#1 (С.П.) Како да се наслика автопортрет? Ако си го загубил ликот?
Како да се наслика празнината? Апстрактно? Ако е толку реална?
Како да се наслика акт? Ако голотијата е коска?
Дали осамата е пејзаж, а четката сламка во вирови од болка?
(И.Џ.) Како да се напише автобиографија? А ако ти веќе не си истиот? Дали и првата автобиографија кога и да е напишана, онаа на Св. Августин во 4 век под наслов „Исповеди“ („Confessiones“), е психолошка автоанализа на еден претходен живот на неверникот кој станал верник. И дали за „автопортретот“, за „празнината“, за „актот“ и за „пејзажот“ може да се каже истото она што Св. Августин го вели за „времето“ во своите „Исповеди“: „Јас добро знам што е времето, ако никој не ме праша; но ако некој ме праша, и ако се обидам да објаснам, збунет сум.“
(С.П.) Сенките се белеат во мракот.
#2 (И.Џ.) Заратустра на Ниче излегува напладне, тогаш кога нема сенки и кога сè јасно! Но кога би излегувал навечер, би се белеела ли и неговата сенка во мракот?
(С.П.) Најдобро е емоцијата да ја замрзнеш во самото создавање на платното а не да ја раскажуваш на него. Опасност од илустративност.
(И.Џ.) Лажните понадворешнувања на емоциите во дело, во уметничко дело, се и раздавања на емоциите како на задушница. А таму храната секогаш е студена и таа не раскажува ништо за живите, ами постои за да им се најде само на умрените. Замрзната храна од длабок замрзнувач, студена уметност од студен илустратор. Kalte Kunst отсекогаш постоела.
#3 (С.П.) На крајот си дел од пејзажот.
(И.Џ.) „Ќе дојде смртта и ќе ги има твоите очи“, пишуваше Чезаре Павезе.
(С.П.) Спремам изложба, моментално ми ги преведуваат боите од сликите на неколку јазици, за во каталог. По малку исплашен од критичари кои не разликуваат терекота од небањат.
#4 (И.Џ.) „Уметникот е султан кој влегува во бања со најубавата жена од својот харем“, вели Теофил Готје, и уште дополнува, „а критичарот е евнух кој стои крај нив и гледа што прави господарот со убавата жена“. Но, ова не е сè. Ласцивноста на споредбата ја засилува Оскар Вајлд, кој во желбата делумно да ги одбрани оние што не разликуваат „теракота од небањат“ вели дека критичарот во целина не треба да се поистоветува со евнух, зашто тој е „човек кој учествува во капењето“. Автори и критичари. Преводи на одамна објавени преводи.
(С.П.) Свеќите се романтични ако си повисок од нив.
(И.Џ.) Да бидеш романтично повисок од смртта, да го оствариш неостварливото, да го претставиш непретставливото, тоа е постмодерното возвишено.
#5 (С.П.) Ние сме сопствена варијација. Што ако се сретнат сите варијации?
(И.Џ.) Ние сме тема. Ние сме и тема и варијација. Ние сме, кога ќе успееме да се сретнеме со себеси, возвишени како Баховите Голдберг варијации во G-дур. Друго од истото.
(С.П.) Теористички напади на екстремни групи критичари.
#6 (И.Џ.) Екстремно посесивни и љубоморни умеат да бидат критичарите. Ништо чудно, зашто тие и се како измамените мажи – последни ги дознаваат или ги откриваат вистините!
(С.П.) Сенката трае подолго од човекот што ја фрла.
(И.Џ.) Платон велеше дека стварноста е сенка на светот на идеите, а уметноста, како подражавање на стварноста, е „сенка на сенките“. Но сепак, делото го надживува авторот.
(С.П.) Една работа ми недостасува во неговата уметност. Уметноста!
#7 (И.Џ.) Кога авторот го има – уметноста ја нема, кога уметноста ја има – авторот го нема. Историчарите велеа дека не треба да се плашиме од смртта, зашто кога нас не има – неа ја нема, а кога неа ја има – нас не нема!
(С.П.) Огледалото се огледува.
(И.Џ.) Приспивно огледало е теоријата на одразот.
#8 (С.П.) Изваден од утробата на галериите концептуализмот умира.
(И.Џ.) Вратата од утробата треба да се затвори, за да не избега концептот. А ако тој е веќе надвор, самиот ќе се слее со тишината.
(С.П.) Инсталација: кокошка во микробранова, јајца во гајби, раскрилен готвач на ѕидот.
#9 (И.Џ.) Тешко е денес да најдеш добри електро и водоинсталатери. Сите отидоа во странство за подобро да ја изучат уметноста на инсталациите. А потем кога ќе се вратат ќе (се) инсталираат во некој музеј или галерија.
(С.П.) Неталент и амбиција, стар љубовен пар.
(И.Џ.) Данскиот лиричар во филозофијата Серен Кјеркегор пред повеќе од век и пол велеше дека „нашето време создава ’вистинска распродажба’ не само во светот на трговијата туку и во светот идеите. Сè може да се добие за толку смешно ниска цена, та оттаму, сега, е големо прашање дали на крајот ќе постои уште некој кој ќе сака и да нуди.“ Но, еве, дури и денес, неталентот и амбицијата не се разголени и без престан се нудат на уметничкиот пазар. Нудизам на невкусот.
#10 (С.П.) По галерии, луѓе со дигнати носеви испуштаат фреон.
(И.Џ.) Фреонот, познато е, најмногу ја уништува озонската обвивка на земјата. Еколошки е да се бара предметите (и лицата) што испуштаат фреон да бидат рециклирани. Екологијата на свеста ќе ги заштити галериите од загадување.
(С.П.) Ноќното небо е како стар црнобел филм во кој многу од ѕвездите се веќе покојни.
#11 (И.Џ.) Тажно и мрачно е да се гледа во црнобелото небо, тоа одамна дури и Дирер го покажа во својот бакропис „Меланхолија“. Но има и филмови во боја со ѕвезди што како да се бесмртни. Пред очиве ми стои и ме радува шарената „Ѕвездена ноќ“ на Ван Гог, со „дузина догорчиња што на небото трепкаат“.
(С.П.) Надежта, тој цртеж во песок крај брег.
(И.Џ.) Неруда напиша сто љубовни песни и една безнадежна. Сто цртежи во песок крај брегот и еден безнадежен бран. Помалку е повеќе.
#12 (С.П.) Дали си најдобар цртач? Слично на она со господ: не си го видел но веруваш дека постои.
(И.Џ.) Тертулијан осумнаесет векови пред Бекет го докажуваше постоењето на бога со помош на апсурдот: Credo quia apsurdum est („Верувам зошто е апсурдно“). Најдобар апсурд: најдобар цртач, најдобар поет…!
(С.П.) Коани – арматури на духот.
#14 (И.Џ.) Колани – арматури на телото.
(С.П.) Слики сираци по галериите.
(И.Џ.) Книги сирачиња по библиотеките.
#15 (С.П.) Убавото секогаш е во бегство.
(И.Џ.) Заморно е постојано да се бега. Не случајно Конески убаво пееше: „Убавино ти ме заморуваш веќе“.