Документ Дете од Моника Мотеска

/, Галерија, Блесок бр. 103-104/Документ Дете од Моника Мотеска

Документ Дете од Моника Мотеска

Документ Дете од Моника Мотеска


Уметничките практики денес неповратно се трансформирани во еден непрегледен и безграничен, дифузен и децентриран универзум на исказни, изразни и концептуални практики. Од поодамна веќе се пореметени и граничните и разликовните специфики меѓу овие практики и останатите медиумски и дискурзивни уметнички структури во еден глобален „вавилонски“ културолошки и цивилизациски синдром. Од првичните модернистички, а пред се авангардистички пробивања, преку неоавангардните и концептуалистичките движења од 60-тите години на минатиот век наваму, до постмодернистичките расејувања, уметничките практики како да ја преминале границата на „крајот на уметноста“, декомпонирани до она што Данто го формулира како суштествено уметничко: дискуризвно-концептуално поле на исказните обрасци. Аурата на автономниот медиум и на автентичните обрасци на тој начин се деструира и потопува во деконструктивните матрици на исказните концепти коишто се уште, во традиционален манир, ги нарекуваме „уметнички“. Но, затоа, се открива едно непрегледно и возбудливо поле на поигрување со уметничкото, со напластените културолошки и цивилизациски модели и со синтактичките и семантичките содржини на стварноста и на фикцијата, кое што открива нови димензии на уметничкиот исказ и на неговите изразни можности.

А оваа возбудлива планетарна авантура денес во голема обем се остварува во или преку разновидната употреба на фотографскиот медиум, но сега целосно ослободен од било какви автономни или „автентични“ претензии. Вирусот на фотографската манипулација и експлоатација е доминантно присутен и во актуелните уметнички практики на уметничката сцена во Македонија веќе подолго време, а релевантните исказни појави во рецентното уметничко живеење речиси целосно се заразени со визуелните, информациските и концептуалните можности на овој медиум.

Оттаму и Моника Мотеска, како автор посветен на култивирање на сопствениот уметнички исказ во релевантен и актуелен образец на се
поскромната уметничка сцена кај нас, во повеќе нејзини проекти е фокусирана на концептуално-наративна примена на фотографијата во креирањето на исказни уметнички остварувања. При тоа, Мотеска фотографијата ја применува во разновидни модалитети, од слободно користење на туѓа фотографска предлошка до автореференцијално фотографско експонирање, од непретенциозно документарно бележење на одредени состојби или артефакти од стварноста до конципирање на наративни фотографски низови. Нејзиниот приод во примената на медиумот е смислено воден од желбата за обликување на едноставни, но концентрирани наративни структури со суптилна формална и значенска носивост. Тој манир во негувањето на навидум мали и непретенциозни фотографски искази и приказни произлегува од нежноста и едноставноста на едно типично „женско писмо“, податно да профилира слоевити увиди и рамништа на значење.

Во двата нејзини последни проекти (NATURA MORTA, 2010 и Документ дете, 2011) Мотеска го гради својот уметнички исказ во една матрица што се базира на стара жанровска или индивидуална фотографска предлошка на која што го надоврзува своојот имагинативен и концептуален исказ. На тој начин, „позајмената“ жанровска или „туѓа“ фотографска предлошка е сегментирана и „оттуѓена“ од својот претходен контекст и смело авторски инкорпорирана во новото концептуално и наративно опкружување. Но, додека во NATURA MORTA се применува вешто алегориско поместување и ирониско детронизирање на базичната иконографија на жанрот на мртвата природа со цел компонентите на жанрот да се употребат во еден поместен и современ контекст, во проектот Документ дете ова ирониско поигрување наполно отсуствува. Инспиративната предлошка во овој проект се вклучува непосредно и спонтано со многу чувствен набој во надоврзувањето и надградувањето на исказната структура. Впрочем, ова наративно авторско надоврзување во проектот е изведено така што концептуално не се разликува од својата предлошка. Имено, концептот на предлошката, фотографијата од прилепскиот фотограф Благој Жежоски, направена во 1929 година како тројна експозиција на стаклена плоча со портрет на едно дете во цел раст во три различни пози, е применет и во низата од 34 фотографии направени од Мотеска. Се работи за еднаква поставка со три експозиции во дигитална техника, конципирани за време на снимањето на 34 деца од класот на нејзиниот син во три различни пози. Како и на предлошката, децата се инструирани во рацете да држат дел од нивните најомилени предмети во една инфантилна но ведра иконографска поставка. Речиси идентична е и визуелната инсценација, како во предлошката така и во фотографиите на Мотеска. А, наспроти временската дистанца, идентичен е и нивниот симболички и значенски хабитус. Како во некаква вонвремена инсценација, се изедначуваат и се проткајуваат импулсите на чистата девственост, неоптеретената животност и радост. Мотеска мошне вешто ја поттикнува и ја одржува концентрацијата и интересот на децата учесници во проектот, иако негувањето на еден ваков социјален проект, проект на „социјалната пластика“ како што би го дефинирал еден Бојс, претпоставува тешка и макотрпна психолошка подготовка и ангажман во текот на практичната реализација. Токму затоа, овој проект на Мотеска претставува своевидна новина во нашата актуелна уметност бидејќи е редок пример за практикување на уметноста во релација и уметноста сватена како социјално обликување.

Валентино Димитровски

АвторВалентино Димитровски
2018-12-19T12:38:04+00:00 декември 21st, 2015|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 103-104|