Роман што донесе одлични сексуални сцени во книжевноста

/, Литература, Блесок бр. 108-109/Роман што донесе одлични сексуални сцени во книжевноста

Роман што донесе одлични сексуални сцени во книжевноста

Роман што донесе одлични сексуални сцени во книжевноста


Превод: Калина Малеска

Овој убав роман на Д. Х. Лоренс приватно се печатеше во Фиренца, тешко се наоѓа и скап е да се купи. Штета што е така зашто ова е веројатно една од најдобрите книги на Лоренс. Што се однесува до еротските и неконвенционалните аспекти на Љубовникот на Леди Четерли, заради кои е невозможно книгата да се продава, освен „под тезга“, за нив ќе кажам нешто малку подолу. Но, Љубовникот на Леди Четерли е многу повеќе од приказна за една љубовна врска: тоа е алегорија за повоена Англија.

Леди Четерли е ќерка на Р. А., привлечна и паметна девојка, која е омажена за англиски земјопоседник од јагленокопите во централна Англија. Сер Клифорд останува инвалид во војната и се враќа на семејниот имот, среде распадот и невработеноста во индустриските гратчиња. Најпрво се преокупира со книжевност, се меша со лондонските припадници на книжевни кругови и објавува раскази, „остроумни, малку саркастични, а сепак, на некој мистериозен начин, бесмислени“; подоцна, со срце и душа се посветува на обидот да ги реактивира јагленокопите со употреба на модерни методи: „штом почнеш некое истражување во полето на ископување јаглен, ги проучиш методите и средствата, ги проучиш пропратните производи и хемиските можности на јагленот, длабоко ќе се изненадиш од ингениозноста и речиси необјаснивата интелигенција на модерниот технички ум, небаре самиот ѓавол им дал ѓаволски добар ум на техничките научници. Оваа техничка наука е многу поинтересна од уметноста, од литературата, од кутрите емотивни полуразумни нешта.“
Но Сер Клифорд, како последица на неговата делумна парализа, се наоѓа во истата несреќна ситуација како и јунакот од Сонцето одново се раѓа; а во меѓувреме, Леди Четерли започнува љубовна врска со ловочуварот – кој и самиот е дете на работници во јагленокопите, но е образован човек, кој се искачил до скалилото на поручник за време на војната, а потоа, поради губење на илузиите и инертност, спаднал на својот поранешен статус. Бидејќи Сер Клифорд самиот не е способен да има дете, меѓу него и неговата сопруга има разбирање дека тој ќе го прифати нејзино вонбрачно дете како свој наследник. Но Кони најпосле стигнува до точка кога чувствува дека веќе не може да го поднесе Сер Клифорд, со неговиот инвалидитет, неговата стерилна интелигенција и неговата тврдоглава класна свест: таа се вљубува во ловочуварот; и кога најпосле дознава дека ќе има дете, таа го остава својот сопруг и бара развод. На крајот останува отворена можноста госпоѓата и ловочуварот да отидат заедно во Канада.

Но, третманот на оваа тема од страна на Лоренс не е без мелодрама. Тој не се ослободил целосно од својата лоша навика да ги критикува и да им се потсмева на ликовите кои не му се допаѓаат. На пример, кутриот Сер Клифорд, без оглед колку станал непријатен, сепак бил човек во многу несреќна ситуација, за која не е виновен. А од друга страна, Мелорс, ловочуварот, има свои моменти на романтично разочарување. Сепак, ликовите имаат одредено херојско достоинство, одредена симболична важност, што им овозможува да ги надминато овие недостатоци. Темата на Лоренс е возвишена: самодокажувањето и триумфот на животот во канџите на сите овие деструктивни и стерилизирачки сили – индустријализмот, физичкото ослабнување, декаденцијата, кариеризмот и цинизмот – на модерна Англија; општо земено, убаво ги опишал. Драмата што ја отпочнал, врз позадината на јагленокопите и англиските шуми, содржи и цврста реалност и поетски шарм. Ова е најинспиративната книга што излегла од Англија по подолго време; и – и покрај повремената повторливост на Лоренс и понекогаш претерано избрзан тон – една од најдобрите. Д. Х. Лоренс е неуништлив: цензуриран, протеран, презрен, сè уште во себе има повеќе живот отколку речиси кој било друг. А оваа книга што е објавена во најнеповолни услови и која сигурно ја напишал потполно свесен за нејзината судбина – која, всушност, може да се каже дека одвај да ја видела светлината на денот – е една од неговите најенергични и најбрилијантни.

Лоренс во оваа книга го усвоил методот целосно да ги отфрли нашите англо-саксонски книжевни конвенции и, во своите описи на сексуалното искуство, да ги нарече работите со вистинското име. Ефектот од ова, сè на сè, е среќен. Нема да речам дека неограничената слобода на оваа тема што Лоренс овде за првпат ја ужива не му пречи во пишувањето: поетската искреност на ловочуварот не ги спасува секогаш неговите љубовни рапсодии на едноставен јазик да не звучат смешно во погрешно време; а на еден читател може да му биде тешко да го сподели авторовото воодушевување за сцената во која љубовниците се украсуваат еден со друг со цветчиња на места каде што ретко се носат цветови. Но, од друга страна, голема предност е тоа што успеал, занимавајќи се со овие работи, да пишува без симболи и заобиколувања; тоа го ослободува од апокалиптичната помпезност од која пречесто е зависен кога опишува љубовни сцени – со што овие сцени овде се препознатливо човечки. Всушност, верувам дека во Љубовникот на Леди Четерли, Лоренс ги има напишано најдобрите описи на сексуално искуство што се напишани на англиски јазик. Секако не е вистина, како што некогаш се тврди, дека за еротските нагони не може или не треба да се пишува. Д. Х. Лоренс покажа овде колку тие се интересни и разновидни и колку се важни за сфаќањето на секоја емотивна состојба во која се вклучени.

АвторЕдмунд Вилсон
2018-12-14T08:45:44+00:00 август 19th, 2016|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 108-109|