Анализа на една катализа

/, Критика, Литература/Анализа на една катализа

Анализа на една катализа

Веднаш паѓа в очи – круговите се повторуваат и тоа со истиот карактер на елементите (евентуално со елементи кои функционираат како еквиваленти – што е случај со третиот елемент), кои се дадени со ист редослед, ист ритам и иста функција. Тоа не се излезни кругови, нема ширење; тоа е точно тапкање во место.
Сепак, постои една ознака по која се разликуваат двата круга, а тоа е интензитетот. Вториот круг ги интензивира елементите во однос на првиот круг, ги градира. Прв елемент: Во првиот круг клучарот се плаши од смртта; во вториот круг тој опијанет плаче. Втор елемент: Во првиот круг Павле се среќава со сопственикот на имотот и со имотот, а во вториот круг субјектот (сопственикот) е поништен, останува објектот (имотот), но дури и тој, бидејќи пропаѓа (насловот е „Пропали двори“) е деградиран до акварел на кој е насликан. Трет елемент: Во првиот круг Павле гледа дека стрико му и стрина му живејат во хармонија, а дисхармонија постои меѓу генерации – старите со своите деца. Во вториот круг хармонија не постои веќе ни хоризонтално на ниво на една човечка генерација (татко му – мајка му) ниту вертикално низ генерации. (Павле не е во добри односи со родителите). Четврт елемент: Во првиот круг социјалдемократот екстатично брани идеја. Во вториот круг бранителот на идеја е уапсен.
Сезнаечкиот раскажувач вели дека по овие настани Павле го спопаднале мисли за човечката историја. Но, што точно размислувал тој, раскажувачот не ни кажува. Павле е книжевен лик, тој живее од настаните кои му претходеле и ќе живее од оние кои ќе следат. Неговите размислувања можеме интуитивно да ги нагаѓаме, но точно ќе ги дефинираме само ако се повикаме на она што му се случило. Со други зборови, Павле не може да размислува за она за кое би размислувала критиката на негово место, т.е. Книжевната критика не може да размислува место Павле. Ако му се случиле два вакви круга кои оделе во зголемен интензитет, Павле регистрирал вакви настани: 1. стравот од смртта од емоција минува во хистерија, т.е., човекот е приватно осуден на немир, несреќа и страв. 2. субјектот и објектот (сопственикот и сликата) се поништени до слика, т.е. Ниту човекот ниту неговите градби не се вечни; единствено „трае“ уметноста. 3. роднинството односно сојузништвото меѓу човечките единки е невозможно, човекот е осуден на осама. 4. еден бранител на идеја е уапсен, т.е. Идејата на човекот, општеството ја уништува човекот, општеството.
Павле добил едно дефинитивно сигурно сознание – животот е мака која се дуплира во зголемен интензитет. Сезнаечкиот раскажувач вели дека проблемот од локален го издигнал до општ, тоа значи дека влегол во суштината на нештата, добил сознание, се просветлил. Епизодата завршува со прелетување на гавран. Тоа значи: сознанието кое го просветлило ќе делува погубно во иднина. Зошто?

5. Природата на сознанието

Иво Франгеш го нарекува Павле „хрватски Хамлет“. Кој е англискиот Хамлет? Тоа е лик кому внатрешната борба му го јаде џигерот, му ја двои душата. Низ седум долги монолози англискиот собрат дилемизира: да се биде или не, и останува пасивен. Има разни тези за Хамлетовото психоаналитичко досие: дека е невротичен интелектуален лик, дека е неспособен за акција и сè во тој стил.
Ниче понуди подлабоко читање на Хамлет. Тој покажа дека Хамлет не губи способност за акција, тој изгубил волја за акција. Волја пак изгубил од подлабоки причини. Ниче вели: „Сличноста меѓу дионизискиот човек и Хамлет е што обајцата фрлиле поглед на самата СУШТИНА НА РАБОТИТЕ, па веќе им се гади од делување, оти знаат дека суштината на нештата не може да се промени. Сознанието го убива делувањето. Да делуваш значи нештата да бидат обвиени со превез на мистерија.“
Павле, хрватскиот Хамлет во двата опишани дена фрла светло на СУШТИНАТА НА НЕШТАТА и сознава: животот е редуплицирана, редундантна мака, и – одбива да делува. Тоа е лик кој ги симнува розовите очила од очите и без нив не може да се придвижи веќе во ниеден правец.

6. Понатаму…

Што ќе се случува понатаму може да се претпостави, бидејќи текстот веќе го формирал Павле со Хамлетовски особини. Павле ќе се двоуми од едната до другата жена, сè додека не ги изгуби двете. Во сопствената пасивизација ќе ги остави двете жени на сомнително кривулење за на крајот да ги упропасти сите три живота одеднаш. Последно го наоѓаме во една очекувана позиција на политичар, како обид изгубените антрополошки вредности да ги компензира со борба за други, идеолошки. Подоцнежниот Павле, впрочем, не е предмет на нашава работа, ами на некоја друга.
Наше беше да покажеме како е текстуално произведен тој и таков Павле во пресудниот момент кога ќе отчука часот за донесување на првата сериозна одлука и зошто пред одлуката тој неодлучно ќе отстапи. Прашањето дали авторот сцените ги подредил интуитивно или бил теоретски освестен за своето творештво – останува на маргините на нашиот интерес. Едно што во човечката психа, сложена и запетлана каква што е, имаат обичај да се закопаат едни други луѓе; друго што авторот одамна умрел, па секоја психолошка експедиција по неговите науми е ризична; имено освен делата што за нас ги оставил, тој, по сите други прашања едноставно – молчи!

АвторЈасна Котеска
2018-08-21T17:22:17+00:00 март 1st, 1998|Categories: Блесок бр. 01, Критика, Литература|