(Предговор кон „Шест македонски поети“, ARC PUBLICATIONS, Велика Британија, 2011)
#1 Пред речиси седум години, за време на мојот студиски престој на Универзитетот Оксфорд како дел од нивната програма за летно гостопримство, ја имав мојата прва средба со назначениот ментор за време на ручек во неговиот колеџ. На почетокот ми беше прилично непријатно што заедно со останатите професори ручавме на маси сместени повисоко во просторијата, додека студентите јадеа неколку скалила пониско. Уште додека бевме на предјадењето, непријатноста почна да се зголемува кога реномираниот професор по литература започна да ме бомбардира со безбројни прашања. Имајќи го моето потекло в предвид, започна најпрвин со политичка анализа на Тито и распаѓањето на поранешна Југославија, за набрзо да се префрли на поезија, очигледно неговата омилена тема. И самиот поет, посебно беше заинтересиран за македонската поезија. Тоа ме исправи пред две дилеми: што да му се каже на некој кој е, помалку или повеќе, неинформиран за една, нему далечна земја и нејзината литература, а притоа ем да се укаже на специфичноста на македонската поезија низ вековите, ем со тоа да се заинтригира соговорникот, а од друга страна како да се илустрираат ставовите во недостаток на достапни преводни изданија.
Речиси истата дилема ја имав и при пишувањето на овој предговор, па затоа она што ќе го споделам овде со вас е приближно истото што му го кажав и на мојот Оксфордски професор. Се надевам дека овој кус предговор ќе понуди подобро разбирање на македонската поезија во сета нејзина комплексност, независно од претходните познавања на општествено-политичкиот и културниот контекст во кој е создавана. Секако, оваа значајна книга, која содржи некои од најдобрите примери на македонската современа поезија, ја сметам за голема предност која ја немав тогаш, поради што морам да им упатам честитки на Arc Publications. Понудата на двојазично издание што ќе ја претстави пред британската и меѓународната јавност поезијата на една мала балканска земја како Македонија, како дел од новите гласови од Европа, го сметаме за храбар и смел чекор, кој сведочи за широчината и отвореноста на издавачите кон разновидноста, посебноста и мултикултурализмот. За нас, тоа го докажува неизбежниот факт дека не постојат нации или литератури кои се мали, незначителни или културно помалку моќни од другите, како и дека секоја посебна култура (вклучувајќи ја и поезијата) треба да биде презентирана пред пошироката публика без двоумење или страв од маргинализација. Во продолжение нашата благодарност оди кон извонредниот промотор на македонската литература Игор Исаковски, човекот кој е spiritus movens на културната установа „Блесок“ и истоименото електронско литературно списание, а кој во оваа прилика го направи изборот на поетите презентирани во изданието. Исто така, нашата благодарност ја упатуваме и кон угледните преведувачи за нивните одлични преводи/препеви.
Преводот, во конкретниов случај, но и генерално, има висока вредност и претставува една од најдобрите форми на културна репрезентација, посредување помеѓу јазиците и нациите, крос-културна и интеркултурна комуникација која го спојува светот во време и простор. И покрај тоа што тој е клучен дел на презентирање на секоја култура, со цел да им помогнеме на читателите полесно да го „разберат“ преводот на оваа книга, ќе понудиме и еден краток осврт на македонската поезија во целина. За почеток, ни се чини корисно да укажеме на историјата на државата, нејзината борба за националното будење и независност, како и сегашните општествено-политички околности на оваа мала јужноевропска земја која се соочува со бројни предизвици, подеднакво внатрешни, како и во процесот на сопственото мапирање на меѓународната карта, а сето тоа за подобро да се разбере нејзината култура и особено, нејзината поезија.
