Зошто никој не ги сака независните проекти преку кои авторите применуваат систем на бегство од институцијата во која им е сè помачно, и креираат проекти со високи вредности, со искреност кон вистината за себе и околностите во кои живеат
Во ситуација на општа зомбификација, збор кој ја сублимира состојбата која владее со земјава Македонија, театарот и неговите творци, како впрочем и во целата култура, се „крпен живот“. Тој и таков „живот“ метастазира, се заканува, уништува. Ако професионалните театри своите репертоари ги создаваат и одржуваат на „мускули“ на надежта која последна умира, на која имаат потполно право, има еден друг сегмент во театарскиов простор кој умира, така да речам, во најраната младост, но од пепелта се издига и се префрла во друг. Тоа се претставите/проектите кои се создаваат вон институциите и за кои тука, по правило, никој, откако ќе излезат пред публиката, не покажува интерес. Освен, се разбира, нивните творци.
Не е мал бројот на претстави кои се создаваат вон институциите. Тие се подготвуваат со уште поголем ентузијазам (ах, до кога!), но и имаат најлоша судбина. Нивните творци нив ги подготвуваат тука и таму, се радуваат кога ќе најдат простор во кој ќе ја одиграат премиерата – во изнајмени сали за кои се плаќаат високи цени. И, откако ентузијазмот ќе помине, откако ќе се одигра премиерата и една/две репризи, ентузијазмот секнува исто како и парите со кои може да се плати просторот. Се бара нов, кој чини уште поголеми пари и кругот се затвора. Претставата создадена како независен проект – умира. Барем за тука – за дома.
Има тука и два, односно три, мошне значајни елементи. Прво, тие претстави – со автори истомисленици собрани околу проект, имаат најчесто висока уметничка вредност. Па, се прават да му се пркоси на (не)времето, на општата зомбификација, во нив се вложува многу љубов „спроти ветрот“, многу знаење и умеење, нема компромиси. Значи, станува збор за солидни претстави кои откриваат, работат по системот на театарска лабораторија, се создаваат со надеж дека треба и мора да се достигне врвот. Второ, имаат голема проодност, поради склопот на сите елементи во нив, па стануваат претстави за кои се заинтересирани меѓународни фестивали и манифестации кои го почитуваат токму таквиот театар.
Заедничкото им е во третиот и најпарадоксален елемент: за нив има место надвор, а дома, како што велат самите творци – никој не ги сака. Низ оваа состојба, последни примери се (иако ги има многу), еве, три претстави: Последниот маж, последната жена, Контаминација Колјада и ЗОО приказна, кои се поставени во 2005 година, а денес (и само по една, две или три изведби), веќе никој не може да ги види. Сите три претстави во оваа календарска година ќе ги има на други простори, на гостувања вон оваа земја. Кон овој селективен избор токму на овие три претстави, секако дека можат да се наредат и многу други кои, поради немање на свој простор, публиката од светот ги гледа повеќе отколку домашната. Само како поткрепа на ова, еве уште два наслови со предзнакот „независна продукција“ кои на театарска публика во Македонија ѝ се недостапни, но се прикажуваат по светските сцени, ги собираат аплаузите на публиката и фестивалските награди: Дневникот на лудиот во режија на Иван Поповски и Татко во режија на Слободан Унковски.
Сепак, да се задржам на трите нови претстави, кои имаа изведби, со мали најави по медиумите и за кои дури и нема оценки од тековната театарска критика.