АВАНОС

– Ами спас, прашуваше мајка ѝ со стегнато грло и пелин во устата.

– И болеста е природна состојба, ѝ велеа, а од секоја болест не се умира.

Ѓувезија Дубровска веќе мислеше дека секој се подбива со нејзината несреќа. Имаше денови кога не сакаше и со никого да зборува. Само стоеше така со замрежени очи и загледана некаде во нешто, којзнае во што. Но најчесто главата ја држеше наведната над скутот. Во тие мигови на потиштеност не зборуваше дури ни со мајка си. Но мајка ѝ никогаш не ја остави сама. Татко ѝ ги напушти веднаш по нејзиното раѓање и таа не го познаваше. Но мајка ѝ не ја напушташе надежта. Таа и сега веруваше дека надеж секогаш ќе има, само треба да ѝ се пронајде адресата. Безнадежни се само оние што имаат малку вера, велеше. И почна да ја носи по бајачки, по гатачки, по кушачки. Тие, дувајќи и потплукнувајќи, ѝ шепотеа нешто над главата, ѝ помагаа да се одврзе магијата. Но помошта од нивните вештини никаде не се гледаше. Помошта секогаш доаѓа со задоцнување, мислеше мајка ѝ, и да се чека, значи да се денгуби. И таа ниеден час не подзапре да чека. Првин почна да ја мачка со винска киселина. Имаше чуено дека и Исус Христос, кога бил распнат на крстот, побарал винска киселина. Само малку да му ја наквасат устата. И учениците негови, или ангелите негови, му носеле скришум, му го враќале животот. Ѓувезија Дубровска рече:

– Јас ја видов казната негова, а тој не сака да ја види мојата.

– Тој сè гледа, рече мајка ѝ, но и тој одбира што да гледа побргу. Има и поголеми несреќи за гледање на земјава, рече.

Главата од Ѓувезија Дубровска со денови мирисаше на сириште од винска киселина. Но косата и понатаму ѝ паѓаше. Напати ја фаќаше бес, а напати само безизразен очај. Едно извесно време ја посетуваше Сија Хаџибанова, но и таа престана да доаѓа зашто не знаеше како да ја утеши. А можеби се плашеше од болеста што не поминува. Но Ѓувезија мислеше дека веќе сите се грозат од неа. Велеше: колку малку убавина има во животот, а колку многу болка. Само кога ќе им притребаш на луѓето, велеше, само тогаш се сеќаваат на тебе. Се чувствуваше слаба и беспомошна, речиси отфрлена и заборавена од сите. Мајка ѝ се обидуваше да ја храбри со грижливо одбрани зборови. На земјава владеат и полоши работи, велеше, но не завршуваат сите лошо. Голем е Господ и милостив и по секое лошо иде добро, велеше и продолжуваше да ја лекува со мевлеми. Ту ја мачкаше со јас од боливач, ту со говедски измет. Главата на Ѓувезија ѝ смрдеше на лепешки и таа помислуваше дека ѝ е фрлена на некое селско буниште. Се гнасеше од себеси, но не ѝ се противеше на мајка си. А таа не можеше да седне, да здивне: постојано ѝ ги менуваше лековите. Почна да ја ложи и со крпи натопени со сок од толчени коприви и брезови кори. Ѝ ја завиткуваше главата, ѝ ја повиваше како дете пеленаче.

– Не, мајко, велеше Ѓувезија Дубровска, никогаш нема да ми се врати косата.

– Никогаш не вели „никогаш“, ја кореше мајка ѝ.

Но главата на Ѓувезија Дубровска и понатаму се шуреше, се оголуваше. Почнаа да ѝ се бројат и влакната што ѝ стоеја како подгорена трева. Можеше и со рака меѓу нив да поминеш и пак да не ги досегнеш. Сега се плашеше да се види и на огледало. Всушност, таа секаде го гледаше само она што ја потплашуваше. На крајот почнаа да ѝ се кубат веѓите, клепките, ѝ се соголи цела глава. Ѝ се покажуваше само огулената кожа поплавена со непријатно црвенило и красти. Тогаш мајка ѝ рече:

– Ќе се вратиш назад и ќе си ја земеш косата од грнчарот. Маѓијата ти е таму врзана, рече.