Ослободени од национален патос и непотребни детали за бројните воени конфликти, политичките, културните, религиозните и асимилативните притисоци на многу нации во текот на социо-историскиот развој на Македонија, сакаме да го потенцираме степенот во кој овие историски услови влијаеле врз динамиката на уметноста и културата во Македонија. Имено, една од водечките дебати во македонската литература е онаа за нејзиниот (дис)континуитет како резултат на можните застои, пречки и прекини. Наспроти нив, независно од тоа дали е напишана на официјалниот македонски јазик, на некој негов дијалект или на некој друг јазик; без оглед дали е објавена во рамките на македонската или некоја друга држава; инсистираме дека треба да се говори за континуитетот на македонската литература, дури и ако истата ја опишуваме како специфична, драматична или атипична. Многу научници се согласуваат дека овој континуитет треба да ги земе предвид средновековната македонска продукција (подеднакво и оригиналната, и преводната); записите на усната продукција на македонската народна литература; потоа литературата на деветнаесеттиот век, како и современата литература создадена по Втората светска војна, односно по стекнувањето на македонската независност и кодификувањето на македонскиот литературен јазик. Очекувано, најзначајните дострели на македонската литература се случуваат во нејзината современа фаза, кога таа имала потреба да го забрза својот развој со цел да ги достигне останатите европски литератури. Секако притоа помага што таа го има богатото фолклорно наследство како компензација во креативната арена, па соодветно и македонската современа литература се раѓа токму врз основите на усната традиција, нејзините модели, жанрови и нејзината автентичност. Во овој контекст, усната книжевност која продолжила да постои и во времето на писменоста, не се смета само за прва фаза на македонската литература, туку и за модел, инспирација и основа на современата македонска литература во нејзината почетна фаза. Подоцна, поетите сè повеќе се одвојуваат од усната книжевност како водечка парадигма, но сепак, дури и денес, сè уште има многу примери на имплементација на усната традиција на нови начини, како интертекст во современи книжевни дела. Така, јазикот и сите духовни потенцијали на автентичната македонска народна литература прераснаа во уметничка литература со свој книжевен систем, жанрови, стилски формации, поетики итн. Излишно е да се потенцира дека оваа прогресија оди од реализам (вклучувајќи соц-реализам во годините по Втората светска војна) преку модернизам (во 60-тите на XX век) и анти-модернизам (70-тите и 80-тите), сè до интертекстуалност и постмодернизам (во последните неколку децении). Во македонскиот случај, овој раст не секогаш бил хронолошки и строго дистинктивен, туку често некои спротивставени стилови се менувале еден по друг, понекогаш и коегзистирале, а во други пригоди дури и се комбинирале во рамките на опусот на еден автор. Сето ова го споменуваме само како показ дека во однос на македонската литература не треба да се прави никаква директна аналогија со западноевропската литература.
Долго време во Македонија се верувало дека поезијата е најдоброто од македонската литература, понекогаш дури и дека е најдоброто во македонската култура во целина. Оваа констатација се однесува главно на усната поезија, но во голема мера се однесува и на современата поезија. Нацијата се гордее со колективниот дух на усната поезија која ја претставува културната разноликост, како и општествената, религиозната и етничката мешавина од сите влијанија на оваа територија, почнувајќи од словенското потекло и византиската средновековна традиција, преку постојаната интеракција со соседните цивилизации и балкански култури, па сè до огромното влијание на петвековното отоманско владеење. Ова колективно наследство подоцна беше усвоено од страна на Браќата Миладиновци, Григор Прличев и други поети во XIX век, кои користеле еден вид на синтеза на традицијата и иновацијата за да надоместат за минатото и, во исто време, да бидат во чекор со тековните достигнувања на поширок литературен план. По нив следувала една од првите големи фигури во македонската поезија Кочо Рацин, а потоа и Блаже Конески, Ацо Шопов, Славко Јаневски, Гане Тодоровски, Анте Поповски и многу други. Листата продолжува и натаму, што го зголемува предизвикот да резимираме во само неколку реда, но она што е од витално значење е да се знае дека македонската поезија нуди примери на интимна, симболистичка, модернистичка, футуристичка, неосимболистика и други поетски движења и процеси, како и дека опфаќа многу различни поетски сензибилитети, естетски движења, лични импулси и посебности. Сведоштво за македонското високо мислење за поезијата е и познатата манифестација „Струшки вечери на поезијата“, меѓународен фестивал на поезијата кој се одржува еднаш годишно во градот Струга. Во текот на неколку децении од своето постоење, фестивалот им ја додели својата најпрестижна награда „Златен венец“ на некои од најзначајните меѓународни поети, вклучувајќи ги Махмуд Дарвиш, Јосиф Бродски, Ален Гинзберг, Пабло Неруда, Еуџенио Монтале, Леополд Сенгор, Тед Хјуз, Мирослав Крлежа, Јехуда Амихај и други.
