Наташа Сароска

/Наташа Сароска
Наташа Сароска 2023-11-21T09:15:34+00:00

Project Description

Наташа Сароска (Скопје, 1979) македонска поетеса, писателка, преведувачка, професор, новинар и есеист, живеела и творела во Париз, Брисел, Милано, Рим, Штутгарт, Барселона и Лисабон. Дипломирала италијанска филологија со компаративна книжевност во Скопје, а магистрирала книжевни и културлошки студии на Универзитетот во Бергамо, Перпињан и Лисабон, занимавајќи се со творештвото на Пјер Паоло Пазолини. Својата докторска теза по антропологија ја брани на истиот универзитет во Бергамо, на Сорбона Нова Париз 3 и на Универзитетот Карлс Еберхард во Тибинген. Предавала на Универзитетот на Југоисточна Европа „Макс Ван Дер Штул“. Моментално е професор на глобалниот американски универзитет „Шилер“ во Хајделберг и нерезидентен истражувач во Центарот за напредни студии на Југоисточна Европа во Риека.

Ги објавила поетските книги: „Сината соба“ (1999), „Кожа“ (2013), „Тој ме повлече со невидлив конец (2014), „Жива вода“ (2017), „Крстна коска“ (2019) и романот „Трамонтана“ (2021), како и бројни есеи во меѓународни списанија (меѓу кои Doppiozero и Nuova Prosa во Милано, Transmidia во Рио де Жанеиро), академски трудови и колумни. Нејзината книга „Кожа“ е објавена во Соединетите Американски Држави и во Италија, додека поетската книга „Крстна коска“ е објавена во Косово, во Хондурас (електронско издание) и во Италија кај издавачот Interno Poesia во 2020 година. Нејзината песна „Кукла на конци“ е објавена во двојазичната меѓународна антологија на шпански и англиски јазик против злоупотреба. на малолетници во рамки на фестивалот на поезија Scream International. Меѓу фестивалите на кои учествувала, се фестивалот во Меделин во Колумбија, Ars Poetica во Братислава, Poesiefestival во Берлин, Parole Spalancate во Џенова и Sha’ar фестивалот во Тел Авив, како и разни литературни читања во повеќе градови на Балканот. Нејзината поезија е преведена на повеќе од 15 светски јазици и објавена во неколку меѓународни антологии и списанија, вклучувајќи ги врвните книжевни ревии во Аргентина, Италија, Србија, Чиле, Мексико, Хрватска, Босна, Албанија, Косово, Грција, Бугарија. Израел, Словачка и Португалија. На меѓународниот поетски фестивал во Струга неколку пати е номинирана за националната поетска награда „Браќа Миладиновци“. Во 2020 ги добила наградите „Дон Луиџи де Лиегро“ за посебни заслуги за творештво на италијански јазик, “Гвида Едиторе“ за најдобра песна напишана на италијански јазик како и номинација за најдобар превод за автопреводот на нејзината поетска книга „Крстна коска“ објавена во класификацијата на Фондацијата Индискрето од Фиренца и за најдобар прв превод на книгата за деца „Пинокио“ од Министерството за надворешни работи на Италија во 2001. Нејзините поетски читања се перформативни рецитали со вокална, музичка и театарска интерпретација, танц и интеракција со публиката. Сарџоска настапила во Дуждовата палата во Џенова, во Арапско-еврејскиот театар „Јафа“ во Тел Авив, во Академијата за ликовни уметности во Берлин, во Галеријата за модерна уметност во Братислава, во Националната уметничка галерија во Скопје, во Националната библиотека на градот Софија, во Стариот градски културен центар во Белград како и во музејот Револтела во Трст. Се занимава со литературни преводи од италијански, португалски, шпански, француски и каталонски. Има преведено над 100 странски автори, меѓу кои Пазолини, Колоди, Кардучи, Табуки, Песоа, Сарамаго, Камоеш, Карнеиро, Коуто, Бојунга, Карваљо, Брага, Монтале и многу други. Го уредила преводот на антологијата на италијанските поети на херметизмот на македонски јазик. Соработувала со италијанската амбасада во Скопје организирајќи ја вечерта на италијанската поезија и вина „ Il vino è la poesia della terra “ како и со француската амбасада и со францускиот институт во Скопје во организирањето на поетската вечер Les rivages de l’exil. Заедно со академик Катица Ќулафкова ја уредила антологијата на македонска поезија објавена во Колумбија со наслов од нејзината истоимена песна „Картографија на огнот“.

Related Articles