М.Т.Ц. Кронин

/М.Т.Ц. Кронин
М.Т.Ц. Кронин 2018-08-21T17:17:54+00:00

Project Description

ПОЕЗИЈАТА НА МТЦ КРОНИН во печатот се појави во почетокот на 1993 година. Од тогаш има објавено стотици песни, голем број раскази и многу осврти и есеи во разни списанија, е-списанија, весници, антологии и ЦДа ширум светот. Нејзините дела се вклучени и во антологиите Лендбриџ: Современа австралиска поезија (1999), Каликс: 30 современи австралиски поети (2000), Нова музика: Современа австралиска поезија (2001), Кус фитил: Глобална антологија на новата фузиска поезија (Rattapallax, САД, 2003), Најдобрата австралиска поезија во 2003 (UQP), Најдобрите австралиски песни во 2003 (Black Inc.), Индиго книга на модерни австралиски сонети (2004), Најдобрите австралиски песни во 2004 (Black Inc.), Најдобра австралиска поезија во 2004, (UQP), 25 Австралиски поети (Квебек, 2005), Најдобра австралиска поезија во 2005, (UQP).
Била номинирана и е добитник на бројни поетски награди, меѓу кои и Поетска награда Гвен Харвуд и Меѓународната поетска награда Стенд. Учествувала на бројни книжевни фестивали и конференции.
Делата ѝ се преведени на мандарински, холандски, италијански, француски, босански, срспки, хрватски, шпански, руски, шведски, каталонски, германски. Во 2004 била номинирана за една од најпрестижните книжевни награди во Северна Америка, Пушкарт. Ова е прв превод на нејзината поезија на македонски јазик.
Објавила десет книги поезија (во Австралија, САД, Обединетото Кралство, Чиле): Зоитроп – гледаме како се движиме (1995, Австралија); светот зад ништожното (1998, Австралија); Сè свето (1998, САД); Невоспитани птици (1999, Австралија); Бестселер (2001, Австралија); Зборувајќи со прашањата на Неруда (2001, Австралија; во превод на шпански во Чиле, 2005); Грбот на мојот љубовник – 79 љубовни песни (2002); Камен за конфети и други песни (2003); прекрасни, незавршени ~ ЖИТИЕ/ПЕЕЊЕ/НАПЕВ/ПЕСНА (2003, ОК); <Повеќе или помалку отколку> 1-100 (поема во 100 пеења, 2004, ОК).
Во подготовка за објавување се уште осум книги поезија, од кои три во превод (во Италија, Шведска, САД и Австралија): Зборувајќи со прашањата на Неруда во италијански превод на Ханс Кицмулер, Зборувајќи со прашањата на Неруда во шведски превод на Ларс Палм… Двојазичната (македонски и англиски) Смешниот облик на копнежот во македонски превод на Игор Исаковски, ја објави Блесок во 2005.
Кронин е родена во 1963, во Мерива, Австралија. Дипломирала политички науки (1983), специјализирала право и книжевност (со највисоки почести, 1990) магистрирала книжевност (1995) и англиски (со највисоки почести, 1997). Во моментов работи на докторатот Катастрофата на значењето.
Нејзината поезија се изучува на многу факултети.
М.Т.Ц. Кронин живее со нејзиниот партнер музичар и трите мали ќерки во градот Малени во Квинсленд, Австралија.

Related Articles