Project Description
Игор Исаковски (1970 – 2014), поет, прозаист, уредник, преведувач. Дипломирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност во Скопје, магистрирал на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта (Родови и културолошки студии). Основач на Културна установа Блесок. (www.blesok.mk), каде што работеше како главен и одговорен уредник од 1998 година до неговата смрт.
Објавени книги: Писма (роман, 1991), Црно сонце (поезија, 1992), Експлозии, трудна месечина, ерупции… (раскази, 1993), Вулкан – Земја – (поезија, 1995), – Небо (поезија, 1996, 2000), Гравири – Blues говорница (многу куси текстови, 2001), Песочен часовник (раскази, 2002), Длабоко во дупката (поезија, 2004), Пливање во прашина (роман, 2005, награда Прозни мајстори, 2005), Blues говорница II (2006, Годишна награда за најдобро графичко решение на печатена книга, 2006), Стажирајќи за светец (поезија, 2008), Ноќта е најтемна пред разденување (поезија, 2009, Награда на Белградски фестивал на поезија и книга, 2010), Вулкан – Земја – Небо (поезија, 2010), Љубовна (поезија, 2011), Смртта има коса од морска трева (поезија, 2013), Дека да поезија, 2015).
Избори и преводи на други јазици: – Sky (– Небо, поезија на англиски, 1996, 2000), Sejanje smeha (Сеење на смеата, избрана поезија на српски и македонски, 2003), I & Tom Waits (Јас и Том Вејтс, избрана поезија на македонски и англиски, 2003), Sandglass (Песочен часовник, раскази на англиски, 2003), I to je život (И тоа е живот, нова и избрана поезија на хрватски, објавена во Црна Гора, 2007), Iz bliskov in ognja (Од болскоти и оган, нова и избрана поезија на словенечки, 2011), Pjesčani sat (Песочен часовник, раскази на хрватски, 2012), Madam Hyde, Mister Hyde (нова и избрана поезија на холандски, 2012), Dlanovi puni srče / Дланки полни срча (нова и избрана поезија на српски и македонски, 2013), Светлината ве чека на рецепција / The Light Awaits You at Reception (нова и избрана поезија на англиски и македонски, 2013).
Исаковски уредил четири антологии; најновата е Шест македонски поети / Six Macedonian poets, (објавена од ARC Publications, Велика Британија, 2011), како и два CD-ROM-а.
Преведуваше поезија, проза и есеи, од (и на) македонски, англиски, српско-хрватски-босански-црногорски, и од словенечки на македонски. Во негов превод на македонски, објавени се 60 книги.
Поезијата и прозата му се преведени и објавени на шеснаесет јазици во дваесетина земји. Застапен е во голем број избори и антологии во Македонија и во странство.