– Како ќе се покажам ваква, рече Ѓувезија Дубровска, сите ќе избегаат од мене. Само што ќе ме видат и ќе избегаат, рече.

– Ќе си врзиш шамија, рече мајка ѝ, таму и така жените си го покриваат лицето.

– Таму носат и трето око, навезано на грбот од кошулата, рече Ѓувезија Дубровска. Да гледаат и напред и назад, рече, да се вардат од уроци.

3.

Една година подоцна, речиси во истото време, Ѓувезија Дубровска се врати во Аванос. Автобусот само подзапре и таа слезе губејќи се во високите думани усвитена прав што се кренаа повторно зад него. А кога правта се стаи, виде дека таа е единствениот човек што слегол од автобусот. Клепаше со очите и не веруваше. Уште повеќе не веруваше дека градот ќе го најде празен. Ја немаше онаа врвулица луѓе која постојано нешто продаваше или купуваше. А ги немаше и оние купишта грнчарски садови над кои се мешаа сите јазици на светот.

Стоеше сама на патот, како заслепена утка. Правта ѝ ги глочкаше очите, во устата ѝ крцкаше песок. Сенката ѝ избегала некаде под стапалата и никаде не ѝ се гледаше. А сонце имаше колку сакаш, но и сонцето не објаснуваше ништо. Беше кренато високо на небото, како секогаш да било таму, како никогаш да не се поместило. Беше тоа некое друго сонце, многу поголемо од нашето. Барем од она што го познаваше Ѓувезија Дубровска. Господи, си рече, дали луѓето избегаа од мене или јас слегов во некој напуштен град? Но таблата не можеше да ја излаже: таму сè уште пишуваше Аванос. Одеше и се утареше со збрчкан поглед меѓу празните и кривулести улички. И тогаш забележа дека сите врати и прозорци од куќите се затворени. Од никаде не се појавуваше жив човек, жива здивка. Ни куче да лавне, ни маче да претрча. Владееше некаква тешка тишина што ти создава мачнина во душата. Времето, како и сè друго, беше запрено, ништо не мрдаше. Дури и здивот ѝ застануваше, ѝ се заврзуваше. Се искачи до грнчарските работилници, но и тие имаа спуштени кепенци. Господи, повторуваше, зар навистина се иселил градов? И додека талкаше така низ него, имаше чувство дека некој оди по неа и дека постојано ѝ е зад петиците. Но кога ќе се обѕрнеше, зад неа немаше никој. Сигурно си ги слушам сопствените чекори, мислеше Ѓувезија Дубровска. Во таквата тишина сè можеш да чуеш. Дури и чукањето на своето срце можеш да го чуеш како туѓо, дури и своето дишење…

Се осмели да тропне на една врата, но никој не ѝ отвори. Потоа запре пред друга и долго време се двоумеше дали истото да го повтори. Но кога се реши, забележа како да ѝ се присени нешто и како да ја гледа некој одозгора. Го забележа само со едно крајче од очите. Но кога ги крена очите, пак немаше никој. Всушност, имаше еден прозорец подотворен само на едното крило. Беше тоа единствениот подотворен прозорец во градот. Барем нејзе така ѝ се чинеше.

