Project Description
поет, романсиер, раскажувач, драмски автор. Роден е во 1934 година во с. Слоештица, Демир Хисар. Основно образование завршил во родното село, гимназија во Битола, а студирал на Филозофскиот (сега Филолошки) факултет во Скопје. Работел во Македонската телевизија. Бил уредник на списанието „Разгледи“. Член на Македонската академија на науките и уметностите. Член на Македонскиот ПЕН центар. Член на Друштвото на писателите на Македонија од 1964 година. Бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија.
Пишува поезија, раскази, романи, драми и филмски сценарија. Ги објавил книгите поезија: Јазли (1960), И на небо и на земја (1962), Дениција (1968), Дални наковални (1971), Пофалби и поплаки (1975), Вечна куќа (1987) и Лакримариј (1999), книгите раскази: Седмиот ден (1964), Неверни години (1974) и Сите лица на смртта (1994), романите: Пиреј (1980), Скакулци (1983), Небеска Тимјановна (1988), Последните селани (1987), и Тунел (2002), книгата Драми (1984), во која влегуваат Време за пеење и Богунемили. Тој има објавено и две збирки стихови за деца под наслов Шарам барам и Касни порасни. Од неговиот книжевен опус досега му се печатени повеќе избори, а во 1984 година му беа објавени избрани дела во пет томови. Застапуван е во сите антологии на македонската поезија објавени кај нас и во светот. Негови дела во посебни книги се презентирани на повеќе јазици надвор од Македонија.
Добитник е на наградите: „11 Октомври“, „Браќа Миладиновци“ (два пати) „Рациново признание“ и „Стале Попов“ (два пати).
Почина во Скопје, во септември 2006 година.