Но, како што вели првото кредо на „Блесок“ за презентирањето на Македонија во светот: „Да не се расприкажуваме за минатото и историјата; се чини дека тоа станува пославно од ден на ден, а сегашноста е сè потрагична. Поради тоа, БЛЕСОК се насочува кон иднината, кон неиспитаните простори на битисување. Новата комуникација е еден од нив“. Во согласност со тој став и ние би сакале да ѝ посветиме повеќе внимание на современата поезија презентирана во оваа антологија и да позборуваме за тоа колку овој избор ја прави современата состојба на македонската поезија видлива за потенцијалните читатели. Со цел да го докажеме нашето уверување дека овие шест автори се соодветни да го претстават пулсот на македонското литерарно милје, ќе го отвориме прашањето дали тие навистина се најрепрезентативните поети и ќе се задржиме на спецификите на секој автор.
Со оглед на тоа дека изданието „Шест македонски поети“ содржи делови од опусот на три жени и тројца мажи кои придонесоа за обликувањето на современата македонска поезија во изминатите пет децении, ја поздравуваме очигледно свесната тенденција за родова еднаквост. Долго време се верувало дека канонот на македонската поезија е претежно машки. Секако, таа ги имаше своите женски гласови, почнувајќи од пејачките кои се пренесувачи на усната традиција, па сè до поезијата на женските поетеси вклучени во оваа книга. Всушност, фолклористичката наука се сеќава на името на многу талентирани пејачки со репертоари од стотици меморирани народни песни, со која ги потврдува македонските жени како чуварки на долговековната култура. Оваа антологија, значи се разликува од повеќето претходни антологии, каде што жените беа помалубројни или често погрешно презентирани. Како резултат на тоа, оваа антологија има еден додатен, посакуван квалитет на листата на своите заслуги.
Сепак, имајќи ја предвид поезија сама по себе, нема да ве запознаваме со поетите во однос на нивниот род, иако очигледно, сите тие создаваат во склад со сопствениот род, а наместо тоа ќе ги земеме во фокус сензибилитетите на нивните поетики. Двајца од овие поети, Богомил Ѓузел (роден 1939) и Катица Ќулавкова (родена 1951), се издвојуваат не само како припадници на иста генерациска група, различна од останатите, но и поради фактот дека тие се веќе потврдени и признаени од страна на јавноста поради нивното значење како живи бардови на македонската поезија со десетици објавени дела. Нивниот поетски пат не секогаш бил лесен, од причина што презентирале нов, современ македонски поетски глас. Ова особено се однесува на Богомил Ѓузел, кој заедно со Радован Павловски го објавил својот манифест во 1961 година наречен „Епското на гласање“, кој инсистира на психолошката традиција паралелно со историската, на животот на минатото во сегашноста и разбирањето на песната како простор за драматични, епски судири. Во таа смисла, неговото епско е дадено со лирски глас, а неговата наративна поезија обично е признаена од страна на критичарите како „поетиката на критики, револт и огорченост“. Една од нејзините водечки карактеристики е нејзината употреба на македонската митолошка база, како и интертекстуалноста, која е континуитет на претходно споменатото колективно наследство, вклучувајќи ги тука и Балканското минато, вистинско или имагинарно, античката митологија, христијанската симболика и апокалиптичните визии … Ова е прилично мрачна и вознемирувачка, но длабоко промислена поезија, која ги зема предвид значењето на животот и смртта, војната и мирот, и мажите и жените, за прашања како што се присуството, постоењето, жртвата и сегашноста, како и проблемите од секојдневниот живот. Во неговите песни, ќе го најдете и него и другите, ќе научите нешто за Македонија и далечните, но нему блиски земји, ќе ја почувствувате реалноста, ќе ги замислите соништа и ќе доживеете уште толку многу различни нешта.
