Кога ќе се вратам од војна

/, Блесок бр. 98/Кога ќе се вратам од војна

Кога ќе се вратам од војна

Кога ќе се вратам од војна
Пробај го ова, драг Вагнер
Мојот народ
Гето
Мал човек во мал град
Утро во маалото
Булевар на Народната револуција
За таму некоја војна

Превод од хрватски: Игор Исаковски

Можеби би требало да отидам во некоја војна.
Вистински маж во вистинска машка ситуација.
Не сум веќе добар во предвидувањето на иднината.
Алкохолизмот го лечам со конзервативен метод.
Имено, се обидувам постапно да престанам.
Како морето влегло во моите стихови? Како сум зел пушка?
Лице во мов, мирис на непозната земја.
Сонувам агави, нашите имиња врежани во еден лист. Ми фалиш.

Кога ќе се вратам од војна ќе те убијам, ќе седнам на каучот,
ќе запалам цигара, ќе оставам да крвавиш на тепихот.
Денеска јадев полжави. Како овде завршивме? Далеку е, предалеку.
Го тетовирав твоето име на подлактницата. Нема да ти се допадне.
Можеби да се обидам да го опишам небото? Мислам дека вчера убив човек.

Кога ќе се вратам од војна ќе ги убијам сите кои те завеле додека не бев тука,
ќе ги убијам пред очите на најмилите онака како што тие мене ме убија
пикајќи се меѓу твоите бедра.
Имам проблем со пишувањето. Црвите. Огнот. Сакатоста. Сепак, најмногу црвите.
Жал ми е за дрвото што вчера го кутнавме. Ме сакаш ли, маченце?
Денеска врне. Наскоро заминуваме в шума. Природата е убава.

Кога ќе се вратам од војна, ќе правам скулптури од жица,
мирно ќе го косам тревникот, ќе садам ружи,
ќе го чувам твоето срце во кутија за накит.
Цел сум слепен од кал. Слушаме радио. Тажна песна за тажни војници.
Едно убиено момченце ме гледаше право в очи. Мочав крв. Велат дека сум настинат.
Кога стигнавме до морето, капетанот си пукаше во слепоочницата.
Ни даваат следување ракија и марихуана. Многумина од нас се неутешни.
Се навикнавме на смртта. Ти пишувам песна, очекувај ја во следното писмо.

На ноќното шкафче моја слика во униформа.

АвторМарко Томаш
2018-08-21T17:22:00+00:00 ноември 2nd, 2000|Categories: Поезија, Блесок бр. 98|