Интервју со Синтезис

/, Звук, Блесок бр. 24/Интервју со Синтезис

Интервју со Синтезис

Наша задача е да ја заштитиме традиционалната музика

Синтезис, најзначајниот македонски извозен музички продукт, составот што успешно ги комбинира корените на изворната традиција со современите аранжмани, концертната кружница во која попатни станици беа: Солун – Грција, Аризона и Њујорк – САД, Милано – Италија, Лисабон – Португалија, Хуеска – Шпанија, Бошо – Белгија, Краков – Полска, Сиднеј, Мелбурн и Перт – Австралија… ја заокружи со новогодишниот концерт пред скопската публика. Со тоа на најубав можен начин ја заврши 2001-та, година во која, патем, се обистинија и грандиозните концертни настапи што составот ги стори придружуван од Македонската филхармонија токму во матичната средина – во Универзалната сала во Скопје. Разговорот што следува е работен во периодот пред новиот залет и планираните патешествија по светските концертни сцени. Инаку, според зборовите на извршниот продуцент Оливер Белопета, за првата половина од 2002, засилено ќе се работи на одржување на серија концертни настапи по балканските држави – разбирливо: Словенија, Хрватска, СР Југославија, Бугарија, Турција… Згора, тој дополнува и дека не е исклучено повторно заминување на бендот од онаа страна на Атлантикот.
За Синтезис и неговото делување во времево говорат Радослав Шутевски (тапани, ударни инструменти…), Марјан Јовановски (тамбури) и Гоце Узунски (тапан, тарабука, дајре). И, уште на самиот почеток:
#1 – Шутевски: Оние два концерта што ги одржавме со Филхармонија ги сметаме за спектакл што се прави само во еден здив и… бидејќи тогаш на сцената беа присутни над стотина луѓе. Навистина еден голем, гломазен, но преубав проект. Ако ти успее да ја постигнеш целта, се разбира.
Од друга страна новогодишниот концерт беше настан со кој по прв пат во минатата година, како група што има свој разработен концепт, ѝ се претставиме на публиката во Скопје. Значи, материјалот од Swinging Macedonia го понудивме во една поинаква звучна слика која беше ослободена од помпезноста, но чинам дека беше силна, енергична и директна. Со тие нумери претходно нè слушнаа во Охрид, Битола, Крушево, Куманово… но не и во Скопје. На крајот на краиштата, една навистина успешна година заокруживме со голем концерт како што прилега на состав од нашиот калибар. Публиката беше презадоволна, а тоа впрочем е најбитно.

* Зад ваквото појаснување стои и една поинаква идеја – снимање на материјал за вашиот прв концертен албум. Држи ли вода неговото скорешно објавување како жив, пулсирачки документ за вашата публика?

Шутевски: Апсолутно. Материјалот е снимен, но дури сега претстои работата што треба да го изнедри нашиот концертен албум. Бевме нетрпеливи и веќе ги преслушавме снимените материјали и од она што го чувме само си ја потврдивме констатацијата дека сме во вистинската свиречка форма, нешто што се стекнува по толку многу проби и големи концертни настапи, но… навистина е прерано да се доаѓа до некои констатации што би требало сè да содржи албумот, што да се исфрли, на што да се фрли акцентот… И, кон ова уште информацијата дека најверојатно постпродукцијата за ова live-издание наместо во Љубљана ќе биде направена во студиото на големиот мајстор Раби Абу Калил во Германија.
Јовановски: Знаеме само дека многу солидно се отсвирени новите композиции, материјалот што досега не беше документиран, та логично би било да има барем некоја од нив. Колку да ја озваничиме најавата каде сме тргнале музички, што е она што сега го работиме, што нè провоцира… Едноставно, сакавме да видиме како ќе реагира публиката на тие композиции, колку ќе го прифати она што имаме намера да го истражуваме во иднина и … ни се позлати. Нашиот впечаток е дека луѓето ни дадоа за право да продолжиме по патот и тоа треба да биде документирано. Згора, излезе дека таа понуда се состои дури од пет нови нумери кои досега воопшто не сме ѝ ги свиреле на скопската публика, а верувајте, тоа не е малку. Така некако му доаѓа дека со концертниот албум, всушност, нам ни се случил комплетно нов албум кој не бил планиран?! Сепак, ќе оставиме времето да каже што од сето тоа ќе се изроди.
* Кога велите дека би сакале да видите како ќе реагира публиката на новиот материјал, на вашата намера да претставите дел од она што би го работеле во иднина, значи ли тоа дека Синтезис е пред дилемата нешто да менува во својот препознатлив звук?

