(Ацо Шпрт свири на гитара. До него седи Нина. Го свири познатиот шлагер „Чија си“, што го исполнува Славе Димитров. По извесно време станува. Приоѓа до живата ограда, зема ножички и почнува да ја кастри. Целиот амбиент е улица од периферијата на Скопје. Се случува во доцна пролет.)
АЦО ШПРТ: „Има еден дом сред жолти лисја, скриен е тој… (пее) на-на на-на… и чија си, кој ти гали долги коси…“
НИНА: Чао (си оди)
АЦО ШПРТ: Аривердерчи! (Пали цигара, продолжува да пее…) (Влегуваат Ринго Шатка и Киро Стап.)
РИНГО ШАТКА: Ало, кој си ти?
АЦО ШПРТ: Сандокан и Маријана.
РИНГО ШАТКА: А у приватен живот?
АЦО ШПРТ: Ацо Станкоски од Прилеп…
КИРО СТАП: Дојден си у гости?
АЦО ШПРТ: Тука живеам.
РИНГО ШАТКА: Од кога, не сум те видел до сега.
АЦО ШПРТ: Има едно две недели и три-четири дена плус!
КИРО СТАП: Се насели за вечно да останеш или ќе се селиш?
АЦО ШПРТ: За до смрт!
РИНГО ШАТКА: Нов у маало.
КИРО СТАП: Колку си висок?
АЦО ШПРТ: Сто осумдес’ два.
РИНГО ШАТКА: Значи шпрт.
АЦО ШПРТ (ги собира исечените гранчиња).
КИРО СТАП: Ако остануеш у маало требе да се запознаеш со куќниот ред.
АЦО ШПРТ: Што ќе ми е?
РИНГО ШАТКА: Да знаеш како е по бон-тон у нашиве краишта.
АЦО ШПРТ: Јас сум дете од фина фамилија!
КИРО СТАП: Сакаш цигара (му удира шамар)?
АЦО ШПРТ: Сега ја фрлив, ќе се отрујам.
РИНГО ШАТКА: Стап не се одбива!
АЦО ШПРТ: Човекот ми даваше цигара, не стап!
РИНГО ШАТКА: Овој господин е фин човек, се вика Киро Стап, најбољи покераш у Ѓорче и поблиска околина, фрла и барбут кога е расположен.
АЦО ШПРТ: Извини Стап, не знаев дека си стап!
КИРО СТАП: Нема проблем, синко, прв пат простуем, втор пат кинам уше!
(Си оди.)
РИНГО ШАТКА: Шпрт, јас сум Ринго.
АЦО ШПРТ: Знам, Шатка.
РИНГО ШАТКА: Еј, Прилеп, за тебе сум Ринго Лепи, Шатка само за фини деца.
АЦО ШПРТ: Добро, Шатка… (Пауза.)
РИНГО ШАТКА: Кај учиш?
АЦО ШПРТ: У Ѓорче гимназија, а ти?
РИНГО ШАТКА: У Ѓорче билијард… понекогаш у ГУЦ – геодезија.
АЦО ШПРТ: Јас мислев си завршил средно! Личиш постар.
РИНГО ШАТКА: Камен у лице, бебе у срце, Крали Марко у муда. Сум паднал два-три пати. Данок на наше маало. (Пауза.)
РИНГО ШАТКА: Што работи и татко ти?
АЦО ШПРТ: Заставник прве класе! А твоите?
РИНГО ШАТКА: Стариот ми е диригент (пауза) у Идризово, а мајка ми прва балерина (пауза) у Бутел.
АЦО ШПРТ: Извини…
РИНГО ШАТКА: Нема гајле, за пријатели секогаш сум отворен.
АЦО ШПРТ: Имаш женска?
РИНГО ШАТКА: Имам женски!
АЦО ШПРТ: Мене ми се свиѓа Нина, сестра му на Чкембарот!
РИНГО ШАТКА: Добра риба, ама таксана!
АЦО ШПРТ: Кому?
РИНГО ШАТКА: На Стапот…
АЦО ШПРТ: Тој е многу постар, човече…
РИНГО ШАТКА: Нема проблем што е постар, шампион за билјард и жени!
АЦО ШПРТ: Тој е шампион за сè, изгледа!
(Пауза.)
РИНГО ШАТКА: Пиеш?
АЦО ШПРТ: Млеко.
РИНГО ШАТКА: … со какао…
АЦО ШПРТ: … и стрижам жива ограда!
(Пауза.)
РИНГО ШАТКА: Лесно ти е тебе!
АЦО ШПРТ (ја крева вреќата полна со исечените гранчиња): Најлесно на светот!
(Пауза.)
РИНГО ШАТКА: Гледам свириш на гитара…
АЦО ШПРТ: Свирам…
РИНГО ШАТКА: Кај си учел, у Прилеп?
АЦО ШПРТ: Ваму-таму, највеќе сам, градот не е важен…
РИНГО ШАТКА: Си свирел у група?
АЦО ШПРТ: Јас сум соло, човече, соло цел живот!
РИНГО ШАТКА: Ако сакаш, можеш да до’еш у наша група!
АЦО ШПРТ: Ти имаш бенд?
РИНГО ШАТКА: ВИС „Чкембари“, најбољи састав у средна Европа…
АЦО ШПРТ: Средна Европа не е доволна за мојте желби, сакам да сум најбољи у свет…
РИНГО ШАТКА: И јас! Моја крвна група! … Дој’ вечер на проба!
АЦО ШПРТ: Каде?
РИНГО ШАТКА: У месна заедница, свириме до сабајле…
АЦО ШПРТ: Океј…, друже!
РИНГО ШАТКА: Океј… , најбољи у свет!
(Заминуваат од сцена, пријателството за „најбољи у свет“ е родено.)