Зошто се гради поетска слика или за опредметувањето на песните Црвената количка од Вилијам Карлос Вилијамс и Анегдота за теглата од Валас Стивенс

/, Литература, Блесок бр. 116/Зошто се гради поетска слика или за опредметувањето на песните Црвената количка од Вилијам Карлос Вилијамс и Анегдота за теглата од Валас Стивенс

Зошто се гради поетска слика или за опредметувањето на песните Црвената количка од Вилијам Карлос Вилијамс и Анегдота за теглата од Валас Стивенс

Зошто се гради поетска слика или за опредметувањето на песните Црвената количка од Вилијам Карлос Вилијамс и Анегдота за теглата од Валас Стивенс


Една од најпознатите песни на Вилијамс е кусата Црвената количка („The Red Wheelbarrow“) каде преку начинот на градење на поетската слика, поетот сака да го насочи читателскиот поглед кон начинот на кој сетилно перципираме. Не дозволувајќи му на умот да создава свои, ментални слики, Вилијамс го тера да се задржи на проблемот на видот и како тој ја создава стварноста преку она што го дозволува и преку она што го отфрла како последица на сопствената биолошка рамка.

Питер Квартермејн во есејот Читајќи го тешкото („Reading The Difficult“)1F се обидува преку неразбирањето и погрешните читања со кои се соочила оваа песна при првото појавување во јавноста, и тоа пред сè од страна на главните теоретичари на Новата критика како Клент Брукс, да проговори токму за обратното − за ефектот на новото, на непрепознатливото, на абнормалното како што го нарекува Валас Стивенс (1951: 154), кое не ја користи имагинацијата на перцепиентот за сетилно да го анестезира, туку за да го натера поживо да ја доживува реалноста, а не уметноста. Според Квартермејн самиот чин или „поетски настан“ бара критички да ја согледаме сопствената, не само сетилна, туку и читателска, односно текстуална перцепција на нештата. Вилијамс е непоколеблив во држењето на читателскиот фокус на проблемот на визуелната свест, односно како таа се создава. Тука би се повикале на Стивенс кој вели дека имагинацијата го наоѓа сè уште непрепознаеното, од страна на разумот, нормално во абнормалното. Моментот кога нешто влегува во разумот, во јазикот, а со тоа и во нашата свест, е моментот кога имаме име за тоа. Во истиот момент нештото станува познато, нормално, препознатливо или „re-cognized“, како повторно да е видено, односно како веќе да е видено, а со тоа и одново сфатено или восприемено (1951: 153-154). Следствено, она што Вилијамс се обидува да го постигне е ренормализирање на нормалното откако само миг претходно го очудил, со што создава ефект на доживување на нешто ново.

Спротивно на ваквите размислувања, Брукс во 1964 година, поблизок во своето восприемање на Црвената количка до Лесинг2F од 1766, ќе остане сосема некомуникативен кон Вилијамсовиот поетски артефакт чиј јазик е „подоста неподвижен. Ги гледам белите кокошки и росата што ѝ дава сјај на црвената боја, но морам да ја прифатам на невидено авторовата изјава дека, толку многу зависиʻ од оваа сцена“.3F Причината поради која Брукс смета дека јазикот на Вилијамс е неподвижен е истата причина поради која Вилијамс бил критикуван за време на речиси целата своја поетска кариера. Неговиот израз е чист и едноставен, па така она што „толку многу зависи“ (1)4F е она што го гледаме во песната на прво читање. Она што зависи, зависи „врз/од/преку“ предметот, односно сцената насликана во песната. Сето подлабоко значење на песната е веќе распослано на/врз површината. Перцепцијата за предметот е самиот предмет. Поетските дејствија се предметите кои се истовремено самостојни тела и составни делови на црвената количка како материјален објект и на Црвената количка како песна објект.5F

АвторАлександра Јурукоска
2018-10-30T11:17:36+00:00 октомври 21st, 2017|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 116|