Румен Леонидов

/Румен Леонидов
Румен Леонидов 2018-08-21T17:18:20+00:00

Project Description

Румен Леонидов е бугарски поет и преведувач, новинар, публицист и јавна личност. До 2011 година има објавено девет стихозбирки и е добитник на многу бугарски и меѓународни награди за поезија. Роден е на 17 мај 1953 година во Софија, Република Бугарија. Правнук е на војводата од ВМРО Леонид Јанков. Редовно го посетува местото на загинувањето на неговиот прадедо, каде официјално го покануваат како гостувачки поет. На „Мелничките вечери на поезијата“ во 2008 година ја добива Наградата на ВМРО за неговата песна „Песна за Леонид војводата“. Завршил бугарска филологија на Универзитетот „Св. Паисиј Хилендарски“ во Пловдив. Во времето на комунизмот работел во весникот „Студентска трибуна“ (Студентска трибина), во весникот „Средношколско знаме“ и во списанието „Факел“. Кон крајот на 80-те години соработувал со илегалните дисидентски списанија „Мост“ и „Глас“. Потоа работел во „Литературен весник“, во списанието „ Бугарски месечник“, во БНТ, во списанијата „Власт“ и „Бизнис вик“, весниците „Поглед“ и „Класа“, списанието „Книжарница“, весникот „Живот и здравје“, весникот „Животот денес“. Останал без работа вкупно шест пати.
Румен Леонидов е автор на девет стихозбирки. Во странство има публикувано три избори – „Камен во мочуриштето“ (1998, Скопје), „Крајот на митологијата“ (2007, Варшава) и „На врвот од јазикот“ (2009, Љубљана). Неговите стихови се дел од повеќе антологии на бугарската поезија ширум светот, а има и самостојни публикации во САД, Англија, Русија, Италија, Унгарија, Индија, Грција, Србија, Австрија, Албанија, Украина, Молдавија, Македонија, Полска и Словенија. Преведува од руски и француски јазик. Бил член на Сојузот на бугарските писатели и на Здружението на бугарските писатели, кои по своја волја ги има напуштено. Веќе со години не членува во никакви писателски друштва и здруженија.
СТИХОЗБИРКИ
• „Предупредување“ (1977)
• „И огнот си ја помни искрата“ (1982)
• „Голем и мал“ (1990)
• „Неточните димензии на животот“ (1995)
• „Сонот на продавачот“ (1997)
• „Крајот на митологијата“ (1997)
• „Класични дела“ (2000)
• „Слепата недела“ (2011)
КНИГИ
• „И огнот си ја помни искрата“ (2004)
• „Македонски дневник (спомени на отец Трпо Поповски)“, 2006, поговор
• „Исплашениот човек“ (2011)

Related Articles