1. Заради претставување на Македонија пред светот.
Да не се расприкажуваме за минатото и историјата; се чини дека тоа станува пославно од ден на ден, а сегашноста е сè потрагична. Поради тоа, БЛЕСОК се насочува кон иднината, кон неиспитаните простори на битисување. Новата комуникација е еден од нив.
2. Заради надминување на утврдените стандарди за „квалитетен текст“.
Подобро е да не објавиме ништо, отколку да објавиме што било, само заради објавување. За некој да објави свој труд во БЛЕСОК, воопшто не мора да биде пријател со некој од уредниците, ниту пак да бара „пријател што има пријател“, како што тоа е обичај кај некои други издавачи. За некој да објави во БЛЕСОК, треба да има квалитетен текст. Тоа е единствениот и неприкосновен услов. Постојат многу поетики, и секако дека никој од нас не може да ја прифати секоја од нив. Но, неприфаќањето не значи и потценување, и тоа мора да се има на ум. Со други зборови: поетичката издржаност пред поетичката прифатливост.
3. Заради освежување на македонскиот културен простор со дела од странски автори.
Објавивме и ќе објавуваме што е можно повеќе квалитетни дела од странски автори, за да понудиме поле за поопстојна споредба на македонската со светската уметност. За да не си бидеме доволни самите на себе.
4. Заради слободата што во технички поглед новите медиуми им ги пружаат на издавачите.
- без ограниченост или задолженост од број на страници.
- потенцијален пристап до секој оној што има компјутер и пристап на интернет.
- релативно евтино издаваштво, 3 до 5 пати поевтино од печатењето.
5. Зошто да не?
Го правиме ова од март 1998. Зошто би престанале? 😉
Објавивме 93 изданија на списанието, го сменивме дизајнот десетина пати, објавивме повеќе од 445 е-книги на 35 различни јазици, повеќе од 160 печатени книги, 3 CD-ROM-ови. Имаме мрежа од соработници и пријатели низ целиот свет. Правиме нешто добро. Ете, затоа!
6. Прашања, коментари, сугестии: editor@blesok.mk
[бројките во #5 се обновени на 22 јануари 2014]