Insomnia

Insomnia

Расплетување на генеалошките јазли

Многу необичен потфат,
Многу необична книга. Но, кој е авторот?
Димитрие Дурацовски „Insomnia“

„Insomnia“ најпрвин нè соочува со својот несекојдневен формат (22 см х 22 см), но и воопшто со своето специфично типографско и графичко решение. Ваквиот паратекстуалниот импулс уште на почетокот навестува влез во свет без јасно омеѓени граници и без стабилна подлога воопшто. Затоа „Insomnia“ е нешто помеѓу – во жанровска смисла пред сè . Но помеѓу што навистина е „Insomnia“?

Пишувана за време на темпорално неодредена несоница, започната на 15 февруари 1999 година и завршена на 15 февруари 2000 година, книгата е годишен колаж од импресии, соништа, дописки, електронски пораки, стрипови, скици, „напластени баналности и ефемерности и тривијалности, куп испишана хартија, талог на минати денови, страници на залудни сеќавања…“ (Insomnia, 2001). „Insomnia“ е верна слика на душевната состојба на авторот, поглед фрлен врз себе си, врз светот, врз домот и огништето.

Но, тоа не се мемоари – авторот е во средиштето на самото писмо, а не повлечен на маргините со цел објективно да си го рекапитулира животот.

„Insomnia“ е годишен пресек прекус за да биде автобиографија.

„Insomnia“ е токму онаков дневник каков што цитираниот Бланшо во самата книга го опишува: „…далеку од сите оние романтични задоволства. Дневникот не е суштинска исповед, приказна за самиот себе. Тоа е Меморијал… вистинитоста на Дневникот не е во интересните литературни забелешки кои се наоѓаат во него, туку во безначајните подробности кои го врзуваат за секојдневната стварност. Дневникот – таа, очигледно, сосема осамена книга – најчесто е пишуван од страв и мачнина од осаменост…“ (Insomnia, 2001).

Автобиографијата, или во случајов автобиографски инспирираниот дневник на Дурацовски, е типично референцијално писмо, a замаглувањето на границата помеѓу фиктивното и реалното, во случај на автобиографија, е типичен пример за автофикционалност, а токму тоа е една од главните карактеристики на ова дело. Фикционализацијата на дневнички дискурс е она што „Insomnia“ можеби ја прави роман. Двојниот модалитет: рефернецијалниот и фиционалниот се преплетуваат во делото, верификувајќи го авторот и како наратор и како лик. Затоа „Insomnia“ еден вид одметничка биографија, со трансгресивна моќ која го надлетува жанрот. Таа е прекршок и дејствување против правилата на жанрот, таа го субверзира романот и го изневерува дневникот, но и читателот кој сака да однапред да знае каде чекори, без прекршувања, без недоследности, без инфракции.

„Insomnia“ се измолкнува од немиметичките спреги на дневникот, од неговиот нефикционален свет и ненаметливо, но сосема изненадено, ја ангажира фикцијата, притоа бришејќи ја границата помеѓу реалното и фиктивното. „Insomnia“ ескапира од својот дневнички дискурс кон фиктивните светови на магичниот реализам и фантастиката. Читателот кај Дурацовски се лула од реалност во сон, од пустината и мирот во Струга кон некакви приказни за Анубис и ковчегот на животот на чие минијатурно дно се бранува мало бродче, од пладневното кафе и секојдневните баналности кон летни халуцинации во детството и кон онаа река на Хераклит во која не може да се стапне два пати зошто никогаш не е истата. Дурацовски се прераскажал себе си, тој ја транспонирал формата на она што се нарекува дневник и вешто си поиграл со сеќавањето, со фалсификуваната меморија преку која конструира непостоечки настани врз основа на оние постоечките. Во „Insomnia“ сеќавањето не зависи само од реалниот настан, а (авто)фикцијата – сомнителната вистина, го продолжува кажувањето за животот, практично го проширува видокругот, ја менува перцепцијата:

„…Но најдобар термин е фикција. Укажува, од една страна, на тоа дека една нова структура – веројатна или неверојатна – ја додадовме кон оние кои постојат. Од друга страна, укажува дека не настојуваме да го следиме она стварното. Најпосле, укажува на тоа дека ја преведуваме субјективната стварност. Книжевноста, практичната лага, е психолошка вистина. Сега ја дефиниравме книжевноста: сомнителна вистина“ (Insomnia, 2001).
Дурацовски е сомнителен. Во неговиот „дневник“ вистински можеме да поверуваме само во поглед на цитираните колумни и записите од дневните весници.

