ДРАМСКИТЕ МОНОЛОЗИ НА РОБЕРТ БРАУНИНГ

/, Литература, Блесок бр. 125/ДРАМСКИТЕ МОНОЛОЗИ НА РОБЕРТ БРАУНИНГ

ДРАМСКИТЕ МОНОЛОЗИ НА РОБЕРТ БРАУНИНГ

Драмскиот монолог се карактеризира како хибридна форма која ги руши границите на двете форми од кои потекнува: лирската поезија и драмата со своите монолози и солилоквии. Нејзиниот развиток, колку и да се чини ненадеен и револуционерен во свое време, претставува еден логичен чекор, бидејќи ниедна нова форма или жанр не може да настане без комбинирање на веќе постојните форми со новите гласови, технологии и медиуми, или пак без комбинирање на доминантните форми со некои подзаборавени, но витални стари форми. Како што посочува Кенеди, со драмскиот монолог „се задоволуваше потребата која театарот во 19 век не беше веќе способен да ја задоволи. Во секој случај има поврзаност помеѓу слабеењето на појавата на свежи нови драмски дела во Англија во 19 век и развојот на новите вештини за пишување на драмски песни“ (Kennedy, 2007:86).

Самата форма и природа на драмскиот монолог ги наметнуваат оваа полиакцентност и повеќегласност во монолошката структура на песната. Монологот според својата природа налага и бара стабилност и доминантност на едно гледиште, кое и покрај фактот што може да опфаќа размисла или расправа за одредена тема или настан кој опфаќа повеќе страни или погледи, конечно донесува еден краен суд или носи во себе еден доминантен став низ кој се филтрирани сите други и на кој тие му се потчинети. Тоа е пристап што е карактеристичен за многу од традиционалните книжевни жанрови како што се епот, лириката, одата кои го утврдиле и зацементирале својот авторитет во минатото и го пренеле во историскиот момент во кој твори Браунинг. Но, тие поетски жанрови веќе не можеле да одговорат на новите историско-општествени тенденции на 19 век, што е посведочено со неуспехот на романтичарската поезија со својот монолошки лирски субјект да се справи со повеќегласната и мултиплицирана општествена реалност. Токму затоа, поезијата се врти кон еден друг книжевен жанр на кој му е својствена и вродена повеќегласноста, која е поблиску според својата еволуција до поезијата од романот, а тоа е драмата.

Првите ликови што се јавуваат во драмските монолози на Тенисон и Браунинг („Св. Симеон Столпник“, „Љубовникот на Порфирија“) во 1830-те се ликови што се на границите на прифатливото, на нормалното, на нормираното. Тие се наоѓаат во состојба на подвоеност, во состојба на психичка дилема за која можеби не се свесни на површината, но нивниот монолог укажува дека тие се во конфликт со нормите на општеството и со неговите закони. Овој конфликт сам по себе повлекува појава на повеќегласност во рамките на внатрешниот или интимниот монолог, што е својство на монологот во драмите и дозволува развој на повеќеслојност и комплексност во новиот жанр. Овие први монолози како да ги навестуваат и најавуваат можностите на новиот хибриден жанр на драмскиот монолог или на монодрамата, како што на почетокот се опишува оваа нова форма. Тој психолошки, но и општествен конфликт укажува и на расцепот и кревкоста на монолитноста и монологноста на традиционалните форми на поезијата и на драмата, како и нивната неможност да се справат со новите појави во општеството, особено не во претходно утврдените и фиксирани форми и поджанрови.

Вообичаено, во анализите на драмските монолози на Браунинг, но и на самиот жанр се потенцираат психологијата на ликот и карактеристичната поставеност на монологот кој помага да се скријат скриените психолошки мотиви и да се открие целосниот психолошки профил на драмската персона. Ние сакаме да укажеме дека оваа отворена, прекршена и слоевита структура на нарацијата овозможува и да се видат и прикажат потиснувањето, подвоеноста и есенцијализацијата кои општеството со својата доминантна идеологија и дискурси ги врши. Лој Д. Мартин посочува дека „техниката на провоцирање прашања без одговор, одложување што е можно подолго на давање корисни информации кои би дале одговор, за потоа кога ќе се споделат тие информации да се покренат нови прашања за целиот процес да се започне одново, претставува една од централните реторички стратегии на драмскиот монолог“ (Bloom, 2001:28-29). Тоа го прави драмскиот монолог многу податлива форма за критика и анализа на општеството и неговите горливи проблеми, конфликти и дилеми.

АвторМилан Дамјаноски
ПреводМилан Дамјаноски
2019-06-14T20:21:52+00:00 мај 30th, 2019|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 125|Tags: |