Анализа на една катализа

/, Критика, Литература/Анализа на една катализа

Анализа на една катализа

Среќна заради љубовната изјава, но исплашена од апокалиптичната закана на надоаѓачките роднини, ставена во неприлична ситуација гадно да се испосрами, во настанатиот стисок на времето, кое бара неодложен одговор, ќе се наведне накај клекнатиот љубовник и ќе му одделка в лице: „А зар не Ви е жал за вашите нови панталони?“ Навредениот љубовник бега од селото и го нема наредните 3 години.
Тука паѓа онаа важна поука, на која укажува Иво Франгеш во предговорот кон романот – „Сите работи имаат свое време“3F. Павле е прав човек, на право место, во лошо време. Па сега ќе дојде оној егзистенцијалист кој ќе рече дека човековиот живот е обвиен со страв од погрешен избор. И Павле развива ваков механизам – за да не продолжува со лоши избори, нема да бира воопшто. Но, тука е замката оти е генерално – неделувањето најлошиот возможен избор. Тоа е оној познат психички механизам: се бира најлошото, за да се претекнат сите лоши изненадувања. Со други зборови, дадена е сцена која го иницира развојот на Павле како човек-пасивец, човек кој размислува, човек кој не делува. Иво Франгеш го нарекува „хрватски Хамлет“. („Лесковарци су… Хамлети који мишљу растачу живот, трпе, а не боре се, тону, а не отимају се“4F). Тој и таков лик критичарот интуитивно го претчувствува, но тој и таков лик сè уште не е произведен од текстуалното ткиво на романот. Наше е да покажеме кога и како се случува тоа.
Потоа ќе дојде и другата жена. Таа сцена е исто дадена во ретроспектива. Во големиот град Павле налетува на права Немеза. Марија е вдовица, тоа по позиција значи жена со искуство, жена со минато. Дека е темпераментна ќе ни кажат другите, кои велат дека мажот ѝ умрел од капка. Марија ја расчистува следниот ден куќата од непожелните слуги и останатите елементи, но поканетиот Павле не доаѓа. Старите Латини кога ќе паднела некоја долго опседнувана тврдина велеле: „Vae victis“ – во превод „Куку (пих) за поразените“.
Павле можел да си рече „Пих за Марија“, оти нејзината тврдина брзо паѓа. Но, до посетата не доаѓа оти Павле си вели: „Пих“ себеси. Првиот пат бега од жена кога не успева, сега бега бидејќи успеал. Значи, бегството, од изнуден случај станува механизам: бега кога околностите работат за и кога се против него. Но, таа, која мажот го умрела од капка, развива раскошна и стручна тактика. Го добива Павле и сега тој во својство на нејзин свршеник, се враќа дома, по многу години.
Пруст вели „НЕ е најголемиот стимул за додворувачот“. Затоа одбиениот не заборава на својата намера. Речено е дека човековата психа честопати функционира не на емотивен реципроцитет, туку на јуначко-епска психологија; интересот се раѓа кога не е возвратен. Одбивачот го заскокоткал одбиениот со мистеријата на недофатеното. Прустовата елегантна дефиниција го крие оној Мандрак од пештерите кој освојувал за да поседува. Во Павле кој се враќа дома рипа од чудното лево ќоше предокот Мандрак, кој му вели дека Људмила освен што покажала стоичка грижа за чистотијата на неговите панталони, му го рекла фамозното НЕ. На Павле така неочекувано му допаѓа улогата на маж распнат меѓу две жени.

3. Денгубењето на Павле

Романот е отворен во моментот кога овие епизоди се минато, останува уште да се видат последиците од тој минат живот. Еден од најавторитетните наратолози на современата литературна наука, Ролан Барт, воведе разликување на наративни сцени кои се од иманентно значење за натамошниот тек на раскажувањето, зглобови на приказната, т.н. Гнезда, наспрема сцени со функција да го забават, успоруваат дејството до следниот важен зглоб на приказната, т.н. Катализатори. Петнаесетте страници (од 47 до 62) се таков катализатор кој пулсира меѓу две гнезда. Гнездото кое претходи, воедно и сцена со која почнува романот е средба на бившите симпатии на црковна миса по три години. Гнездото кое следи е доаѓањето на сегашната свршеница на Павле5F.

Меѓу средбата со првата и средбата со втората жена, во цели два дена, како катализа, Павле „го утепува времето“ со следниве предикации:

I ДЕН:

1. Дома го сретнува стариот КЛУЧАР од соседовиот имот дојден да му донесе порака да го посети соседот на имотот. (Набиениот клучар Михаљ Хрестак е речиси психолошка карикатура во својот паничен страв од смртта.
Ако се јави болест се крие, ако оболи– плаче, од страв да не умре. Неговиот страв не функционира како нормална човекова емоција, туку речиси како демон).

#b
3. види Јанко Лесковар „Пропали двори“, опус цитиран, стр. 12.
4. Ibidem, стр. 11.
5. Пред ова гнездо се случува една сцена-џокер, тоа е посета на замокот Добровац од некои си роднини, слична на посетата пред многу години кога неговата понуда беше одбиена. Оваа сцена е реприза на ситуација, евоцирање на неговиот лош избор и евентуален, испровоциран, нов обид под исти околности. Оваа сцена е дуплирање на јадрото кое е претходно дадено во ретроспектива, всушност сцена во која се релативизира наративниот перфект и наративниот презент.

АвторЈасна Котеска
2018-08-21T17:22:17+00:00 март 1st, 1998|Categories: Блесок бр. 01, Критика, Литература|