Project Description
Јанчевски е роден на 29 јануари 1928 година во Куманово во скромно семејство како трето дете. Неговиот татко Коста имал сопствена пекарница (во приземјето на семејната куќа) во која правел вкусни и убаво украсени печива, сомуни и леб, а мајка му Павлина била домаќинка. Од најраното детство малиот Трајче го развива чувството за моделирање. Тие почетоци ќе се случат во пекарницата, каде што заедно со својот брат и сестрите ќе го учи татковиот занает. Во родниот град го завршува основното образование, а средно уметничко училиште го завршил во Скопје 1949 година кај професорите Никола Мартиноски и Лазар Личеноски. Академија за применета уметност завршил во 1954 година во Белград. Таму, поради забележаниот исклучителен талент му било дозволено паралелно да заврши и сценографија. Од 1955 до 1957 година работел како професор по ликовно образование во Куманово. Во периодот 1964-1965 бил на специјализација во Париз. Од 1957 до 1988 г. работел како сценограф во Драмскиот театар во Скопје, а извесен период и како вонреден професор на Педагошката академија.