ДВЕ АВАНТУРИСТИЧКИ ПРИКАЗНИ ЗА ВРАЌАЊЕТО НА УКРАДЕНИТЕ ДЕЦА

/, Литература, Блесок бр. 118/ДВЕ АВАНТУРИСТИЧКИ ПРИКАЗНИ ЗА ВРАЌАЊЕТО НА УКРАДЕНИТЕ ДЕЦА

ДВЕ АВАНТУРИСТИЧКИ ПРИКАЗНИ ЗА ВРАЌАЊЕТО НА УКРАДЕНИТЕ ДЕЦА

ДОРА


Од каде доаѓаш? Од Вавилон.
Каде одиш? Во окото на циклонот.

Никос Кавадиас

Со Дора поминав чуден, густ и напнат период, но да почнам од почеток, од оној петок наутро на десетти мај. Цела ноќ, како ни претходните, не можев да спијам. Престанав да ги земам апчињата за спиење зашто не ми носеа олеснување, туку само поголем тап замор, па ми се чинеше поприродно да не спијам туку да пливам низ кошмари. Во четвртокот вечер ме фати треперење, ужасен внатрешен студ. Лежев во када полна со врела вода а забите ми ѕвекотат. Во петокот станав да сварам кафе, гледам дека и тато е буден. На масата е раширена географската карта на Европа. И сфаќам дека тато сфатил дека веќе не можам, дека сум на крај од својата физичка моќ, оттука и на секоја друга. И му велам: „Тато, јас одам пред школо по детето, ти најди автомобил како знаеш и умееш“. Тогаш тато малку се вознемири, го подбутна тетка Нола потсетувајќи го на соседот таксист кој и така се буди рано во зората. Потоа земам некаква торба, ги пакувам во неа само документите и некои свои талисмани. Во тој момент дури не знаев точно ни кое дете тој ден ми оди на школо претпладне, а кое попладне, така што не можам никогаш да ги земам двете од школо. А кога не се во школо, не ни даваат да се гледаме. Сите три во страв. Со денови, недели, месеци. Не, не, не, нема за тоа да зборувам. Тоа утро Нина да одеше во школо наутро, јас би ја зела нејзе. Беше тоа оној невозможен лом, да го поведеш само едното дете и да си кажеш себе си само така, една по една, ќе ги вратам дома. Сега, наназад, жал ми е што Нина не беше во утринска смена. Дора самиот ќе ја вратеше за неполни два дена, таква е таа, мојата храбрица безобразница. Но не беше така.

Му ја давам на тато торбата со пасошите и му кажувам да обезбеди превоз и да ме чека во осум и пол пред Фонтаната. И тргнувам, но во последен момент се враќам, го отворам шкафот каде со години седат мајчините работи кои не ги раздадовме, кои не знам зошто ги чувавме. Таму, стара кафеава женска чанта. Старомодна. Ја земам како хипнотизирана. Потоа го земам клучот и го отворам фамилијарниот сеф од кој го земам прстенот на мама со три црвени рубини, го ставам на прст и дури тогаш тргам. Тато и Нола ме гледаат без зборови. Нола ме бацува на врата и ми посакува сè најдобро. И одам. На автобуската станица сфаќам дека во паричникот немам пари, но решавам да не се враќам зашто имам карта за повеќе возења. Пред школото стигнувам еден саат порано. Во Земун тишина, убаво летно утро, градот полека се разбудува. Седнувам на клупата пред ресторанот наспроти Здравствен дом и чекам. Времето тече невозможно бавно. Најпосле пристигнуваат првите ученици-ранобудци, а потоа полека и цела река на деца, само мојата Дора ја нема. Ќе се појави последна, во минута до осум. Стојам кај дрвото во паркот зад школото. Она вика Мама! И се радува. Ја раширувам дланката во која ми лежи она оловно морско коњче, нашиот таен договорен знак дека тргнуваме кога ќе ѝ го покажам. Се тресам од страв и којзнае од што друго. Мојот страв преоѓа и на неа, ја земам за рака и во тишина, додека нејзе ѝ ѕвекотат забите, гласно го повторува повторно и повторно Оченаш, кој и не знам дали го знам. Наместо да одиме до најблиската автобуска станица, ние двете, потполно одземени од страв, правиме некоја неверојатна маршрута низ земунскиот парк, покрај црквата и гимназијата, па по некои улици назад до таа иста станица од која бевме оддалечени не повеќе од дваесет метри. Влегуваме во автобус, излегуваме од станицата после Меркатор, еве нè пред Фонтаната.

ПреводКалина Б. Исаковска
ПреводЕлизабета Баковска
2018-10-30T09:48:15+00:00 март 27th, 2018|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 118|