прогласува тангото за светско уметничко и културно наследство. Но некои тангероси се бунат, велат: „тоа е аргентински идентитет и не смее да подлегне на светската глобализација“.
Се вели уште и дека тангото не е обичен латино-американски танц, кој настанува како разонода или еротска банална предигра: тангото е егзистенцијална филозофија; тангото е и фудбал и Борхес во исто време; тангото е тага и меланхолија, но е исто така мудрост и длабока помиреност со неможноста да се засведочи правдата во овој свет.
Џени Скот во Њујорк Тајмс ќе напише: „тангото е игра на моќ и ранливост. Танц и метафора: ако ве улови, може да ви постане фантастична опсесија“.
#4 Олицетворение на страст, носталгија, борба и освојување, мудрост и езотеричен јазик, тангото е код на комуникација помеѓу еден маж и една жена. Код којшто открива тајни и алузии на животот во пар, во брак, во љубовна авантура, мистерија, еротска игра, бркање во кружно движење наспроти времето. Но исто така е и код којшто врежува комплексна танцова техника: додека чевлите со кожен ѓон и долниот дел од телото се движат пружајќи му притисок на подот, горниот дел од телото низ разни дисторзии останува цврсто исправен а телата се движат во насока обратна од часовникот.
Иако често се има претстава дека тангото е сублимат на сложени фигури, сепак најголемите танго мајстори велат дека основата на тангото е чекорењето. Мажот, велат, танцува со нозете на жената, а жената со градите на мажот. Во овој танц жената се предава на мажот, му верува, го следи, насетува, и со интуиција го остварува секој чекор кон којшто тој ја води. Но, во тангото жената е силна токму покрај мажот.
Се вели дека тангото бил танц на макроата и дамите на ноќта, но дека станал танц и на џентлеменот што сака да ја освои девојката којашто му се допаѓа, на татко и ќерка, на мајка и син, на брат и сестра, на пријател и пријателка, на странец и непозната.
Ритамот го следи чукањето на срцето: тангото е интуиција, внатрешно патување. Се танцува кружно, во обземеност со ритамот и телесната координација, со чувство за простор и под, остро, сензуално, витално. Звукот на бандонеон буди желба да се овековечи младоста на првите танго мајстори чиишто сведоштва одекнуваат низ улиците на Буенос Аирес; но буди и копнеж по минатата а уште жива љубов.
Овој танц ги обединува машкиот и женскиот принцип: мажот танцува со душата а жената со срцето на мажот, во кружно, внатрешно движење на времето.

АвторНаташа Сарџоска
2018-12-12T13:39:36+00:00 февруари 14th, 2010|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 70|