Јовановски: Не се работи за тоа. Ние го имаме нашиот звук, но не би сакале да тапкаме во место. Затоа и имаме намера што подлабоко да слеземе до изворот и она што ќе го најдеме таму да го поминеме низ нас, низ нашиот инструментариум.
Узунски: На концертот верувам дека проследивте и една навистина експлозивна нумера само на зурла и тапан што ја свириме со Гоце Димовски. Таа е вистински концертен фаворит, барем тоа ни го потврди публиката секаде каде што сме ја свиреле… Навидум звучи чисто изворно, негибнато… но кога ќе се чуе убаво се гледа дека е здраво изработена. Ете, во тоа е работата. Сакаме да одиме по патот на кој на изворното ќе му го дадеме потребниот, ововремениот сјај.
Јовановски: Има и еден друг инструментал со многу сложен ритам. Насловот на композицијата, разбирливо, е Македонска ритмика и таа сигурно ќе се најде на третиот студиски албум. Тука е и една вокално-инструментална тема со наслов Ој, јаворе!, која веројатно допрва ќе ја добие својата вистинска форма, но очекуваме да биде вистинско изненадување за публиката. Сè заедно, се работи за наша потрага по не толку познатите нешта од пребогата македонска фолклорна ризница. Ние продолжуваме да истражуваме. Постојано и упорно. Катадневно.
* Бидејќи со споменатите настапи го затворивте кругот, ја завршивте големата светска турнеја, како од денешен аспект гледате на спектаклот кој во мај минатата 2001 го приредивте со Македонската филхармонија? Беше ли тоа многу амбициозен проект?

Шутевски: Ние сме премногу задоволни од настапите со филхармоничарите, хорот – од сето она што се случи во Универзална сала во Скопје. Сметаме дека потпишавме вистински спектакл кој долго ќе се памети. Меѓутоа, морам да го кажам и следново. Кога би го повториле, во никој случај не би дозволиле концертите да се одржат со неколку проби, како што впрочем се случи поради тогашниот распоред на настапите. Имено, тогаш штотуку се вративме од САД, каде настапувавме во Аризона и во Њујорк, па немавме време ниту да се справиме со временската разлика ниту да одржиме проби кои ќе прилегаат за еден таков значаен настап.
Јовановски: Ќе го кажам и следново. Имаше некои најави од релевантни луѓе спектаклот да го проследи ѝ публиката во Белград, Софија, Љубљана, Будимпешта… во повеќе центри од соседните држави. Тоа навистина нема да биде лесно со оглед на тоа дека веројатно би биле ангажирани тамошни музичари. Бара огромен ангажман, но…
Шутевски: Еве ќе откријам уште една работа, нешто што не го знаат можеби и останативе членови од групата. Има понуда да се направи фузија меѓу босанските и македонските филхармоничари и тој концерт да се случи во Сараево. Кога? На тоа прашање не би можел сега да дадам одговор.
* А, може ли да се даде одговор колку следниот студиски албум ќе се разликува од претходните објави? Ако на првиот беше претставена синтезата низ една блага, но малку и наивна електроника, за потем на Swinging Macedonia да биде нагласено вкрстувањето на класичните жичани инструменти со изворните, што на материјалот безрезервно му даде широка епска димензија, каков би бил следниот исчекор?

Шутевски: Основно е што не би сакале да брзаме. Тоа не значи сега дека нешто таиме, туку дека сакаме најнапред работите да легнат па дури потоа да се зафатиме за работа. Види, се работи и за следново: колку и да се обидуваш да исчекориш – ти си тука некаде, во определениот простор. Сега бараме некои модуси што ќе ѝ дадат поинаква светлина на нашава музика. Нешто од тоа веќе се слушна на одржаните концертни настапи. Меѓутоа, тоа ни од далеку не е она што мислиме крајно да го работиме. Ова се почетните, воведните контури на нашата нова фаза.
Јовановски: Планираме не само да понудиме композиции што се раѓаат во нашата меѓуигра како инструменталисти, туку сакаме нешто и да ископачиме од музиката што ја слушале нашите прабаби и прадедовци. Таков е случајот со песната Ој, јаворе! која што македонската јавност главно немала можност да ја чуе. Ќе се обидеме да ја „оживееме“ како што тоа го сторивме со Во наше село, Ме фатије… Некои стари, безмалку заборавени песни, сакаме да ги возобновиме и да му ги вратиме на народот.
Шутевски: Се определивме да се држиме до македонската традиција и нема да бегаме од тоа. Нам не ни треба драстично изменет звук, некоја друга, скраја да е туѓа, музика. Иако, Македонија била балканска раскрсница каде што се мешале народите и културите, сепак многу ни е битно сега да не дозволиме наплив на елементи што може да ја загрозат определената форма, дадениот музички јазик.
* Пречестото посегање по изворната форма од страна на недобронамерните, неуките и профитерите од различен маштап, претпоставува нејзино сквернавење. Не мислите ли дека традиционалната музика е во опасност?

