Иднината на минатото

/, Галерија, Блесок бр. 98/Иднината на минатото

Иднината на минатото

#1 Цветанка Јованова е автор – графичар и сликар која зад себе има солиден уметнички опус. Оваа изложба претставува заокружување на еден творечки период од околу тринаесет години посветен на старата македонска архитектура.
#2 Средишен мотив во нејзините дела е старата македонска куќа со своите карактеристични елементи: прозорци, порти, чардаци. Во циклусот Јованова избира по една куќа од неколку градови во Македонија (Охрид, Крушево, Ново село – Струмичко, Кратово, Дебар, Куманово, Велес и Штип) и притоа од нив создава композиции од лично доживување, со авторски отпечаток и со уметнички пристап доследен на едно ново транспонирање на мотивот во порака. Тие се обликувани на еден особено експресивен сликарски начин, така што, едновремено, ни ги претставуваат и специфичностите на старата македонска архитектура во целина. Куќите се збиени, раштркани, тесни и/или високи, сѐ во зависност од тоа на кој дел од Македонија припаѓаат, создавајќи притоа амбиенти на нешто минато, но, овој пат, преку динамичните композиции, тие говорат за нивното денешно присуство, инспиративни можности и поблагороден пристап.
#3 Зошто токму темата куќа? Куќата речиси секогаш се врзува за сеќавањата на детството, на младоста, на спокојството во домот, но и стравот, преку нејзиното уништување, напуштање, заборавање да не биде заборавено и минатото. Со чинот на сликањето на старите трошни куќи, Јованова се залага за нивно зачувување. Преку својата слика го дава личниот придонес во рамките на меморирањето на она што било наша историја.
#4 Поставката ја сочинуваат три сегмента. Првиот се состои од осум платна работени во маслена техника. Изборот на голем формат (160х240 см.) ѝ овозможува на Јованова да се чувствува слободна во изразувањето. Белата површина на платното ја „напаѓа“ со боја исликувајќи ги меморираните предели кои сака да ги забележи на него. Со шпатулата како главна алатка ги нанесува сигурните, силни и веќе однапред осмислени потези. Боите на нејзините платна оддаваат една поврзаност со колоритноста на сликаните предели. Колоритот се движи од силна жолта, портокалова и црвена па сѐ до сина. Работејќи едновремено на по неколку платна, во преден план се поставени куќите и со нив компонираните замислени населби, додека, пак, со премините на бојата во задниот план и делумното преминување на одделни композициски елементи се постигнува поврзување на приказите во сликите во една долгa хоризонталнa низa. Иако сликите функционираат секоја засебно, сепак тие ја постигнуваат својата вистинска смисла во нивното фризно поврзување, нивното претопување, во преминот од една во друга. #8 Како дополнителен врзувачки елемент Јованова употребува и динамично извлечени куси потези, своевидни впишувања, нанесени врз речиси целата површина на композицијата. Но тие ги нема преку основниот мотив – куќите, со што се добива нивно соодветно нагласување.
#5 Вториот сегмент на поставката се графики во сито печат во кои е обработена истата тема. Изработувањето на делата во две различни техники претставуваат потреба на Јованова да ја претстави нивната колку поврзаност, толку и различност. Како графичар, кој едновремено успешно ја владее и сликарската техника, во графиката ги пронаоѓа сликарските елементи, а во ликовните графичките. Со ваквиот начин на претставување на делата таа ни овозможува различно доживување на еден ист мотив.
#6 Третиот сегмент од поставката претставува дигитален отпечаток за кој се употребени графичките прикази на насликаните дела. Во него мотивот се повторува алтернативно: крајот од низата продолжува со нова низа на мотиви овој пат наредени „огледално“, по обратен редослед. Овој исклучително долг фриз (40 м.) повторно претставува еден „круг“, којшто ја симболизира и почетната намера на Јованова – затворањето на циклусот и, со тоа, негово завршување.
#7 Реализацијата на овој проект е заокружување на подолгиот период на анализирање и обработување на темата „куќа“, како дом и живеалиште, како место каде се чувствуваме безбедни, заштитени. Од друга страна, овие стари градби кои претставуваат наша градителска култура и историја, наше културно наследство, како основен мотив во овој циклус, ја носат пораката на авторката дека нив треба и мора да ги сочуваме.

АвторАлександра Зиновски-Вилиќ
2018-08-21T17:22:01+00:00 ноември 2nd, 2000|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 98|