Project Description

Амброуз Бирс (1842-околу 1914) е американски писател и раскажувач, сатиричар и новинар. Неговите современици го сметале за мајстор на чистиот англиски јазик, и, навистина, тој е виртуоз со јазикот – неговиот стил е секогаш економичен, но и поетски, сите описи му се детални до оној степен што е потребен за приказната и нема непотребни елементи надвор од неопходното. Најмногу е познат по својата збирка раскази Приказни за војници и цивили (приказните за војници се занимаваат со епизоди од Американската граѓанска војна во која и самиот учествувал), како и Ѓаволскиот речник, книга што се состои од сатирични дефиниции на избрани англиски зборови. Бирс е препознатлив по фантастичните и страшните елементи во своите раскази, така што често се поврзува со традицијата на хорор-литературата, иако ова не е сосема издржано: тој ги опишува, не толку со фантастични елементи, туку реалистично страшните настани на кои бил сведок. Неговиот песимизам, цинизам и нихилизам се најзабележителните карактеристики во неговите дела. Во 1913 година, Бирс отпатувал во Мексико за да се запознае одблизу со Мексиканската револуција. Додека патувал со бунтовничките трупи, исчезнал без трага.