Некои од истите концепти и поетски идеи, можат да се откријат и во писмото на Ќулавкова. Како истакната универзитетска професорка и член на Македонската академија на науките и уметностите, нејзините дела се полни со интертекстуалност и евокации на христијанските и муслиманските свети книги, траги од нејзината претходна лектира од Аристофан преку Томас С. Елиот и Умберто Еко сè до Меша Селимовиќ, бројни митски слики и божествени сили, многу стари и некои нови приказни, алузии на Вавилон и најмногу од сè, со знаците на Македонија. Татковината е предодредена да биде во фокусот на нејзината херменевтична поезија, иако песните претставени во оваа книга доаѓаат од различни периоди и фази на нејзиниот опус. Тој опус содржи фонолошки фигури и говорни игри, каде што звуците создаваат значење, или значењето се создава преку звуци. Покрај тоа, низ нејзината фасцинација со јазикот може да се почувствува нејзината љубов кон својата земја и нејзината природа, кон сонцето и месечината, ритуалите и енергиите, телата и суштината, а над сè, можеме да го почувствуваме нејзиниот женски глас, гласот на Еросот, темите за плодноста, копнежите, желбите и страстите. Или, како што таа вели: „И повеќе не се прашувате зошто стварноста не е доволна за да се сонува и што е тоа кое не е јаве а постои!“.
Следните две поети лесно можат да се доведат во врска еден со друг, не само затоа што неретко се дел од боемскиот ноќен живот на Скопје, каде што сме биле привилегирани да ги слушнеме како ја читаат својата поезија (повторно во духот на добрата македонска традиција на усна трансмисија), но и бидејќи тие ја живеат и преживуваат нивната поезија одново и одново и бидејќи нивните песни се толку вистинити, така реални и искрени. Јовица Ивановски (роден 1961) е поет кој постојано се обидува да го открие и објасни својот сопствен свет, својата поезија и својот живот, што создава многу лични, речиси доверливи чувства кај читателот. Од самиот почеток, читателот може да се идентификува со тривијалните работи кои го чинат животот она што е, но неговите непретенциозни зборови кои се слики на еден целосно урбан секојдневен живот, како сладоледот од ванила или телефонските именици, се само прв впечаток. Покрај тие наместа конвенционални мисли, ќе бидете сведоци и на подлабокото значење кое се крие зад спомените, зад градот и луѓето, додека чувствувате спротивставени емоции како резултат на тие врски, на водењето љубов, бракот, прељубата или разводот, како резултат на животот и неговиот пат кон смртта. И сето тоа потекнува од една уникатна и исклучителна машка позиција.
Слична перцепција за Скопје, главниот град на Македонија, како краен урбан топоним за онаа генерација која е премногу млада за да биде потполно резигнирана од транзицијата на општеството и непостоечкиот систем на вредности, но во исто време доволно стари за да бидат саркастични и изиритирани од неа, лоцираме во песните на Игор Исаковски (роден 1970). Неговиот свет е полн со бивши девојки, барови и алкохол, поезија и проза, блуз и Tom Waits … Во оваа магла на сеќавањата и допири, во оваа фузија на слики кои ги провоцираат сетилата да се вклучат во процесот на читање, ја гледаме неговата љубов кон животот и неговиот обид да го живее до максимум. Но, во исто време, овој живот има и друга страна: страна зад фасадата, страна со длабоки емоции како осаменоста, скриени во школка. Исаковски, покрај тоа, контемплира за тоа како да се напише песна, како да се најде својата вистина со која другите ќе можат да се идентификуваат како со сопствена. Токму тоа се чини и како една од најчестите теми во поезијата на сите шест поети вклучени во оваа антологија: нивната самосвест, нивната потрага по дефиниција на сопствената ars poetica, нивното трагање по сопствениот креативен raison d’être.