„Insomnia“ е дури и дневник кој покрај основниот дневнички дискурс во себе имплементира два поджанрови на самиот вид:
• арт-дневник (книгата изобилува со скици на сликарот Дурацовски, портрети, идеи, белешки и слично) и
• автофикционален дневник

Причинско-последична фабула и развој на ликовите ја „спречуваат“ „Insomnia“да биде роман, но тоа не значи дека романот сепак не може да ја вдоми.

„Insomnia“ е евокацијата на туѓи текстови и дијалогот кој авторот го води со уметноста воопшто. Insomnia е интертекстуална и интермедијална роман плетка од дневни весници, поимници, енциклопедии, дневнички записи, раскази, сништа, замаглени сеќавања, коментари, фотографии, цртежи, скици и стрипови.

Типолошки гледано „Insomnia“ изобилува со повеќе видови интертекстуалност. Дурацовски во својот автофикционален дневник вметнал амалгам од разни книжевни и некнижевни текстови, дијалошки се поставил кон светот на книжевноста, филмот, општествените неприлики, науката. „Insomnia“ е колективно место на меморија, книга полна цитати, алузии, совпаѓања, мистификации, симулации. Писмо кое зазема позиција и кои се однесува кон интертекстот со естетизам и критицизам, а не со обично епигонство. Делото на Дурацовски во голема мера е реконструкција, повикување на веќе напишаното со цел да се раскаже подобро сопствената приказна, да се исцртаат попрецизно контурите на сопствениот живот, на сопственото дело.

„Insomnia“ е свет во кој избришаните граници дополнително се завеани од позајмениот џојсијански снег кој постојано паѓа од вселената – како интертекстуален лајтмотивот – во сеќавањето, мртвите можат да бидат поживи од живите – во реалноста, живите можат да бидат помртви од мртвите, затворени во своите умствени ковчези.

„И навистина, како кај Џојс, весниците денес беа во право. Снег паѓа непрекинато неколку дена. Два по полноќ е, гледам низ прозорецот како снегот паѓа, на Езерото, на бреговите и на трските, паѓа по полето кон север за да биде како кај него бидејќи навистина е, гледам надвор на запад, а тоа е толку блиску, можеби стотина чекори, кон старите напуштени гробишта, каде што лежи мојот татко, мртов 37 години – а снегот паѓа бавно и упорно, покривајќи ги со своето бело, меко студенило, гробовите“ (Insomnia, 2001).

„Insomnia“ е заснежен, замрзнат свет. Копнеж по сонуваната Хипербореја, онаа земја каде го упатуваме погледот за да ја дознаеме вистината, земја на сите детства, на златните времиња. „Insomnia“ е зафатена од студенилото на северот, од невдоменоста на авторот, од апатијата пред прагот на новиот милениум, но ќе се погреши ако се каже дека во неа нема топлина, блага нишка на носталгија, една друга половина со која делото станува целост. Другата хемисфера на „Insomnia“ е онаа поврзана со детството, со невиноста на едно изминато време кое никогаш нема да се врати, адолесцентски лудости, но и со фатални загуби: онаа на таткото и онаа на драгиот пријател Алекс. Таткото на Дурацовски, починат кога тој имал само десет години може да се насети насекаде низ дневничкиот дискурс на книгата. Тој живее во книгата, од самиот почеток до самиот крај, како реконструкција повторно оживеана во меморијата на авторот преку интертекстот:

„Тоа трагање по таткото, тоа прашање за сопствениот идентитет и потекло, се преобразува во борба со смртта, со оттргнување на таткото од смртта – во пишувањето за изгубениот татко. Таткото е реконструиран и повторно пронајден во литературата. Пишувањето е горчлива потреба на бесмртноста, илузија во која исчезнатите можат да се пронајдат…“ (Insomnia, 2001).
„Insomnia“ е вертикална поставена со неколку книжевни текстови и други медиуми: сликарство, стрип, филм, музика… Интертекстот во „Insomnia“ е темел, книжевна граѓа која ги соединува, ги гради, реконструира субјективните и интерсубјективните судбини на сите ликови кои минуваат помеѓу кориците на книгата. Таа претставува мост, ангажирана сила која помага да се наслика домот, состојбата, овозможува провинцијата да се спротивстави на светот. Во „Insomnia“ секој кажува по нешто значајно, нешто што авторот мудро и досетливо успева да го впрегне во сопствената приказна. Џојс, Арто, Хуго, Бирс, Ходоровски, Чендлер, Лавкрафт, Ман Реј, Бретон, Дишан, Велс, Вијан, Керол, Толкин, Пинчот, Пастернак, Топор, Рембо, Ворхол, Бојс, По, Борхес, Бруно, Витолд.

Но, покрај ваквиот книжевен слој во „Insomnia“, постои е еден друг помалку книжевен, понекогаш интертекстуален, а поврзан со општествената стварност и кризата на времето. Социјално-политичката димензија во „Insomnia“ е директна последица на кризата на државата и војната на Косово. Дурацовски е внимателен читач и критичар на дневните вести, особено на колумните. „Докторе, живееме во апокалиптични времиња“ му вели Дурацовски на својот доктор пријател помислувајќи на своите пријатели од соседството на кои кучињата на војната им дишат во тиловите.

“Се наоѓаме среде хаос, го губиме градот, државата, себеси и веќе ништо не знаеме. Струга повеќе не живее овде и ако ја има, таа е некаде во некој агол, стеснета, напикана, уплашена, хибернирана, умртвена, мртва” (Insomnia, 2001).
Хорор на Блаце. Ужасни сцени со бегалци, границата на државата во хаос. Безброј колумни. Дожд. Депресија. Мрак. Суровоста на реалноста. Insomnia.

„Insomnia“ е роман на отуѓување и криза. Книгата се однесува баш како душата на Дурацовски низ зборовите на Нивес Куртовиќ: таа лебди, скита, нема постојан дом… Неа не можеме да ѝ го најдеме местото. Таа е борба со сопствениот идентитет, со сопственото потекло, со својот личен избор. „Невдоменоста е основниот „поетолошки“ проблем во Insomnia“ вели Елизабета Шелева. Состојба на несоница, онаа состојба во која ништо не е реално, сè е далечно – копија на копијата каде оригиналот вешто се измолкнува, се чини како да се вселила во делото на Дурацовски, го децентризирало дискурсот, ја растурила книгата преку границите. Интересно е но се чини дека номадскиот немир на Дурацовски и неговата невдоменост придонесуваат и за жанровската невдоменост на самата книга.

„Таа несоница, можеби, дури и го оправдува децентрираниот строеж на текстот: дисперзивната структура на нарацијата, дисперзираноста на наративниот субјект, дисперзираноста на интертекстот низ севкупното текстовно ткиво. Со други зборови, физиолошката состојба на несоница, семиотички се пренасочила во структуралната несоница (неприпадност, недистинктивност, невдоменост) и на самиот наративен текст“ (Шелева, 2003).
За крај на овие белешки би забележал дека „Insomnia“ е хибрид, преминување преку границите, кршење на правилата, анти-пакт, одметнички арт-дневик, писмо кое некогаш е верно, а некогаш лажливо – таа е постмодерен автофикционален дневник.

Библиографија

1. Дурацовски, Димитрие: Insomnia. Скопје: Магор, 2001
2. Шелева, Елизабета. Отворено писмо. Скопје: Магор, 2003

АвторНенад Јолдески
2018-08-21T17:20:38+00:00 јануари 17th, 2016|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 105|