Јовановски: Тенка е нитката помеѓу кичот и уметничкото дело. Ние толку многу внимаваме на тоа, толку многу сме ангажирани околу чистењето на композициите од туѓи влијанија што мислам дека не останува простор за некои несакани појави. Нашата задача е да ја заштитиме традиционалната музика и да ги истакнеме нејзините универзални вредности.
Шутевски: Кога ќе видиме дека нешто не е во ред со она што го свириме, ќе бидеме првите што ќе речат – стоп. Толку беше. Ако почувствуваме дека и публиката се заситила од нас, тогаш или ќе се откажеме од сè или ќе бараме модус да ја надминеме таквата состојба. Нема да ја силуваме работата.
Узунски: Во секој случај, се обидуваме да ѝ дадеме што поголем контраст на нашата македонска музика. Кога би го понудиле фолклорот онаков каков што е – во неговата сирова форма, тогаш останува можноста да не бидеме доволно разбрани, на нашата музика да се гледа како на чиста егзотика и ништо повеќе од тоа. А, вака се случува нешто друго. Со особено внимание се следат нашите концертни настапи насекаде во светот – на Исток или на Запад, сеедно. Бевме вчудоневидени од реакциите на публиката во Португалија. Таму нè третираа како големи комерцијални ѕвезди, што дефакто ние не сме. Тоа навистина нè зачуди.
* И, кога веќе говориме за реакциите на публиката, сега кога веќе завршува вашата годинешна светска концертна турнеја, што би издвоиле како посебност од настапите на различните сцени. Колку се разликуваше приемот на публиката во авангардниот њујоршки клуб Нитинг фектори од оној на Сфинкс фестивалот во Белгија или можеби во Лисабон – Португалија… Како бевте примени од Македонците во Австралија?

Узунски: Главно реакцијата на публиката е идентична секаде онаму каде што сме свиреле. Сега, не би знаел дали е тоа поради специфичните македонски ритми, третманот на инструментите, бојата на звукот на кавалот, гајдата, зурлата, јачината на тапанот… вокалната изведба на девојките, спојот што сме го направиле, но се работи за бура од воодушевување кај различни луѓе независно од тоа дали се растени со њујоршката бучава или звуците што ги раѓа медитеранскиот темперамент.
*
Дали реакциите се такви затоа што можеби на тие луѓе им звучите егзотично или…
– Шутевски
: Не. Не се работи за тоа. Би гледале на нас како на чиста егзотика ако би свиреле сурово, изворно. Мислам дека и тој спој си го прави своето бидејќи мнозина ни приоѓаат и ни велат дека сево ова доста модерно им звучи. Честопати нè прашуваат зошто македонската музика ни е толку тажна, а толку моќна. Било каде свириме, во било кој дел од светот, пред било какви луѓе, публиката знае да ги препознае емоциите. Досега не сме имале концерт каде што на неколкупати не сме биле викани повторно на сцената. Тоа доволно зборува за сè.
* И, покрај ваквата реакција на публиката не уживате статус на ѕвезди и чинам дека таквата позиција ви годи.

Јовановски: Не ни значи нешто да бидеме демек популарни. Дури вака имам впечаток дека на сите ни е поубаво. Дури би ми пречело да ме препознаваат на улица и да зборуваат: еве овој е оној од Синтезис.
– Узунски:
Некако полагодно се чувствуваме вака.
– Шутевски:
Никој од нас не пати да биде ѕвезда. Дури ако ги тргнеш некако по страна Мирјана, Анета и Билјана кои во одреден момент се истурени на сцената, види нè какви сме ние другите. Зарем некому прилега да биде популарен? Битно е дека сега Синтезис функционира како заедница, дека секој дава идеја и дека својски и со должна почит ѝ приоѓаме на секоја замисла. Во работата има и искри, дури и кавги, но сето тоа е во функција на целиот концепт.

2018-08-21T17:21:52+00:00 јануари 1st, 2002|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 24|