(Рондо за Христо Полјански)
На овој мал (и студен) век
Му бевме загрејувачи –
Го топлевме со благорек
Му бевме одгледувачи…
На овој мал (и матен) век
Му бевме разбиструвачи –
Развлечени низ бујат тек
Му станавме толкувачи…
На овој мал (и колнат) век
Му бевме добри псувачи –
Нè мунѕоса со горкорек:
Му бевме побарувачи…
На овој мал (и сопнат) век
Му бевме разврзувачи –
Со ѕвек и сек, со непендек,
Сонувачи! Милувачи!…
На овој мал (и клекнат) век
Му бевме поткренувачи –
Му најдовме за простум лек:
Му бевме наздравувачи…
На овој мал (и клоцнат) век
Му бевме обновувачи –
Му бевме потсетник за штрек:
Спасувачи! Дарувачи!…