ДЕВЕТ МИНУТИ

ДЕВЕТ МИНУТИ

(Подвижна приказна од Боцвана)

Тоа бебе антилопче, со остатоци од мајчина постелка и плодова слуз на грбот, по само пет минути од излегувањето од мајчината утроба, ене го, веќе трча.

Нема време ни за доење и дохранување ни за плачење и умилкување ни за галење и гугање. Трча како да е родено за трчање, иако е старо само шест минути.

Нема време ни за прозборување, спелување, вакцинирање, таблици множење и делење. Проста математика: детето антилопче мора веднаш да трча, иако само седум минути го гледа сонцето над саваната.

Нема време ни за кондициски и тактички тренинзи, ни за психолошки подготовки и лекции по правилно дишење.

Ене ја, подгонета од најбрзото суштество на планетата наречено гепард, младата антилопа во својата адолесцентска минута трча како најдобар атлетичар. Трча дури и побрзо и повешто од актуелниот светски шампион, иако само осум минути со копитата едвај ја допира земјата.

На почетокот од деветтата минута од животот, зрелата антилопа трча толку бргу што би можело да се каже дека веќе научила и да лета. Нема време за мудрувања за смислата на животот: тоа им го остава на тие што можеби ќе дотуркаат и до девет децении. Таа само трча, на пет метри зад мајка ѝ. Нема време ни да мисли на смртта: нека мислат за неа тие што заборавиле да живеат. При крајот од деветтата минута од животот може да каже дека цел живот ѝ поминал во трчање.

АвторВладимир Мартиновски
2019-12-27T12:02:24+00:00 декември 18th, 2019|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 129|