Дали поезијата е спротивна на рутината? Дали е демагогија? Дали е илузија или смисла на постоењето? Ова се некои од прашањата кои Елизабета Баковска (родена 1969) се обидува да ги одговори во нејзините исклучителни песни. Нејзиното пишување го одразува нејзиниот интимен свет онаков каков што таа го знае. Тој свет е полн со љубов, страст, тишина, самотија, врски, очекувања, помлади и постари љубовници, солзи и копнеж за младоста, но во исто време, таа го подига гласот против просечноста, идеологиите, ранливоста на поединецот наспроти општата јавност и разумниот компромис кој мора да се направи во животот со цел да преживее. Се чини дека зборовите на Баковска се напишани лесно и без напор, но се трогателни. Тие во исто време се и многу лични, но и место каде може да се препознае поширокиот колектив. Нејзиниот пример го потврдува фактот кој важи и за другите поети претставени тука: дека нивните креативни индивидуални светови се цврсто врзани за социо-политичкиот живот во земјата и со културната интимност на националниот и колективниот идентитет.
Последна, но секако не и помалку важна, поетеса на која ќе се осврнеме е Лидија Димковска (родена 1971). Нејзиното образование и живот надвор од Македонија имаат длабоко влијание врз нејзиното пишување, подеднакво на прозата и на поезијата. Овде, ние можеме да го согледаме нејзиниот живот во миграција, нејзината носталгија и сеќавања за минатото и поранешните врски, иронично поврзани со нејзиниот постојан развој, формиран некаде на друго место, каде што таа е во потрага по вистината, по сопствениот родов идентитет, по загубените сензации, по верските уверувања и по сопственото јас кое е застрашувачко за неа. Помеѓу свадби и погреби, меѓу Бродски, Волт Дизни и Марија Магдалена, таа стравува од војната во Македонија, таа е загрижена дека „Помеѓу раѓањето и смртта животот нема гаранција, единствениот сервис за поправки е сè уште во нас самите“. Ваквите големи мисли можат да дојдат од „мали“ земји, се согласуваат и Димовска, и сите останати поети од збиркава. А нивните песни нудат силни докази за поддршка на едно вакво тврдење.
Во однос на понудената продукција, не само што веројатно било исклучително тешка задача за селекторот Исаковски да го направи својот избор, но и за нас е проблематично да донесеме некои општи заклучоци кои ќе ја сумираат сета оваа поезија. Иако шесте поети се среќаваат во неколку точки како што се Македонија (или поточно нивните шест различни Македонии: митската, урбаната, онаа од минатото и онаа од сегашноста, горчливата и слатката), нивната само-перцепција и обидот да ги разберат сопствените побуди за пишување, како и универзалните и вечни теми на Еросот и Танатосот, сепак нивната поезија е многу шарена и полифонична, многу различна во формата на метонимиските дискурзивните пракси и многу богата со цитирани кодови од мултиперспективниот простор на културата.
На крајот, сакам да ја дообјаснам аналогијата со трпезариските маси од почетокот на овој предговорот. Имено, за разлика од прифатената практика на професорите да држат предавања од својата повластена позиција и од „високо“, во овој текст јас се обидував да излезам вон академијата колку што можам и да ги презентирам македонски поети од гледна точка на читател, или, како што би рекле културолошките студии – одоздола. Тоа е причината поради која не инсистирав на ниеден теоретски пристап, но наместо тоа ги охрабрувам читателите да ги пронајдат своите сопствени вредности и значења. Од истата причина, не инсистирав на лоцирање на еден специфичен глас за сите шест македонски поети од оваа книга, туку ги поканувам читателите да ги пронајдат разновидните и повеќекратни гласови на секој поет посебно. Конечно, тоа е причината поради која има само уште едно нешто што сакам да им го препорачам на читателите: уживајте во оваа дефинитивно добра поезија!