Ана Јовковска

/Ана Јовковска
Ана Јовковска 2022-04-04T09:37:34+00:00

Project Description

Ана Јовковска (1982, Скопје) е научен истражувач, докторанд на културолошки студии, магистер по културолошки студии, дипломирана новинарка, колумнистка, писателка, ТВ-уредничка, специјалист за односи со јавност и тренер по комуникациски вештини.

Јовковска е авторка е на шест книги, преку 1 500 интервјуа, 250 текстови, колумни, критики, есеи и научни трудови, одржала повеќе од триесет обуки, модерирала, организирала и учествувала како говорничка на преку 200 дебати, конференции и трибини.

Во 2005 година ја добива наградата за најдобар студент на генерација на Интердисциплинарните студии по новинарство на Правниот факултет „Јустинијан Први” – Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, Скопје. Како магистрант по комуникации на „Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” учествува во разни истражувања од областа на комуникологијата, културолошките студии и креативните индустрии.

Во 2021 година магистрира на Културолошки студии на „Институт за македонска литература” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” со темата: „Критички промислувања на одредени аспекти на репрезентација на жената во популарната култура“ под менторство на проф. д-р Ана Мартиноска, при што се стекнува со научниот назив магистер по културолошки студии во книжевноста (Master of Cultural Studies in Literature).

Од 2021 година е докторанд на „Институт за македонска литература” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” на студиската програма Културолошки студии.

Во 2020 година добива трета награда за најуспешен домашен автор во Р.С. Македонија за книгата „Сакам, значи постојам“ (ТРИ, 2019) од Македонската асоцијација на издавачи.

 

Од 2021 година Јовковска е вработена како научен истражувач во Институтот за македонска литература во Скопје при УКИМ.

Почетоците на Јовковска како ТВ-лице се од 1994 година и низ дваесет и седум години (27) континуирана работа во различни медиуми направила преку 1 500 интервјуа, анализирајќи ги социо-културните феномени на денешнината.

Авторка, водителка и продуцентка е на дебатната емисија „Пулс“ што се емитуваше од 2007 година, низ која го промислуваше културно-политичкиот живот во македонското општество, артикулирајќи ги интелектуалните ставови на значајни творечки јавни личности. Со „Пулс“ Јовковска ги внесе културолошките, филозофски и политички теми во најгледаните (prime-time) термини на телевизија, за што неколку пати е наградувана за најдобар ТВ проект во Република Северна Македонија.

Авторка е на шест книги: „Пулсот и времето“ (Силсонс/Матица македонска, 2015), „Ехо на слободата“ (ТРИ, 2018), „Сакам, значи постојам“ (ТРИ, 2019), илустрираната книга за деца „До небото и назад“ (Едиција Светулка, 2021), „Емотивен талог“ (ТРИ, 2022) и „Жената во популарната култура“ (ТРИ, во печат).

 

Во 2019 година била ангажирана како уредник-гостин и колумнистка на Европската платформа за уметност и поезија „Версополис“.

Од 2020 година е надворешен соработник на порталите: „Женски магазин“, „Хибрид.мк“ и „Приказни.мк“ како новинарка, колумнистка и книжевна критичарка.

Во 2019 и 2020 година работи како едукаторка по комуникациски вештини и јавно говорење во BRAINSTER – Академија за дигитален маркетинг“.

Јовковска има професионално искуство од десет (10) години како надворешен соработник и консултант на бројни проекти и кампањи во организација на Агенциите на Обединетите нации во Скопје – Тело за родова еднаквост – UN Women, Програма за развој на Обединетите нации – УНДП, Канцеларијата за деца – УНИЦЕФ, Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации – УНХЦР, како и Делегација на Европската Унија во Скопје, Амбасадата на Обединетото кралство, Францускиот институт во Скопје, СОС Детско село и многу други.

Од 2015 до 2020 година работи за списанието за култура „Портрет“.

Спроведува обуки и едукативни тренинзи за комуникациски и презентациски вештини, јавно говорење, родова еднаквост, медиумска писменост, личен и професионален развој. Развива и пишува концепти и сценарија. Работи како лице за односи со јавноста и промоција.

Во 2013 година со група од десет ентузијаст(к)и го основа првиот Автономен културно-социјален центар во Скопје – АКСЦ, како слободна зона за независна уметност, култура, дебата и младински активизам.

 

Related Articles