Се истрани на една ширинка меѓу куќите и почна силно да вика: Еј, има ли жив човек, има ли жив човек? Викаше колку што ѝ држеше гласот, но никој не ѝ се оѕви. Ѝ се одѕиваше само нејзиниот грлест глас, ѝ се враќаше по стрмните и кривулести улички. Таа викаше: има ли жив човек, а ѝ се враќаше само последниот збор. Само – човек, човек, слушаше, а човек никаде немаше. Другите зборови ѝ остануваа заробени некаде меѓу слепите ѕидови на градот. Веќе не знаеше што да направи повеќе. Ја фати паничен страв и летна да бега надолу кон автобуската станица на патот. Веруваше дека некој автобус ќе помине и ќе ја земе, ќе ја изведе оттаму. Беше свесна дека таму е сè нејасно и опасно и не знаеше што да направи друго освен да бега. Ама, трчајќи надолу, пак почувствува дека и друг трча зад неа. Чекорите му ги слушаше постојано зад себе и постојано на иста далечина. Сега веќе знаеше дека, за да решиш да бегаш, треба некој да те брка. И таа бегаше и збиваше не знаејќи како да си ја собере својата испокината душа. Низ ракавите и по слабините ѝ течеше жива вода. Шамијата на главата веќе ѝ беше мокра, а очите ѝ се полнеа со солена пот. Солта уште повеќе ѝ ги разјадуваше раните. Ја печеше, ја штипеше по целата глава.

Кога запре на автобуската станица на патот, долго време не смееше да се сврти назад, да види кој е зад неа. Стоејќи така, само праша

– Извинете, дали е ова Аванос?

– Аванос, си го чу својот глас, си го препозна. А кога се сврте, ја фати неумолив ужас: на десетина чекори зад себе се виде себеси. Ѓувезија Дубровска стоеше пред Ѓувезија Дубровска. Сега се гледаа очи в очи, но ништо не проговорија. Ни едната нешто да праша, ни другата нешто да каже. Дали дека сега се разликуваа едната од другата? Зашто онаа Ѓувезија Дубровска што стоеше пред неа сè уште имаше бујна коса на главата и не носеше шамија. Беше во истиот летен фустан и со истите плитки сандали обуени на босо. Го имаше дури и истото насмеано лице врцрвенето од виното на грнчарот. Недостигаше уште Сија Хаџибанова и сè да биде исто како лани. Значи Ѓувезија Дубровска си го гледаше ланскиот дел од своето тело. Вистина, како во скршено, како во замаглено огледало се гледаше, ама ѝ се стори дека тоа е од големата омарнина. Отпрвин ја фати некоја радост дека сепак не е сама во градот, но веднаш забележа дека таа има впечатливо издолжена сенка што се простираше речиси до неа. А Ѓувезија Дубровска немаше сенка. Откако се врати во градот, сенката не си ја виде. И при толку многу големо сонце сенката ниеднаш не ѝ се покажа. Зар сè што беше нејзино и го презела таа од Аванос? Човек без сенка е само мртов човек, си рече Ѓувезија Дубровска сфаќајќи дека едната од нив тука е сосема непотребна. И наеднаш почна да снеможува: сè да ѝ натежнува и да ѝ откажува, да не е под нејзина волја. Главата ѝ се ошумоглавуваше, нозете ѝ се поткусуваа, ѝ се одземаше целото тело. Се топеше на горештината, се смалуваше како запалена свеќа. А онаа пред неа само растеше и ѝ го затвораше видикот, речиси целото небо. Стоејќи така, зашеметена на патот, сега уште посилно почувствува колку е неподнослив животот додека се ослободуваше од него. И пред да исчезне сосем, со последното делче од свеста се сети дека вечноста што ѝ ја вети грнчарот била само преминување од едно место на друго. И уште се сети дека таа, всушност, е овде дојдена само за да умре пред себеси, за да си ја види смртта. Но барем виде и кај остана нејзиниот живот.

Потоа наслегоа некои врапчиња и почнаа како камења да се тркалаат на патот. Којзнае од кај дојдоа врапчињата и којзнае што бараа токму тука, кај што истлеа Ѓувезија Дубровска.

АвторПетре М. Андреевски
2024-05-12T11:55:25+00:00 мај 12th, 2024|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 153|