ИСКУСТВОТО НА ПЕЈЗАЖОТ – БАНАЛНОСТА НА ЗЛОТО: МОНИКА МОТЕСКА & РОБЕРТ ЈАНКУЛОСКИ

/, Галерија, Блесок бр. 150/ИСКУСТВОТО НА ПЕЈЗАЖОТ – БАНАЛНОСТА НА ЗЛОТО: МОНИКА МОТЕСКА & РОБЕРТ ЈАНКУЛОСКИ

ИСКУСТВОТО НА ПЕЈЗАЖОТ – БАНАЛНОСТА НА ЗЛОТО: МОНИКА МОТЕСКА & РОБЕРТ ЈАНКУЛОСКИ

д-р Сања Којиќ Младенов

 Најмногу зло прават луѓе што никогаш не се решиле да бидат добри или зли.

(Хана Арент)

 

Уметничките истражувања на Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски со својот наратив припаѓаат на широкото поле на уметнички искази кои ѝ даваат важност на културата на сеќавањето. Присутна веќе неколку децении низ различна теориска, научна, уметничка и културна практика, културата на сеќавањето има сè поголемо значење не само во конституирањето на историјата „која ја пишуваат победниците“, нејзината митологизација и критика, туку и во контекстот на изградување на лични и колективни идентитети – родови, расни, етнички, верски, социјални и други…

Актуализирана особено во текот на кризните општествено-политички периоди, се користи за интердисциплинарно испитување и согледување на сеќавањата на трауматските појави и односи, понекогаш потиснувани од општествената стварност и медиумското окружување. Како што се градат колективните идентитети низ диверзитетните гласови на сведоците, така сеќавањето на трауматските искуства претставува услов за развој на идентитетот, а според теоретичарката Далија Офер – наративот што интерпретира трауматско искуство може да биде сфатен и како „наратив на здравјето“[1].

Истакнувајќи ја важноста на секој фактор во историските процеси, во концептот на изложбата на Биеналето во Венеција авторите го воведуваат пејзажот, како соговорник на уметничката работа, односно немиот сведок на општествено-политичката, социјалната, економската и културната историја на сопственото окружување. Пристапот на Моника и Роберт кон една од основните теми во историјата на уметноста, како што е пејзажот, не е проникнат со идејата на уживање и презентација на неговите естетски, природни карактеристики, како што тоа било вообичаено во минатото, но и денес со експанзијата на широките можности на употреба на дигиталната камера. Исто така, целта не е ни освојување или интервенирање во рамките на пејзажот, како што е правено во ленд артот и во други авангардни практики. Имено, во прашање е повеќе процес на пронаоѓање, анализа и бележење на местата на неговите промени, согледување на неоргански/нетипични ситуации како неми носители на трагите од минатото и на заборавените или нераскажани трауматски/болни приказни, во духот на неоконцептуалната и неоконтекстуална современа медиумска уметност.

Концептот на изложбата функционира низ интеррелација на уметничката практика на секој од авторите кои, без оглед на посебноста и специфичноста на личните дискурси, се усогласуваат во испитувањето на заедничкото вредносно поле поврзано со поимот искуство на пејзажот. Во прашање е истражувањето на археологијата на просторот, слоевитоста на напуштените и заборавени предели во колективното културно сеќавање/меморија и оживување на „присуството на неприсутното“. Односите на животот и смртта, убавото и грдото, здравото и отровното, ја прават основата на критичкиот пристап на авторите, теми со кои обајцата претходно се занимаваа на различни, но блиски начини.

Прашањата што ги поставуваат се директно упатени на поврзаноста на еколошката проблематика со корпоративниот империјализам, со родовите перспективи, тезите за староседелците, за колективните идентитети и значењето на деколонизацијата не само на историјата туку и на природата. Ги разгледуваат односите на моќта во општеството и опасностите што ги носат меѓусобните борби низ безумните војни (било да се во прашање експлицитни или имплицитни, реални или психолошки, физички или хемиски) и освојувањето на природата низ сè поагресивното неолиберално искористување и злоупотреба на основните ресурси. Ги истражуваат прашањата за човековите слободи, одговорности и ризикот за сопственото дејствување, потоа прашањето за опстанокот на хуманоста како вредност на современото општество. Ги расветлуваат натрупаните проблеми, укажувајќи на важноста за воспоставување нов поредок, кој би понудил можност за надминување на антропоцентричниот поглед на свет, со што го испитуваат Антропоценот, претпоставената нова епоха на планетата Земја.

Геополитичкиот контекст од кој поаѓаат е видлив и во нивната претходна професионална практика. Роберт Јанкулоски низ својата долгогодишна истражувачка работа пронашол и собрал мноштво стари фотографии поради кои го оформи Македонскиот центар за фотографија во Скопје, во кој е вклучена и Моника Мотеска. Зачувувањето на вредната историско-уметничка граѓа има за цел и расветлување на минатото кое е непредвидливо. (Како што на еден средновековен апокриф од македонски манастир е напишано – Сегашноста е овде, Иднината е непозната, Минатото е најнепредвидливо.) Циклусите фотографии на Роберт Јанкулоски како што се Ранети пејзажи (од 2015), Остатоци од меморијата (2014) или Првата светска војна – Сеќавања (2020) прикажуваат места и предмети натопени со историја.


[1] Dalia Ofer, „Testimonies in the Study of Health and Medicine in the Ghetto”, Poetics Today vol. 27 (2) (Durham: Duke University Press, 2006), во Nina Mihaljinac, https://www.arts.bg.ac.rs/wp-content/uploads/2016/10/Nina-Mihaljinac_doktorska-disertacija.pdf

2023-06-08T11:48:33+00:00 јуни 6th, 2023|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 150|